Седум нешта што треба да ги знаете пред да ја посетите Чеченија

Елена Афонина/TASS
Порано Чеченија беше мошне опасно подрачје, а денес е еден од најбезбедните региони во Русија. Сепак, би требало да знаете неколку работи пред да ја посетите Чеченија.

Безбедно ли е да се оди во Чеченија?

Да. Безбедно е, но не треба да не се земе предвид дека тоа е конзервативно подрачје со муслиманско мнозинство. Не можете да се однесувате разуздано како да сте на пуст остров – кафеански тепачки и скандали не доаѓаат предвид.

Тукашната полиција секогаш ќе биде учтива кон вас, но во секоја спорна ситуација, без никакво колебање, ќе ви ги свие рацете и ќе ви стави лисици.

Покрај тоа, локалните полицајци можат брзо и лесно да посегнат по оружје. Во Чеченија секој полицаец е вооружен со пиштол и со модернизиран автомат Калашников. Тие навистина знаат да управуваат со оружје зашто тоа е таков регион – со децении во овие краишта ашикувале терористички банди, сè дури кон крајот на минатата деценија не беше применета ефикасна антитерористичка стратегија во овој регион. Денес во Чеченија сигурно нема да ви пријде злонамерен човек.

Значи, од една страна не доаѓаат скандалозни пијанки, а од друга сте сосема безбедни.

Како да се стаса до Чеченија?

Постојат два начина. Едниот е директен лет од Москва до Грозни. Од московкиот аеродром „Внуково“ авиони летаат во двата правци двапати дневно. Ова е најбрзиот и наједноставен начин да стасате во Чеченија.

Вториот начин е до надземно средство. Грозни се наоѓа на 1.850 километри јужно од Москва. Ќе уживате во патувањето низ Русија по сосема нови патишта. Воедно ќе минете низ големите градови Воронеж и Ростов на Дон. Овој Начин е подобар доколку попатно сакате да го видите и југот на Русија, а не само Чеченија.

Како да се однесувате со мештаните?

Овој регион пред само 10 години беше жариште на борбени дејствија, но Чечените се мошне комуникативни и љубопитни луѓе. Тие никогаш не биле во можност да дочекаат многу туристи зашто сè уште се свежи сеќавањата на неодамнешното минато, но се радуваат на секоја посета и ќе направат сè за туристите да уживаат во убавините на Чеченија.

Мало предупредување: доколку се запознаете со мештани и тие ве повикаат на вечера, никогаш не одбивајте го тоа. Доколку не можете тој ден, посетете ги следниот или некој нареден ден. Во спротивно ќе ги навредите.

Гостопримството и грижата за гостите се светиња за муслиманите, уште повеќе во регион кој неодамна бил зафатен со воени дејствија. Тие имаат голема желба да покажат колку светот околу нив се променил на подобро, така што понекогаш дури и претеруваат со искажувањето на гостопримството.

Облека

Чеченија како регион со мнозинско муслиманско население има определени правила на облекување.

Тука девојките не носат облека со разголени нозе и раце, а да не зборуваме за длабоко деколте. Ваквото облекување може да има несакани последници.

Кога станува збор за облекувањето на мажите, немојте да носите шорцеви и модерни маици, „ако сакате да ве почитуваат“, ни вели еден тукашен туристички водич.

Што треба да посетите?

Во старт треба да се помирите со тоа дека во Чеченија нема да има ни пијанка, ни „грас“, ниту нешто слично. Нема дури ни тутун, ниту наргиле. Ништо од тоа не може да се најде дури ни во луксузните хотели и ресторани – таква е муслиманската традиција. Со оглед на тоа дека немаат други можности, тукашните жители водат здрав живот. Нивните интереси се главно поврзани за спортот, културата, оружјето и за патувањата. Се чини дека оваа невообичаена комбинација на различни интереси функционира многу добро.

За Чеченија спортот е светиња зашто тие својот планински регион го доживуваат како татковина на воините. Секој маж во Чеченија барем еднаш се пробал во боречки вештини. Нашиот туристички водич пред сè ми ја покажа борбата на неговиот син на локалниот турнир во џудо. Натпреварувањето беше организирано во руинирана спортска сала во која од ѕидовите понекаде паднал малтерот. Но, затоа салата беше преполна. Тукашните жители следат спорт. Во Чеченија има неколку големи спортски арени кои се изградени неодамна токму за ваквите натпревари. Најубава меѓу нив е „Ахмат-Арена“.

Доколку сакате културни настани и имате желба да ги посетите местата каде тие се случуваат треба да одите во Централниот театар, како и во „Срцето на Чеченија“ – најголемата џамија во регионот. И театарот и џамијата се наоѓаат во Грозни.

Ако сакате оружје, тогаш патувањето во Чеченија секако ќе ви се допадне. Првиот човек на Чеченија Рамзан Кадиров лично ја контролира изградбата на Центарот за обука на специјални единици кој е оддалечен од Грозни 33 километри, во близина на градот Гудермес.

Определени сегменти од овој центар се сè уште во фаза на изградба, но веќе се отворени стрелачниците каде може да се пука „од сите расположливи средства“, започнувајќи од пиштол па сè до митралез со голем калибар и фрлач на гранати (да, добро прочитавте). А, кога ќе биде завршен целиот центар во 2020 година, ќе можете да одите на подводно гаѓање и деминирање. Тогаш ќе можете да пукате од она оружје кое ви се допаѓа, дури и на полигони со имитација на песочна бура.

Покрај пукањето и експлозиите, би ви препорачал да заминете на некоја екскурзија. Ако сакате пешачење и алпинизам, Чеченија е вистинското место за вас. Може да тргнете од Грозни во која било насока. Целата околина е преполна со убави пејзажи.

Храна

Бидете сигурни дека во Чеченија нема да најдете прасешко.

Задолжително пробајте ги тукашниот шашлик и ќебап, особено од јагнешко. Има многу кафе-ресторани со локални специјалитети. Секој таксист ќе ве одведе на такво место за најмногу 20 минути зашто Грозни во споредба со Москва е мал град.

Што треба да знаете пред да тргнете во Чеченија?

Пред тргнување продајте девизи и купете рубли.

Ќе ви биде потребна готовина зашто ништо нема да може да платите со платежна картичка (освен во големите модерни ресторани и хотели каде нема ни да трошите време ако сакате да ја доживеете локалната култура).

Не трудете се да воспоставите интимна врска со некоја тукашна девојка. Имајте предвид дека доаѓате во конзервативен крај каде жената може да оди на состанок само во придружба на членовите на семејството, пред сè на таткото. Во Чеченија нема девојки кои се регистрирани на Тиндер – проверивме специјално за вас.

Мојот најважен совет е секогаш да бидете отворени и комуникативни. Така ќе ја запознаете Чеченија од сосема поинаков агол од оној во кој овој регион се прикажува во некои медиуми.

Значи, ако сакате да стекнете ново искуство и да истражите нешто што досега не сте го запознале, Чеченија е секако место кое треба да се посети.

Погледнете го видеото Грозни-престолнината на Чеченија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња