Шефовите на руската мафија: Како четворицата најпознати криминалци ја „завршија кариерата“

Историја
ОЛЕГ ЕГОРОВ
Тие преку рекет и насилство создаваа моќни криминални империи, но колку повеќе се искачуваа на таа хиерархија, толку потежок е нивниот пад.

Светот на криминалот во Русија е мошне специфичен. Рускиот криминал има свои босови, односно „авторитети“ за кои се вели дека се „крадци по закон“(„воры в законе“). Тие живеат по строги непишани правила (не контактираат и не соработуваат со властите) и имаат голем углед во криминалните кругови. Малкумина се оние кои навистина ги почитуваат сите непишани правила (во рускиот жаргон тоа се „сфаќања“, односно „понятия“), но без тие правила е мошне тешко да се пробиеш до врвот на руското подземје.

Уште во текот на деведесеттите години од минатиот век светот на криминалот во постсоветска Русија беше вжештен зашто млади и немилосрдни гангстери го доведуваа во прашање авторитетот на старите „крадци по закон“, а бандите и клановите се бореа за зони на влијание. Во тие воени подземја имаше многу мртви. Тука ќе стане збор за четворицата најпознати руски гангстери. Тројца се веќе убиени, а четвртиот е сè уште жив и наскоро излегува од еден затвор за да заврши во друг.

Сергеј Тимофеев (Силвестер)

Тимофеев го добил прекарот Силвестер зашто ги сакал филмовите „Рамбо“ и „Роки“. Беше на чело на највлијателната московска банда чија „база“ беше во Орехово. На почетокот на деведесеттите години од минатиот век, на врвот од својата кариера, Силвестер контролираше над 30 банки и сите пазари во градот. Неговото богатство се мереше со милијарди рубли. Тоа е прилично успешен продор во светот на криминалот за човек кој претходно бил тракторист.

За Тимофеев често се зборуваше дека е „генерален директор на московската мафија“. Тој ѝ припаѓаше на новата генерација криминалци од деведесеттите години на минатиот век кои ги презираа „сфаќањата“ и старите „крадци по закон“. „Тој не ги прифати тие правила, ниту, пак, му беа потребни“, вели постариот полицаец Александар Гуров. „Војниците“ на Силвестер беа исклучително брутални – не се плашеа ниту да мачат, ниту да убиваат деца.

Тимофеев имаше толку непријатели што сè уште не е јасно кој го крена во воздух неговиот мерцедес на 13 септември 1994 година. Се зборува дека Силвестер ја инсценирал својата смрт, а потоа исчезнал со своите пари, оставајќи ги другите мафијаши да се борат за неговиот трон.

Вјачеслав Иванков (Јапончик)

Иванков, односно Јапончик (во превод: Јапонче), за разлика од Силвестер беше „крадец по закон“ од стариот ков. Тој е еден од првите кој применуваше рекет и уцена за изнудување пари од бизнисмените во текот на седумдесеттите години од минатиот век. Јапончик уживаше голем авторитет. Собираше таканаречен „обшчак“ (крадечки заеднички фонд), а оваа привилегија ја имаа ретки луѓе на врвот од руската мафија.

Иванков беше в затвор во текот на осумдесеттите години од минатиот век. Излезе на слобода дури во 1991 година и веднаш зеде учество во судирот помеѓу словенските и кавкаските банди. Една година подоцна реши да започне сè од почеток и замина од Русија во САД. Американците не го прифатија со раширени раце – го затворија во 1995 година на 9 години.

„Ме обвинија за сите можни злосторства. Но, јас не се обидував да ја силувам Статуата на слободата, ниту го бомбардирав Перл Харбор!“, велеше Иванков. (Тој е фактички осуден за рекет и за стапување во фиктивен брак). Кога во 2004 година излезе од затвор се врати во Русија каде го потврди својот статус на стар „крадец по закон“ и се здружи со друг криминалец со ист статус, Дедо Хасан. Кариерата му заврши ненадејно во 2009 година кога беше убиен од снајперска пушка во центарот на Москва.

Аслан Усојан (Дедо Хасан)

Многумина криминалисти сметаат дека токму Усојан (а, не Јапончик) бил главен бос на мафијата во Русија во последната деценија на минатиот и во првата деценија на овој век. „Тој сосема го потисна Иванков во заден план“, се наведува на сајтот PrimeCrime.

Со децении Хасан успешно излегуваше на крај со другите шефови од руското подземје. Тој беше Курд по националност и имаше сомнителна репутација во круговите на „крадци по закон“. Многумина од нив сметаа дека е премногу либерален и дека не живее во согласност со „сфаќањата“. Усојан ги победи своите ривали во бруталните војни на подземјето. „На пример, во неговата војна за преземање на контролата над претпријатијата од браќата Оганов загинаа околу 150 луѓе“, пишува PrimeCrime.

„Дедо“ со железна рака управуваше со светот на криминалот, применувајќи го кон своите непријатели правилото „раскарај, па владеј“. Не му падна на ум да се повлече, ниту би го сторил тоа. Но, тоа го направи снајперски куршум во 2013 година. Веста за убиството на Дедо Хасан одекна како гром во јавноста. Меѓу другото, тоа можеше да се очекува зашто шефовите на мафијата ретко умираат од природна смрт.

Тариел Ониани (Таро)

Засега не се знае кој го нарачал убиството на Јапончик и на Дедо Хасан, но најголем сомнеж паѓа на нивниот поранешен бизнис-партнер Тариел Ониани (Таро), влијателен „крадец по закон“ од Грузија. Тој и Хасан уште во текот на деведесеттите години од минатиот век заеднички отворија работа за перење пари во Шпанија, пишува изданието “Совершенно секретно“(sovsekretno.ru): Оваа пералница беше толку успешна што ја користеа и други групации од руското подземје“.

Шпанската полиција во 2005 година ја осуети оваа работа и Таро се врати во Русија каде се спротивставија неговите и интересите на Хасан и на Јапончик. Дедо Хасан победи, а Ониани во 2009 година беше осуден на 10 години затвор за рекет и киднапирање. „Кога беше уапсен, Таро во светот на криминалот го имаше речиси истиот статус како Хасан“, истакнува информативно-аналитичката агенција Росбалт. „Но, Дедо направи сè за да го уништи Таро“.

Хасан, Јапончик и сите нивни сојузници во 2009 година им упатија писмо на сите „крадци по закон“ во затвор, барајќи од нив Таро да го третираат како „кучка“ и да „дејствуваат во согласност со тоа“, што обично подразбира убиство. Сепак, Таро преживеа и сега неговата затворска казна се ближи кон крајот, а двајцата негови непријатели се ликвидирани. Но, сега Таро се соочува со друг проблем. Имено, кога ќе излезе од затвор може да ѝ биде предаден на Шпанија и повторно да заврши зад решетки.

Дали сте слушнале за кралицата на руските крадци? Прочитајте интересна сторија за Соња „Златната рака“