Алкохолот им беше во крвта: Љубители на добрата капка на чело на Русија

Познато е дека рускиот народ сака да пивне. А, каков е народот, такви се и неговите владари.

Петар Велики: Оргии и вотка во големи пехари

„Секој ден треба да се биде пијан и никогаш да не се оди на спиење трезен“, ова бил главниот услов за членство во „Лакрдијашкиот, пијаниот и луд собор“ кој го основал царот Петар Први кон крајот на 17 век. Членови на ова друштво биле најголемите великодостојници и луѓе блиски на Петар Први. Тие организирале оргии кои понекогаш траеле и по неколку дена. Познато е дека сите членови на овој „собор“, а меѓу нив и дворски дами, често пиеле дури не паднат во бесвест.

Петар во тоа друштво имал звање „протоѓакон“, но всушност тој раководел со него. „Доборот“ постоел до смртта на царот и служел за исмевање на јерархијата на Православната црква и на нејзините верски обреди. Поради тоа не е чудно што многу православни Руси сметале дека Петар е антихрист.

Петар сакал многу да пие и сакал и другите исто така многу да пијат. „Еднаш згрешив и царскиот слуга веднаш ми донесе голем пехар ботка. [Петар вовел „казнени пехари“ и таа традиција сè уште постои]. Избегав на предниот дел од палубата и се качив на јарболот, но неговото величество ме стаса, држејќи го пехарот во заби. Мислев дека на јарболот ќе бидам безбеден, но тој се качи и седна покрај мене, така што морав да го испијам и тој пехар, и по него уште четири“, се сеќава еден странски дипломат.

Постојат историчари кои наоѓаат објаснување за неправославното однесување на царот. Наводно, уживањето во тоа не била единствената причина. „Дивите оргии на 'соборот' Петар, наводно, ги организирал за да ги преброди несигурноста и стравот, да го симне стресот и да ја ослободи разорната нескротена енергија. Царското безумие било начин за раскрстување со минатото“, пишува историчарот Игор Андреев во својата статија посветена на прочуениот реформатор кој ја жртвувал традицијата за побрза модернизација на Русија.

Петар сепак ја сфатил штетата која ја носи претераното консумирање алкохол. Основал и „Медал за пиење“. Тој бил тежок 7 килограми, а луѓето што го добивале морале да го носат во текот на цел недела.

Александар Трети: Политички интриги во вид на гласови за пијанки

Легендата вели дека Александар Трети поради зависноста од алкохолот го променил изгледот на своите чизми. Се вели дека царот сакал повремено да испие некоја чашка, но неговата жена Марија Фјодоровна (данската кнегиња Дагмар) не можела да ја поднесе миризбата на алкохол. Според друго мислење, таа се грижела за здравјето на својот сопруг. Поради тоа императорот пиел тајно за да не ја загрижува жена си. За таа цел нарачал чизми со долги и широки сари, каде , наводно, било скриено шишенце со алкохол.

Од друга страна, некои експерти ги поврзуваат приказните за наводните цареви пијанки со критиките на неговата политика кои главно му ги упатувале опонентите. Кога во 1881 година дошол на власт по атентатот во кој терористи го убиле неговиот татко Александар Втори, тој ја запрел политиката на реформи и се свртел кон политика за која некои сметале дека е ултраконзервативна. Александар Трети решил многу внатрешни проблеми на Русија и во голема мера ги зајакнал армијата и флотата. Поради тоа неговите политички противници сметале дека е „неопходно да се создаде претстава за тоа дека на престолот седи глупак и пијаница“ и со самото тоа да се поттикне чувство дека е потребно ослободување од таков монарх.

На приказните за царот-пијаница им противречат сведоштвата на неговиот личен лекар Николај Вељаминов: „Дали пиеше вотка? Мислам дела не, а и да пиел, не би испил повеќе од една чаша. Кога сакаше нешто да се напие на маса, негов омилен пијалак беше руски квас со шампањ, но и тоа го пиеше многу малку“.

Историчарот Кирил Соловјов констатира дека „не постојат сигурни извори кои би ја потврдиле царевата склоност кон пијанството“. Тој воедно наведува дека современиците на царот Александар кои му биле блиски, во своите мемоари пишувале дека тој не пиел многу. Во секој случај, прашањето останува отворено.

Борис Елцин: пиеше и дома и на гости

Кога станува збор за првиот претседател на Русија Борис Елцин, тука сè е јасно. Неговата слабост кон алкохолот е добропозната и документирана.

Шефот на службата за безбедност на Елцин, Александар Коржаков, сведочи дека претседателот секојдневни пиел. Во своите мемоари има напишано како забранувал да му се носи вотка на претседателот, но тогаш Елцин испратил еден помошник по пијалак, а тој му се пожалил на шефот на обезбедувањето: „Што да правам? Борис Николаевич ми даде 100 долари и бара да му однесам шише вотка?“ Тогаш Коржаков ја разблажил вотката со вода за да не биде премногу јака.

Коржаков пишува дека Елцин пиел и покрај претседателските обврски и фактот дека морал да патува во странство. Како што поранешниот претседател на САД Бил Клинтон му раскажа на Тејлор Бранл, автор на делото „Клинтоновите ленти: Историјатот на борењето со претседателот“, агентите на тајната служба во 1995 година го виделе рускиот лидер како стои во долна облека покрај Белата куќа и се обидува да „фати такси“ за да купи пица. Јасно е дека Елцин тогаш не бил трезен. Сепак, и покрај зависноста од алкохолот, успеа да ги победи сите свои политички опоненти, најпрво во СССР, а потоа во Русија и да донесе Устав кој сè уште функционира и го регулира политичкиот живот на Руската Федерација.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња