Претседателот на Куба во текот на неговата посета на Париз на 15 март, 1995 година. Кубанскиот лидер Кастро изјави на 19 февруари 2008 година дека нема да се врати да ја води земјата и се повлече како шеф на државата 49 години откако дојде на власт со вооружена револуција.
РојтерсФидел Кастро, лидерот на кубанската револуција и една од најзначајните фигури на 20 век, почина во 91 година од животот. Тој вети дека Куба „никогаш нема да ја прекине борбата за мир и за благосостојба на сите луѓе“, сметаше дека животот без идеи не вреди ништо и до последниот ден беше идол на левата идеологија во сиот свет. Тој самиот велеше, дека доколку на Олимписките игри има награда за начини за преживување, тој би го добил златниот медал.
Во Русија, со која Кастро отсекогаш го врзуваа топли односи, веста за смртта на ел команданте многумина ја дочекаа со жалење, луѓето положуваат цвеќе пред резиденцијата на амбасадорот на Куба. Претседателот на РФ Владимир Путин го нарекуваше „симбол на цела епоха на најновата светска историја“. „Слободната и независна Куба која ја изградија тој и неговите соработници стана влијателен член на меѓународното општество и послужи како пример кој инспирираше многу земји и народи“, се вели во телеграмата на претседателот до народот и до властите на Куба.
„Кастро беше дел од плејадата на Големите, кои го сменија светот“, напиша на својот профил на Твитер поранешниот прв човек на комитетот за меѓународни односи на Државната дума Алексеј Пушков, кој беше еден од првите во Русија што изрази сочувство, а потоа го додаде твитот: „Кастро докажа: може 55 години да се биде објект на притисок и на економска војна од страна на САД и да се издржи. И ете, веќе првиот човек на САД оди во Хавана, а не обратно“.
Кубанскиот револуционер беше морален авторитет за човештвото – ова се сеќавањата на лидерот на Комунистичката партија на РФ Генадиј Зјуганов. „Замина еден од титаните на политиката, државен деец, човек кој ја постави основата на моралната политика, политика која пред сè размислува за судбините на обичниот човек, за достоинствениот живот на работникот и за среќниот свет“, рече тој.
За тоа дека Фидел Кастро оставил „длабока трага во историјата на целото човештво“ зборува и претседателот на СССР Михаил Горбачов. Фидел издржа и ја зацврсти својата страна за време на „најсилната американска блокада, за време на колосалниот притисок врз него, и сепак ја изведе својата земја од блокадата на патот кон самостоен и независен развој“, забележува Горбачов.
Премиерот на Русија Дмитриј Медведев на својот профил на Фејсбук се сеќава како разговарал со Фидел преку телефон во август годинава, кога револуционерот ја прославувал својата 90-годишнина. „Тој многу се интересираше за она што се случува во светот, во Русија, до последен момент имаше бистар ум и поседуваше многу информации“, напиша премиерот.
Лидерот на ЛДПР Владимир Жириновски го нарекува Фидел „пример за стоик и за храброст“, а годините кога Куба беше под негово раководство ќе „останат запомнети“. Заедно со тоа тој изјави дека „по 5 до 10 години Куба ќе влезе во нормалниот режим на средните земји, како што се поголемиот дел од Латинска Америка“.
Истовремено на социјалните мрежи се појавија различни мислења за револуционерот: Фидел му украде на својот народ 50 години, без притоа да ја подигне земјата до потребното ниво. „Сигурен сум дека фалбени оди за Кастро сега пишуваат оние што никогаш не биле на Куба. А, јас сум бил. Главниот впечаток: БЕДА, ПРОПАСТ, КРАЖБА“, пишува на Твитер опозиционерот Алексеј Наваљни. Неговиот соработник Владимир Милонов го спореди БДП на Куба по лице (7.000 американски долари) со БДП на соседното Пуерто Рико (29.000 американски долари). „Почна од исто ниво. Ете ви го вашиот Кастро“.
Поранешниот ректор на Вишата школа за економија кој емигрираше од Русија, економистот Сергеј Гурјанов се сеќава како во 2014 година Русија ѝ го отпишала на Куба долгот во износ од 31.7 милијарди американски долари – по 2.813 американски долари по лице. „Тоа е исто како кога некој би ѝ простил на Русија 412 милијарди американски долари, но такви будали не постојат“, пишува економистот, а потоа се солидаризира со неодамнешната објава на блогерот Иљја Варламов за Куба. „Кастро ја уништи својата земја, го доведе некогашниот најбогат регион на нивото на најсиромашните африкански земји. Тука до денешен ден треба да се снаоѓаш за лекови и за храна. Тука не постои нормална мобилна врска и Интернет. Луѓето работат за ситно, а единствената среќа е нешто да се украде“, пишуваше во октомври годинава Варламов.
За тоа дали Фидел Кастро бил „крвав диктатор“ или „голем борец против американскиот империјализам“ ќе се спори секогаш, исто онака како што се спори за Јосиф Сталин и за Иван Грозни, забележува Комерсант. Во 1953 година на судскиот процес за нападот врз касарните во Монкада, според кој тој беше осуден на 15 години затвор, Кастро изјави „Историјата ќе ме оправда“. „Оваа фраза стана крилатица, но по десет години стана јасно: нема да има никакви оправдување, а засилените спорови помеѓу „кастристите“ и „антикастристите“ нема да престанат ниту кога Куба ќе стане типична (или речиси типична) карипска земја“, пишува Комерсант.
Сепак, главното наследство што го остави Фидел е создавање „модел на независна самостојна надворешна политика на Куба“, забележува латиноамериканистот, професорот на Санктпетербуршкиот државен универзитет Виктор Хејфец. Второто наследство – авторитарниот политички режим – не е она со кое ќе се гордеат неговите приврзаници. „Кубанската економика остана монокултурна – колку и да се трудеа властите, тие не успеваа. Да, Куба успеа да преживее. Но, тешко дека тоа беше задачата“, смета Хејфец.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче