Како СССР продаваше автомобили на Запад

Историја
АЛЕКСЕЈ ТИМОФЕЈЧЕВ
Советскиот Сојуз годишно извезуваше стотици илјади автомобили во западните земји. Моделите како што е Лада не можеше да ги запре ниту железната завеса.

Советскиот Сојуз во педесеттите години од минатиот век формираше посебно државно тело Автоекспорт кое беше задолжено за извоз на автомобили. Од почетокот на шеесеттите години од минатиот век еден од главните производи на продажната листа на оваа организација беше автомобилот Москвич. Москвич-408 добро се продаваше во странство. Дури 55% од производството одеше на извоз. Во Финска во шеесеттите години од минатиот век беше најпопуларен автомобил неколку години.

Важен фактор кога станува збор за популарноста на Москвич-408 беше цената. Тој во Финска чинеше помалку од бубата на Фолксваген. Британскиот магазин „Мотор“ го нарече „руски парадокс“, фалејќи ја конструкцијата на автомобилот, но истакнувајќи дека има проблеми со тресење, со менувачот и со кочниците.

Москвич-412 исто така беше мошне популарен на Запад. „Мотор“ го истакнува неговиот динамизам, но магазинот беше прилично скептичен кога станува збор за удобноста на автомобилот и за неговите кочници.

СССР почна да извезува Лади (со помош на компанијата Фијат) веднаш откако беше изградена новата фабрика за автомобили во Тољати на брегот на Волга на почетокот на седумдесеттите години од минатиот век. Во најуспешните години во странство беа продадени до 100.000 примероци. Ладите се извезуваа во Скандинавија, Франција, Италија, Западна Германија, но и преку океанот – во Канада и во Австралија. Тие беа рекламирани како автомобил кој е добар за егзотични места...

...но и како сигурен семеен автомобил по поволна цена, како што беше случајот во оваа реклама за британскиот пазар:

Фабриката ВАЗ направи специјални верзии на своите автомобили за различни земји. Компанијата понекогаш одлучуваше за намалување на силата на моторот за да избегне дополнително оданочување. Таков беше случајот со популарниот кросовер Лада Нива, кој имаше мотор од 1.3 литри.

Во некои земји советските Лади се продаваа исклучително добро. На пример, во 1986 година над 21.000 возила беа продадени во Франција. Овој советски бренд таа година беше 13 на листата на најпродавани автомобили пред компаниите како што се Волво, Тојота и Нисан. На својот врв во доцните седумдесетти години од минатиот век СССР извезуваше речиси 400.000 возила годишно. Приходот остварен од извозот на автомобили го надмина приходот од продажба на природен гас.

Во доцните осумдесетти години од минатиот век на западниот пазар се појави Лада Самара. Беше дизајнирана во соработка со Порше. Британскиот магазин за автомобилизам пишуваше дека „Лада Самара е стабилен крузер за автопати“. Сепак, магазинот додаде дека „нивото на среденост за британскиот пазар може да се опише како жалосен“. Вака беше рекламирана Самата во Франција:

Советскиот Сојуз не извезуваше само автомобили што ги произведуваше фабриката ВАЗ. Автомобилите на ГАЗ (Горковски Автомобилски Завод) исто така се продаваа во странство. Главно возило на ГАЗ беше Волга. Од доцните шеесетти до средината на осумдесеттите години од минатиот век тоа беше моделот Волга ГАЗ-24. Во СССР се сметаше за автомобил од премиум класа кој често го возеа државните службеници.

ГАЗ-24 се извезуваше во западноевропските земји. Често добиваа нови дизел-мотори од Пежо и кочници од Ровер. Сепак, за ова возило немаше голема побарувачка на Запад, како што имаше за автомобилите на ВАЗ.

СССР ги извезуваше и советските лимузини ГАЗ-14 „Чајка“. Масовното производство на оваа лимузина која беше наменета на државните официјални лица, започна во 1977 година на 60-годишнината од Октомвриската револуција. Десет години подоцна, за време на перестројката, советските власти го стопираа проектот за модернизација на „Чајка“.

ЗАЗ-966 (Запарожец, од украинскиот регион Запорожје) беше серија мали автомобили. Во источниот блок ги нарекуваа „Запо“, а во Советскиот Сојуз го носеа прекарот „ушлест“ поради дизајнот на решетките на ладилникот. На западниот пазар се продаваа под називот „Јалта“ или „Елиет“. Во доцните шеесетти и на почетокот на седумдесеттите години од минатиот век изгледаа мошне модерно и беа популарни во некои скандинавски земји и во Франција.