„Јуриш на мртовци“: Како смртно ранети руски војници ја запреа германската офанзива

Василиј Нестеренко
Десетина руски војници во Првата светска војна по еден хемиски напад се најдоа под страшно дејство на бојни отрови, но смогнаа сили да тргнат во контранапад и да ги натераат Германците на панично бегство.

Кога на 6 август 1915 година Германците ја нападнале руската тврдина Осовец со смртоносни бојни отрови, се чинеше дека рускиот гарнизон нема да преживее.

Гасните маски што ги поседувале Русите не можеле да ги заштитат, така што сите биле практично осудени на смрт. Германците мислеле дека им преостаналo да си „дојдат“ во тврдината, но оваа нивна „прошетка“ преминала во вистински кошмар.

Наместо да најдат еден куп трупови, Германците наишле на руски војници кои личеле на мртовци, но кои незапирливо тргнале во напад. Биле замотани во крвави крпи, искашлувале крв и ги користеле последните атоми сила, но сепак ги протерале запрепастените Германци во бегство. Овој напад влегол во историјата како „јуриш на мртовци“.

Нескршлив дух

Тврдината Осовец се наоѓа во близина на полскиот град Бјалосток. Таа за Германците била „коска во грлото“ зашто им ги задржувала трупите на североистокот од Полска и го спречувала нивното понатамошно напредување.

Тврдината првпат била нападната во септември 1914 година, но благодарение на авионите и на артилеријата ги издржала сите непријателски напади. По неуспешните обиди да го заземат ова руско упориште, Германците презеле подрастични мерки.

Сергеј Хмељков

На шести август 1915 година пуштиле хлорин во тврдината. Сергеј Хмељков, еден од бранителите на тврдината кој го преживеал овој напад со боен отров, подоцна напишал: „Сите кои беа на отворено во тврдината беа смртно отруени... Тревата поцрни, латиците на цвеќињата отпаднаа... Месото, путерот, сланината и зеленчукот беа контаминирани и повеќе не беа за употреба“.

Катастрофа

„Тврдината воопшто не беше подготвена за бојни отрови. Не постоеја никакви планови, ниту средства за колективна и за индивидуална заштита во гарнизонот. Постоеја само гас-маски, но од нив немаше многу полза“, напишал Хмељков.

Во поголемиот број објекти и утврдени положби немало вештачка вентилација, ниту какви било генератори на кислород.

Три чети од 226 Копнен полк биле уништени. Преживеале околу 100 војници од Четвртата чета. Германските војници ставиле гас-маски и незабележливо тргнале кон тврдината, уверени дека целиот гарнизон бил целосно уништен.

Јуришот на мртовци

Првата линија на руската одбрана била совладана и непријателот ги минал ѕидините и влегол во тврдината. Но, тука го дочекале преживеаните војници на Тринаесеттата чета на чело со потпоручникот В. Котлински. Тие тргнале во легендарниот контранапад кој денес е познат како „јуриш на мртовци“.

Владимир Котлински

„Не можам да го опишам гневот со кој нашите војници јуришаа на своите трујачи Германци. Разјарените руски војници не можеше да ги запре ниту силниот оган од пушките и митралезите, ниту шрапнелите кои свиреа на сите страни“, напишал во 1915 година во весникот „Псковски живот“ еден непознат преживеан учесник на овој напад.

Шеесет руски војници отворија оган. Лицата им беа замотани во крвави ткаенини, тие се тресеа, кашлаа и исплукуваа делчиња од своите бели дробови на искрвавените кошули. „Така измачени и отруени тргнаа на јуриш со една единствена цел: да ги испотепаат Германците“, пишува очевидецот.

Запрепастени од изгледот на „мртвите“ руски војници и од силата на нивниот напад, Германците се дале во панично бегство, оставајќи ги митралезите и паѓајќи во смртоносната клопка од бодликава жица која самите претходно ја поставиле.

Искористувајќи го факторот на изненадување 8 и 14 четата повторно го зазеле главниот бедем и ги вратиле Германците на почетната положба. Водачот на „јуришот на мртовците“ и спасител на тврдината потпоручникот Котлински бил тешко ранет и истата вечер им подлегнал на раните.

Напуштањето на Осовец

И покрај храброста на руските војници, тврдината долго време немало кој да ја брани. Во април и во мај 1915 година австриски и германски единици извршиле пробој на рускиот фронт во Источна Прусија и Галиција.

Осовец во септември во 1915 година. Германска фотографија.

Тврдината до август го покривала стратешкото повлекување на руските единици, а понатамошната одбрана на тврдината немала смисла. Рускиот гарнизон на 22 август го напуштил Осовец организирано и без загуби, уништувајќи ги главните бедеми и утврдените положби.

Со контранападот што го предводел Котлински е спречен обидот на Германците да ја заземат тврдината и спасени се илјадници човечки животи. Приказната за овој историски настан би била сосема поинаква доколку германскиот напад од 6 август бил успешен.

Прочитајте уште: Отровен воздух: Хемиско оружје против Русија во Првата светска војна

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња