„Смрт за шпионите“: Како настана Смерш, најуспешната советска воена контраразузнавачка служба

Wikipedia
Пред 75 години Јосиф Сталин формираше нова специјална служба која се покажа како мошне ефикасна во намалувањето германски агенти. Сепак, останува на лош глас зашто има ликвидирано и невини луѓе. Ова е приказна за Смерш.

На 19 декември 1954 година 46-годишен офицер е обвинет за предавство и е стрелан во Ленинград откако со месеци е мачен од страна на КГБ. Како што се сеќава извршителот на смртната казна, само неколку секунди пред да биде покосен од куршумот, офицерот викнал: „Сè ќе пријавам во Политбирото (раководечки орган на Комунистичката парија, дефакто: влада)! Сè!

Не пријавил. Виктор Абакумов, поранешен началник на Смерш, најефикасната контраразузнавачка организација во воениот период од 1943 до 1946 година, осуден е и погубен поради злосторство што го нема извршено. Потоа е заборавен како и многумина некогаш моќни личности. Но, постоеше и време кога Смерш влијаеше на животите и на смртта на милиони луѓе.

Важна мисија, ефектен назив

Смерш е основан во април 1943 година, откако Сталин решил дека е исклучително важно да се има контраразузнавачко одделение во војската, независно од органите на државна безбедност. Како што Валериј Христофоров, експерт на Институтот за руска историја при Руската академија на науките, вели во интервју за РИА Новости „тоа е направено за да се подобри циркулирањето на информациите. Абакумов најважните документи му ги проследувал директно на Сталин“.

Виктор Абакумов.

Во тоа време работата на контраразузнавачката служба била од суштинско значење за напредокот на Црвената армија на запад. „Војската морала да ги ослободи окупираните територии на кои Германците ги оставале своите агенти. Освен тоа, морале да се занимаваат со заробените Германци, да дознаат кој од советските војници е заробен и зошто, дали има предавници...“, објаснува историчарот Александар Зданович за телевизискиот канал „Звезда“.

Наводно Сталин лично го дал името на новата организација. Смерш е скратено од „Смерть шпионам“ (Смрт за шпионите). Првата варијанта била Смернеш (Смерть немецким шпионам – Смрт за германските шпиони), но советскиот водач решил дека е важно да се нагласи оти новата структура ќе ги елиминира сите шпиони.

Брутално чистење на редовите

Абакумов, кој верно му служел на Сталин, добро ја организирал својата служба. Според официјалните податоци, за време на војната „Смерш има неутрализирано над 30.000 агенти на Хитлер и над 3.500 саботери“. Германскиот фелдмаршал Вилхелм Кајтел на Нирнбершкото судење изјавил дека „германската разузнавачка служба за време на војната не успеала да влијае на воените акции“. Смерш има вложено многу напор за да успее во тоа.

Истовремено дел од руското општество го обвинува Смерш за смртта на невини луѓе. Во 2013 година либералниот политичар Леонид Гозман го спореди Смерш со Ес-ес на Хитлер: „Оваа организација не била помалку убиствена... Не знам колку луѓе има убиено, колку биле затворени во логорите“, рече тој. Оваа изјава предизвика остра јавна дебата.

Навистина, многумина од оние кои Смерш ги има уапсено немале никаква врска со шпионажа, тоа биле дезертери, оние кои самите себеси се ранувале за да не мораат да војуваат или „политички недоверливи“ луѓе. Така и капетанот Александар Солженицин, иден прочуен писател и дисидент, завршил во Гулаг во 1945 година: Смерш ги прочитал неговите писма во кои тој го критикува Сталин.

Контроверзија

Дури и според статистиката на Смерш, бројот на уапсени (594.000) сериозно го надминува бројот на германските агенти. Како што Александар Лебединцев, ветеран од Втората светска војна, изјави за „Аргументи и факти“ „многу офицери на Смерш немале фатено ниту еден шпион за време на војната. За жал, имало многу други, пред сè дезертери“.

Од друга страна, специфичноста на Смерш е во тоа што соработниците на контраразузнавачката служба се наоѓале заедно со војниците на Црвената армија во актива воена служба. „Смерш затоа процентуално има изгубено исто толку офицери колку и Црвената армија“, вели Валериј Христофоров. Четворица офицери на Смерш постхумно беа прогласени за херои на Советскиот Сојуз.

Специјални задачи

Освен апсењата на шпиони и дезертери, Смерш многу труд има вложено во намалувањето на Германците. „[Во 1943 година] Сталин инсистирал да се интензивираат операциите за дезинформирање“, вели Зданоцич. „Смерш има изведено 183 такви операции за време на војната“. Некои биле покомплицирани, како што е испраќањето на Александар Козлов, советски агент, во германската заднина, каде се запишал во разузнавачката школа и погрешно ги информирал Германците за многу важни прашања.

Откако Црвената армија влегла во Берлин во мај 1945 година, Смерш се обидел да го фати Адолф Хитлер. Не успеале, зашто нацистот број 1 изврши самоубиство. Но, Смерш придонесе за тоа да запрат гласовите за тоа дека Хитлер е сè уште жив (тие пронајдоа фрагменти од неговите коски).

Неславен крај

По војната Смерш бил распуштен: неговата мисија била исполнета. Абакумов високо напредува, станувајќи министер за државна безбедност во 1946 година, но тоа не траело долго. Поразен во борбата во партиската елита, уапсен е во 1951 година по наредба на Сталин и погубен е три години подоцна од страна на својот наследник. Никогаш нема признаено никаква вина, иако бил мачен, но, како што често се случувало во тие сурови времиња, тоа не му помогнало. Шефот на Смерш е елиминиран како и неговата организација.

Прочитајте уште: Ги користеле ли Советите германските трупи во борбата против нацистите?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња