Зошто СССР испраќал странски космонаути во космосот?

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Советската програма „Интеркосмос“ им нудел на многу земји уникатна можност да испратат свои космонаути во космосот на советски вселенски бродови. За поголемиот број земји ова била и единствена можност.

Откако Јуриј Гагарин и Џон Глен летаа во отворен космос на почетокот на шеесетите години од минатиот век двете светски суперсили фактички го „присвоија“ космичкиот простор. Во тек од петнаесет години само космонаути од САД и од СССР летаа во вселената.

Но, кон средината на седумдесеттите години од минатиот век ситуацијата почна да се менува. САД најавија дека на лет во космосот ќе го примат првиот космонаут кој не е од Америка, ами од друга сојузничка земја. СССР не можеше да им дозволи на капиталистите да го надминат во поглед на ова прашање и реши пред нив да испрати во космосот претставници на „братските социјалистички земји“.

Советски сојузници во космосот

Така настана програмата „Интеркосмос“ чија суштина, покрај заедничките научни истражувања, се состоеше во придружување на претставници на пријателските земји на советските екипажи, и тоа во својство на „космонаут-истражувач“, и вклучување на определената земја во освојувањето на космосот. Веднаш се постави прашањето на кој странец ќе му припадне честа да биде прв.

Во изборот на кандидатот клучна улога одиграла политиката. Приоритет имале претставниците на важните сојузнички земји на СССР во Источниот блок – Источна Германија, Чехословачка и Полска.

„Не можеше да лета Виетнамец пред Германец од Источна Германија. Оној што има повеќе влијание, тој прв испраќа свој космонаут“, вели пензионираниот генерал-лајтенант на КГБ Николај Леонов.

Изборот на крајот падна на Чехословачка со која односите беа прилично лоши по Прашката пролет од 1968 година. Десет години по овие настани (1978) на бродот „Сојуз-28“ во космосот заедно со советските колеги леташе Владимир Ремек, првиот космонаут од земја која не беше космичка сила.

„Бев свесен дека сум првиот космонаут на светот кој лета во космосот, а не е претставник на САД или на СССР, ами на друга земја. Поради тоа се трудев идеално да се подготвам... По враќањето од космосот веднаш станав познат во Чехословачка. Не можев да поминам на улица, сите ми обрнуваа внимание“, се сеќава Ремек.

По Ремек истата година во космосот полетаа и Мирослав Гермашевски од Полска и Зигмунд Јен од Источна Германија. По оваа важна тројка, се придружија и други сојузници од Источниот блок: Романија, Унгарија и Бугарија.

Можноста да испратат свои космонаути во вселената заедно со советските екипажи ја искористија и земјите кои беа пријателски наклонети кон СССР – Виетнам, Индија, Куба, Монголија, Сирија, па дури и Авганистан каде во тоа време (1988 година) беснееше граѓанска војна.

„Тука имаше морално-политичка компонента – требаше да се крене моралот на Виетнам по војната со Америка. Исто така и на нашите пријатели Монголци кои сто години ни беа верни до гроба. Потребно беше да им се заблагодариме на овој начин, односно со лет на нивен космонаут“, истакнува Александар Глушко, експерт за пилотирана космонавтика.

Еден космонаут од Западот

Единствениот претставник на западните земји кој леташе во космосот на советски вселенски брод беше францускиот воен пилот Жан Кретиен. СССР тогаш беше во добри односи со Франција, така што претставникот на капиталистичкиот свет доби зелено светло.

Кретиен двапати леташе во космосот на советски вселенски бродови – во 1982 и во 1988 година, па дури и доби звање херој на Советскиот Сојуз. „Бев неверојатно горд. Пред мене оваа најголема награда ја имаа добиено само неколку Французи кои се бореа во авијатичкиот полк Нормандија-Неман“, вели Кретиен.

Францускиот космонаут со топлина зборува за заедничката работа со советските колеги во Центарот за подготовка на космонаути во Ѕвездениот град: „Тоа беше вистинско семејство во кое владееше братска атмосфера... Таму оставив половина од своето срце. Чувствувам носталгија и кога имам можност одам во Русија кај своите пријатели“.

Програмата „Интеркосмос“ беше прекината во 1991 година заедно со распадот на СССР. Во рамките на оваа програма тринаесет „некосмички“ земји зедоа учество во освојувањето на космосот и испратија свои космонаути во вселената. За поголемиот број земји ова до денешен ден е единствената можност за испраќање на свои космонаути во вселената.

Со завршувањето на Студената војна политичката компонента во космичкото натпреварување е потисната на втор план. Од почетокот на деведесеттите години од минатиот век странци од западните земји земаат учество во летови на мешовити екипажи на руските вселенски бродови.

Прочитајте повеќе: Како руски космонаут кој го снима своето секојдневие во вселената ги импресионира Американците