Ракети за Кастро: Како Советскиот Сојуз ги надмудри САД 1962 година

TASS
Тајното преместување на нуклеарни ракети и десетина илјади советски војници 1962 година на Куба и ден-денес се смета за една од најдобрите воени операции во историјата на Русија.

Кулминација на студената војна 1962 година. Москва не се чувствува претерано сигурно во судирот со Вашингтон: СССР сериозно губи од САД во нуклеарното вооружување. САД располагаат со 6000 нуклеарни боеви глави кои можат да долетаа до СССР, додека СССР може да возврати со само 300 нуклеарни боеви глави.

На Кремљ особено не му е мило распоредувањето на американски нуклеарни ракети во непосредна близина на своите граници, не само во Западна Европа (Западна Германија, Холандија и Белгија), туку и во Турција од 1961. Времето потребно една ракета да долета до Москва се скрати на 10 минути. Доколку САД и СССР би влегле во војна, Москва едноставно не би стигнала да му одговори на Вашингтон со осветнички напад.  

Прекуокеански сојузник

Токму тогаш Москва решава да фрли поглед на револуцијата на Куба, каде од 1959 година владее Фидел Кастро. По национализацијата на американскиот имот, САД ѝ објавуваат на Куба санкции. Соработката со СССР беше спас за Кубанците и Фидел, затоа што Советите фактички бесплатно праќаа жито и гориво, тенкови и авиони. 

Фидел Кастро

Истовремено, односите меѓу Куба и САД максимално се заострија и тогаш Москва го увери Кастро дека единствено советското нуклеарно оружје може да го натера Џон Кенеди да го смени својот однос спрема Куба. Водачот на кубанската револуција се согласи за распоредување на советски нуклеарни ракети.

Ризичен план

Вашингтон го следеше секое парче воена техника кое доаѓа до островот, па така СССР мораше да ги пренесе ракетите во строга тајност. Со планот се занимаваше маршалот Иван Баграмјан. Операцијата го доби називот „Анадир“ (град на крајниот североисток на Русија). Според мислењето на стратезите, таквиот назив би ги довел во заблуда и најискусните шпиони.

Иван Баграмјан

На сите војници кои учествуваа во операцијата им е поделена зимска опрема: чизми за снег и скии и беа сигурни дека ги водат на Чукотка. Нуклеарните балистички ракети беа камуфлирани како земјоделски машини со големи габарити.

За вистинската цел на операцијата знаеше само тесен круг на луѓе во самиот воен врв. Прво за Куба полетаа војниците одговорни за монтажа на лансирните рампи. Патувањето на останатите војници (повеќе од 50000 луѓе) е изведено во ужасни услови: поминаа повеќе седмици затворени во кабините на бродовите кои од осум советски пристаништа испловија кон Куба. Првиот брод исплови на 10 јули 1969.

Долг пат

На војниците им беше забрането да излегуваат на палуба, а никој од нив не знаеше ни каде се упатиле. „Самите капетани на бродовите дури по првата недела од патот дознаваа дека пловат кон Куба. Имаа три затворени коверти и ги отвораа кога добиваа наредба за тоа, една по една. Во првата пишуваше да поминат низ Босфорот, потоа да заземат курс кон Гибралтар и дури во Атлантскиот океан ќе ја дознаеја конечната дестинација“, пишува во својата книга советскиот разузнавач Александар Феклисов.

Друг учесник во операцијата, Николај Обидин, се присетува во своите мемоари: „Во писмото што го извадивме од тајниот коверт пишуваше: „Конечна дестинација Куба, Хавана“. Мајко мила! Значи затоа нивниот министер за одбрана Раул Кастро доаѓаше во Москва. Едвај ги поминавме Азорските острови и Американците почнаа да нѐ надлетуваат. Летаа ниско, ни дадоа до знаење дека сме им сомнителни. Потоа наидувавме на нивни воени бродови. Еден, па два. Бараа да им одговориме каде пловиме и што превезуваме. Одговаравме дека товарот е од комерцијална природа и дека пловиме кон Хавана“.

Советски брод со нуклеарни ракети

Поради тајноста на мисијата, советските војници мораа да изгледаат како локални жители и успеаја во тоа. Американските пилоти пренесоа дека бродовите пренесуваат јаглен и туристи. Ни на крај на памет не им беше дека се работи за нуклеарно оружје и војници. На почетокот на септември првите ракети пристигнаа на Куба.

P2V Neptune, американски патролен брод надлетува советски товарен брод во текот на Кубанската криза.

Планот е откриен

Успехот на СССР во голема мера е спој на низа среќни околности. На 9 септември Кинезите соборија американски извидувачки авион и вниманието на САД беше насочено врз Кина. Шпионските авиони U2 ги снимија руските ракети на Куба дури на 14 октомври.

„Фотографиите ги шокираа американските генерали. Кенеди на 16 октомври дозна за позициите на лансирните рампи со балистички ракети. Се смета дека токму 16 октомври е почетокот на тнр. Кубанска криза“, пишува Александар Феклисов.

Џон Кенеди

На 20 октомври е донесена одлука за блокада на Куба, на 24 американските војници ги затворија сите поморски патишта кон островот, а на 25 САД на седница на ОН изнесе докази за советските ракети на Куба.

СССР донесе одлука да ги повика назад сите свои бродови во Атлантикот. Токму затоа ракетите Р-14 кои би достигнале секоја точка на САД, освен северозападните држави, на крајот не стигнаа до Куба. Во моментот на почнувањето на Кубанската криза, на Куба имаше распоредено 36 нуклеарни боеви глави. Тајните преговори меѓу САД и СССР почнаа на 26 октомври. Компромисот е постигнат: Вашингтон вети дека ќе ги повлече своите ракети од Турција, а Москва своите од Куба.

Раководството на СССР ја оцени „Анадир” како извонредна операција на своите вооружени сили и 1963 година стотиците учесници во операцијата беа наградени со ордени.

Прочитајте повеќе: Зошто Фидел Кастро гранатирал американски брод од руски тенк

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња