Друга Бугарија: Што ги поврзува народот од Балканот и муслиманите од брегот на реката Волга

Празникот „Триумф на светиот Болгар“ посветен на Денот на примањето на исламот во Волшка Булгарија.

Празникот „Триумф на светиот Болгар“ посветен на Денот на примањето на исламот во Волшка Булгарија.

Егор Алеев /TASS
Дали сте знаеле дека покрај Бугарија на Балканот постои уште една Бугарија, и тоа во срцето на Русија? Станува збор за територија на устието на реката Кама во Волга каде некогаш живеел туранскиот народ според кој за време на преселбата во раниот среден век називот го добил и словенскиот народ на Балканот. Од овој текст на Russia Beyond-Македонија ќе дознаете како се случило такво нешто.

Сите знаат дека Бугарија е балканска земја каде живее словенскиот народ Бугари. А, сте знаеле ли дека постои и „друга Бугарија“ и тоа среде Русија?

Имено, Бугарите имаат далечни роднини во срцето на Автономната Република Татарстан, во градот кој се нарекува Болгар. Тој, за волја на вистината, не е толку познат како Бугарија, но има исто толку славна историја и е еден од најстарите градови во Русија.

Протобугари: Кубрат и неговите пет сина

Кубрат со семејството

Многу пред доаѓањето на Монголците, во евроазиските степи доминирала големата империја на туранските народи. Тоа биле Протобугарите. Нивната држава ја заземала територијата околу Азовското море (денешна Русија и Украина). Се знае дека тие умееле добро да ја организираат државата, биле вешти воини и насекаде граделе масивни камени тврдини. За време на легендарниот хан Кубрат Протобугарската империја заземала поголем дел од црноморското приморје.

По смртта на Кубрат петтемина негови синови решиле да се разединат. Секој тргнал по својот пат со намера да основа сопствена држава и да управува со неа. Најуспешен бил Аспарух. Тој ја основал Бугарија која и денес постои. Бил успешен и Котраг кој талкал на северот долж Волга.

Ренесанса на Волга

Верници читаат молитва на прославата на 1124 годишнина од примањето на исламот од страна на  Волшките Бугари.

На крајот Бугарите на Котраг (или Булгари) се „скрасиле“ во плодниот појас долж Волга и го основале големиот град Болгар, првиот евроазиски мегаполис. По неколку походи на своите соседи Вошките Бугари (овој назив е вкоренет), основале голема империја во срцето на денешна Русија.

Нивниот владар Ајдај Хан во 922 година го примил исламот, а потоа основал медреси и градел џамии. Оваа држава станала голем посредник на прочуениот Пат на свилата. Надгробните споменици сведочат дека тука постоела голема еврејска и ерменска заедница, а светските патници како што е Ибн Фадлана ги фалеле напорите на ханот поврзани со образованието. Градот Болгар станал центар на исламската цивилизација во Источна Европа.

Тука минале Монголите и Русите, а Болгар и понатаму зазема важно место во Русија. Градот лежи на благ завив на реката Волга. Сочувани се камени тврдини, џамии и гробници кои сведочат за негогашната моќна држава каде зданијата се ѕидани од камен.

Овие остатоци од Поволшките Бугари се разгледуваат како прататковина на сите муслимани кои денес живеат долж Волга, особено на Татарите и на Башкирите. Еднаш годишно тие доаѓаат во Болгар на аџилак познат како „Мал аџилак“. И денес многумина руски Татари сметаат дека тие, пред сѐ, се по потекло Бугари.

Национално значење

Остатоци од древниот град Болгар на Волга, главниот град на средновековната Волшко-Камска Бугарија (основан во 10 век). Споменици од 13 и од 14 век. Големо минаре и урнатините на Главната џамија од 14 век. Во позадина е Храмот на Успение на Пресвета Богородица од 18 век.

Болгар не е обичен локален споменик на културата. Тоа е официјален објект на светското културно наследство на Унеско. Тој е признаен како нераскинлив дел од историјата на целиот руски народ. Болгар е првиот со закон заштитен објект на културното наследство во цела Русија.

Петар Први во јули 1722 година лично му наредил на казањскиот губернатор да го реновира ова место:

„Господине губернатор! Во текот на мојот престој во Болгар видовме дека старите болгарски камбани се урнати. Тие мора да бидат обновени. За таа цел сега испратете 12 или 15 ѕидари“.

Работата е во тоа што на овие простори пред Зимскиот дворец, Кремљ или Новгород постоел Болгар со својата мистериозна цивилиаија која некогаш господарела со дел од Источна Европа.

Што треба да се види во Болгар?

Џамијата Ак Џами во градот Болгар, празникот Изге Болгар Чиени е посветен на денот на примањето на исламот во Волшка Булгарија.

Џамијата Ак Џами во градот Болгар, празникот Изге Болгар Чиени е посветен на денот на примањето на исламот во Волшка Булгарија.

До Болгар е најлесно да се стаса од Казањ. Хидроглисери секојдневно пловат по Волга долж нејзиниот живописен брег. Ова историско место е на убаво место на брегот на Волга, има мало пристаниште и археолошки музеј.

Поголемиот дел од урнатините во Болгар потекнуваат од периодот кога овој град бил престолнина на Златната орда во 13 век. На релјефот на овој терен се оцртуваат мавзолеи, дворци, џамии и православни храмови. Задолжително посетете ја главната џамија, Црната сала и Источниот мавзолеј, гробницата на болгарското благородништво стара 700 години. Не заборавете да ги погледнете остатоците од огромниот хански дворец и скриениот извор Габдрахман, чија вода, како што велат, има лековити својства.

И новите градби во Болгар се исто така интересни. „Меморијалниот знак“ е посветен на примањето на исламот. Во него се наоѓа најголемиот печатен Коран на светот (тежок е 500 килограми!). Масивната Бела џамија е реконструкција на древната џамија која се наоѓала на ова место, а која била урната во 15 век. Целиот овој комплекс е вистински бисер на татарската архитектура.

Ако сакате да дознаете повеќе за муслиманството во Русија, прочитајте за Република Дагестан. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња