Најефикасните тенковски асови во Втората светска војна биле Германци со над 100 уништени тенкови, но и сојузниците имале свои асови, а меѓу нив најдобар бил советскиот тенкист Дмитриј Лавриненко.
Големата разлика помеѓу Лавриненко и тенковските асови на Третиот рајх била во тоа што мнозинството Германци го доживеале крајот на војната, додека советскиот тенкист загинал премногу рано. Дмитриј Лавриненко во својата прва борба стапил во октомври 1941 година, а загинал кон крајот на декември истата година. За овие два и пол месеци успеал да уништи 52 непријателски тенка и така да стане најдобар сојузнички тенкист.
Треба да се каже дека во победата на германските асови главна улога играле нивните нишанџии, додека командирите на тенковите Т-34 само ги гаѓале непријателските цели. Еден од нив бил и Дмитриј Лавриненко.
Бестрашен
Дмитриј Лавриненко е роден во селото Бестрашнаја („Бестрашен“) во Краснодарскиот крај и се борел во согласност со местото на раѓање – секогаш без колебање влегувал во борба со далеку посилен непријател доколку тоа било потребно.
На почетокот на Битката за Москва во септември 1941 година поручникот Дмитриј Лавриненко командувал со тенковски вод во Четвртата тенковска бригада (на 11 ноември тоа била Првата гардиска тенковска бригада) која ја бранела советската престолнина во цела низа тешки и исцрпувачки борби.
Група од четири тенка под негова команда се борела на 6 октомври 1941 година против неколку десетици тенкови на Втората тенковска армија во близина на селото Первиј Воин во Орловската област. Германските тенкови се подготвувале да ја уништат пешадиската единица кога стасал Лавриненко. Користејќи го факторот на изненадување советските тенкови уништиле 15 германски тенкови и им овозможиле на своите војници да се повлечат.
Во слична ситуација тенковите на Лавриненко спасиле чета советски војници вооружени со минофрлачи. „Можеби нема да се вратиме живи, но мора да ја спасиме минофрлачката чета. Ме разбра? Напред!“, вака водникот Пономаренко го цитираше Лавриненко.
Дмитриј Лавриненко успешно се борел против непријателот на отворен терен, но вешто организирал и заседи. Генерал Дмитриј Лељушенко се сеќава: „Поручникот Дмитриј Лавриненко мошне внимателно ги маскираше своите тенкови, поставувајќи трупци кои личат на цевка од топ. Нацистите би отвориле оган на тие лажни цели. Така Лавриненко ги намамуваше да се приближат на тенковите, а потоа од својата положба од заседа ќе отвореше оган. Така уништи 8 тенка, 2 топа и многу непријателски војници“ (Д. Лељушенко „Изгревот на победата“, 1966).
Пред да тргне во напад Лавриненко секогаш детално го проучувал идното бојно поле и добро организирал извидување. Совршено ја користел предноста на теренот, криејќи ги тенковите Т-34 зад дрвјата, со цел потоа ненадејно да се појави на неочекувано место и да му нанесе на непријателот максимална штета.
Лавриненко бил познат и како извонреден снајперист. Можел прецизно да пука од многу видови стрелечко оружје. Вештината на снајперист му била добредојдена во тенкот. Ефикасно гаѓал германски тенкови на голема оддалеченост, но повеќе сакал да му се приближи на непријателот со голема брзина на растојание од 150 до 300 метри и да отвори оган од непосредна близина.
Советскиот тенковски ас никогаш не изгубил присебност и секогаш бил рационален. За време на советската контраофанзива во битката кај Москва неговиот тенковски вод ненадејно уништил германски гарнизон во селото Грјади и така отворил пат за соседното село Покровское. Иако стекнал предност Лавриненко решил да не ја искористи и тоа го направил во вистински час зашто германските резерви биле подготвени да му го пресечат патот.
Дмитриј Лавриненко загинал на 18 декември 1941 година од минофрлачка граната кај Волокаламск во Московската област. Доколку советскиот тенковски ас поживеал подолго, веројатно со својот рекорд би ги загрозил германските асови Курт Кинспел, Мартин Шројф и Ото Кариус, на кои им се припишуваат по 150 уништени тенкови.