Отровен воздух: Хемиско оружје против Русија во Првата светска војна

Wikipedia
Еден од најбруталните видови оружје, хемиското, за првпат е користено во Првата светска војна, а околу половина од сите негови жртви во текот на војната биле руските војници.

Смртоносните бојни отрови за првпат се користени на бојното поле на 22 април 1915 година во близина на белгискиот град Ипар каде германската војска се обидела да го скрши отпорот на француските војници.

Како започна сè

Германците прво во близина на релата пуштиле околу 170 тони хлор, на дел од фронтот во должина од 6 километри. Штом задувал ветрот во вистинскиот правец – кон француската војска – пуштиле гас од 6.000 боци. До Французите дошле жолто-зелени облаци од хлор, а тоа предизвикало панично напуштање на рововите, пишува во книгата „Заборавената хемиска војна 1915-1918“ на професорот Михаил Супотницки.

„Реакцијата на Французите била разбирлива. „Човек кој се нашол во таков облак умирал за неколку минути. Благодарение на хлорот, германските воени хемичари за првпат успеале да остварат два основни услови потребни за успех на хемиски напад – масовна примена на бојни отрови и максимална концентрација на гасен облак“, објаснува Супотницки.

Доколку Германците имале резервни сили кои во тој момент би го пробиле фронтот, би можеле да ја добијат војната, смета Супотницки. „Но немало резерви, а малиот тактички успех на Германците кај Ипар послужил како сигнал за почеток на обострана хемиска војна“, заклучува научникот.

Хемиско оружје против Русија

Хемиското оружје на рускиот фронт за првпат било користено кон крајот на јануари 1915 година на подрачјето на Полска. Тогаш, меѓутоа, температурата на возудхот била мошне ниска, па руските единици не претрпеле сериозни загуби.

Масовна хемиска војна против руската војска започнала на 31 мај 1915 година. Речиси целосното отсуство на дрвја овозможило облак од гас да продре до 10 километри во руските единици.

Искуството од Ипар на Германија ѝ дало причина да верува дека победата над руската војска е неминовна. „Сепак, издржливиста на рускиот војник и добро поставената одбрана ѝ овозможиле на руската команда да одбие единаесет обиди за офанзива по пуштање гас. Тогаш од отровниот гас настрадале 9.036 војници и офицери, 1.183 загинале. Истиот ден Германците изгубиле 116 борци“, пишува во својата книга „Хемиското оружје на бојното поле во Светската војна 1914-1918“ Александар де Лазари, првиот руски научник кој се занимавал со историјата на хемиското оружје.

Но, сето тоа само ја натерало Русија да влезе во хемиска војна и да создаде сопствено хемиско оружје.

Хлор за царот

Рускиот генерал Николај Јанушкевич еден ден по нападот му испратил на воениот министер порака дека руската војска мора да има хемиско оружје. Излегло дека оваа задача не е лесна зашто руската хемиска индустрија зависела од германските фабрики.

Германската војска користи хеммиско оружје

Русија морала самостојно да го зголеми производството на хемиското оружје. Хлор почнал да се произведува во фабрики во Самара, Рубежни, Саратов и во Вјатовската губернија. Во август 1915 година Русите ги имале првите два тона течен хлор, а од октомври руската војска веќе имала хемиски единици.

Михаил Супотницки е фасциниран од работата на руските воени хемичари. „За една година од ништо и без странска помош создале воено-хемиска индустрија и направиле неколку видови отров за восјката“, истакнува стручњакот.

Ново оружје на Русија

Русите за првпат користеле хемиско оружје во мартовската офанзива од 1916 година на подрачјето на езерото Нарач (Белорусија). Во напад тргнале на барање на сојузниците за да ја одвратат Германија од напад на Верден. Нападот ја „чинело“ руската војска 80 илјади убиени и ранети. Руското раководство дури тогаш се запознавало со можностите на хемиското оружје во борба.

Руските единици до крајот на 1916 година станале мошне вешти во користењето хемиско оружје, а добиле и гас-маски. Германскиот напад од 7 јануари 1917 година против Северниот фронт минал без загуби благодарение на гас-маските и на дисциплината на руските војници. Руската војска го извела последниот гасен напад во близина на Рига во јануари 1917 година, но и германската војска на време ставила гас-маски и немала големи загуби.

Сепак, по Првата светска војна, светот стана свесен за страшната сила на хемиското оружје.

Прочитајте уште: Заборавените руски херои од Првата светска војна

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња