Солунски фронт: Трагедијата на руските бригади на Балканот

РИА „Новости“

РИА „Новости“

Запознајте ја трагичната судбина на Рускиот експедициски корпус кој учествувал во воените операции на Солунскиот фронт за време на Првата светска војна. Во Русија оваа страница од воената историја долго време беше незаслужено заборавена. Претстава за неа имал само потесен круг стручњаци и љубители на воената историја. Руските единици таму, на непознат терен, демонстрирале високо ниво на борбена подготвеност, обука и храброст од која сојузниците биле воодушевени.

Во 2016 се навршија 100 години од еден мошне интересен настан во Првата светска војна. Станува збор за доаѓањето на единиците на Рускиот експедициски корпус на Западниот и на Солунскиот фронт. Руските војници кои во втората половина од 1916 година се нашле во Франција и на Балканот имале задача да војуваат далеку од татковината под команда на странски војсководци, зашто Русија како сојузничка имала таква обврска кон земјите од Антантата.

Првата светска војна избувнала поради судир помеѓу Србија и Австро-Унгарија. Раководството на „дунавската монархија“ одлучило по воен пат да го реши „српското прашање“ како главна препрека на патот кон воспоставување на свое владеење на Балканот, искористувајќи го како повод убиството на престолонаследникот Франц Фердинанд во Сараево на 28 јуни 1914 година, кое го изврши српскиот револуционер Гаврило Принцип.

Атентатот на австријскиот престолонаследник Франц Фердинанд (1863-1914) и неговата сопруга Софија (1868-1914) 28 јуни 1914.

Доаѓањето на германските единици на Балканот, како и преминувањето на Бугарија на страната на Централните сили, го доведоа Кралството Србија на работ на воена катастрофа. Српските трупи тргнаа во мошне тешко повлекување преку Албанија, речиси без никаква храна, муниција и комори, за на почетокот од 1916 година од брегот на Јадранско море 180.000 српски војници да бидат евакуирани на грчкиот остров Крф.

Повлекување на српската војска

Француската влада на мобилизацијата објавена во Бугарија одговорила со одлука да ги упати француските трупи во Солун. Сојузниците го зазеле фронтот долг 120 километри на подрачјето на сегашната грчко-македонска граница. Во јануари 1916 година таму започнале да се префрлаат големи воени формации.

Трупите на коалицијата на Солунскиот фронт добиле официјален назив „Источна армија“, а со неа командувал францускиот генерал Морис Сарај. Во април 1916 година, кога во Солун излегла прегрупираната српска армија, Источната армија имала 300.000 бајонети.

Српски војници на Крф.

По формирањето на фронтот, Франција и Велика Британија барале од Русија да ги приклучи руските единици на Источната армија, шпекулирајќи со тврдењето дека Петроград, доколку одбие да го направи тоа, може да го доведе во прашање својот авторитет на Балканот и да предизвика сомнежи кај единствениот сојузник во Антантата. Без оглед на тоа што рускиот врховен штаб добро сфатил дека превозот, логистиката и пополнувањето на единиците со луѓе одвоени од матицата и тоа за време на жестоките борби на Источниот фронт е мошне тешка задача, на 11 октомври 1915 година министерот за надворешни работи Сергеј Сазонов им рекол на Французите дека Русија е подготвена да испрати свои единици како помош на Србија.

На почетокот од април 1916 година започнало формирањето на Втората посебна бригада. За командант на новата формација бил поставен генерал-мајор Михаил Дитерихс. Според различни извори, во оваа бригада имало помеѓу 8.500 и 9.500 војници и офицери.

Михаил Дитерихс

Префрлувањето на единиците започнало кон крајот на јуни 1916 година и траело до почетокот на август. Доаѓањето на руските трупи било дочекано од француската јавност како важен настан. Во Брест Русите со воодушевување биле дочекани од толпа луѓе, а Михаил Дитерихс во Париз го примил претседателот Ремон Поенкаре. Русите од Брест патувале со воз до Марсеј, а оттаму на Балканот. Кон крајот на август 1916 година Втората посебна бригада во полн состав се наоѓала во Солун. Истовремено интензивно се формирала Четвртата посебна бригада која исто така била наменета за испраќање на Солунскиот фронт. Таа броела 180 офицери и 9.368 војници. На фронтот пристигнала во октомври 1916 година.

Руски војници пристигнуваат во Солун.

Со желба руските единици што побргу да се вклучат во борбените дејствија, сојузниците допуштале многу пропусти во обезбедувањето на секојдневните потреби на руските бригади. На пример, излегло дека француските бродови превезувале луѓе за Втората посебна бригада кои не биле прилагодени за таа намена: биле бавни, лошо опремени со спасувачки средства, немале безжичен телеграф, во санитарна смисла сè не било во најдобар ред и сојузниците не им ја обезбедиле потребната борбена придружба.

Русите и на фронтот имале проблеми со логистиката. Борбените дејствија се воделе на мошне непристапен планински терен каде патната мрежа и денес е слабо развиена, што заедно со недостигот од превоз во голема мера им го отежнувало животот на руските војници. Ранетите и болните чекале евакуација во позадината дури и по три дена, а провијантот често доцнел и по пет дена.

Командата на Источната армија правела офанзивни планови, но непријателот бил побрз од Антантата. Бугарските единици самите тргнале во офанзива три дена пред планираниот напад на сојузниците. Влегле на територијата на Грција и ги потиснале српските единици, заземајќи го градот Лерин.

Руски војници во Солун.

Веќе во септември 1916 година бугарската офанзива спласнала, така што на армијата на Антантата ѝ се пружила можност да ја преземе иницијативата. Источната армија го нанела главниот удар во правец на Лерин, а потоа на Битола. Со својот маневар на заобиколување решавачка улога требало да одигра француската борбена група на генералот Франсоа Кордоние, во чиј состав била Втората посебна руска бригада. Единицата била испратена во офанзива на планинските коти кои биле најтешки за освојување, но таа успешно ја завршила задачата, а кога бугарската армија преминала во контраофанзива со цел повторно да го заземе Лерин кој го ослободиле Французите, во одбраната учествувала и руската единица. Во таа борба загинале 586 руски војници. Подоцна за учеството во борбите за Лерин Третиот руски полк бил награден со францускиот Воен крст со палма на знамето.

Руската пешадија.

Во Лерин е формирана француско-руска дивизија под команда на Михаил Дитерихс. Било планирано таа да тргне во потера по бугарските единици кои се повлекувале, но Русите во близина на селото Негочани се соочиле со добро утврдени непријателски положби за кои не знаеле. Пробојот на бугарските положби не успеал, а нападот бил запрен. Борбите стивнале и ова затишје траело еден месец. Во септември и во октомври 1916 година Втората посебна бригада изгубила 1.423 војници. Морис Сарај ги истакнува подвизите на руската бригада: „Руси во планините, како и на српската рамнина, вашата легендарна храброст никогаш не ве предаде“.

На почетокот на декември на фронтот пристигнала Четвртата посебна бригада. Во тој момент сојузниците се бранеле. На први јануари 1917 година загубите на двете руски бригади изнесувале 710 убиени офицери и војници и над 1.600 ранети.

Кон крајот на март во бригадата стасала вест за Февруарската револуција, и руските војници ја изразиле својата лојалност на привремената влада. Во прво време настаните поврзани за револуцијата не ги засегале руските единици на Балканот.

Бугарски војници на Солунскиот фронт.

Во првите месеци од 1917 година на Солунскиот фронт владеело затишје. Нова офанзива започнала дури на 9 мај и двете руски единици повторно се нашле први на удар. Задачата била да се заврши пробивот на германските и бугарските положби кај Црна река (Македонија, тогашно Кралство Србија). За еден ден во мајската офанзива руските единици изгубиле околу 1.000 војници и офицери.

Општата офанзива е запрена на 23 мај и тогаш руските бригади, кои речиси една година во тешки услови непрекинато биле на првата линија на фронтот, се префрлени во заднината за прегрупирање. Од нив е формирана Втората руска посебна дивизија, која на 24 јули се вратила на првата линија на фронтот и зазела положба помеѓу Охридското и Преспанското Езеро и планината Баба.

Русите од самиот почеток биле во неповолна положба. Имено, 9 руски баталјони кои не биле екипирани, се бореле против 15 комплетни германски и бугарски баталјони. Дивизијата имала веќе хронични проблеми со недостаток од артилерија и средства за врска, а една бригада од штабот на дивизијата ја делело Преспанското Езеро и врската главно се одржувала преку гулаб-писмоносец. Непријателот ја користел предноста во артилеријата и систематски ги гаѓал руските положби.

Заморот, заедно со вестите од Русија, придонеле за пораст на антивоеното расположение во руските единици, за на 29 октомври да биде забележан првиот случај на масовно непотчинување на воените наредби. Бугарите над руските положби фрлале летоци од кои руските пешадинци дознале дека во Петроград на власт дошле болшевиците, и на 13 ноември одбиле понатаму да учествуваат во борбените дејствија.

Руски војници за времето на Првата светска војна

Вознемирена поради овој бунт, командата на Втората посебна дивизија на Источната армија разместила во својата заднина француски баталјони со наредба да отворат оган во случај Русите да почнат да ги напуштаат положбите, а кон крајот на декември 1917 година и почетокот на 1918 овие баталјони ги разоружиле руските единици и ги префрлиле во тилот. Така на славната историја на руската бригада на Солунскиот фронт била ставена точка.

Поголемиот дел војници биле сместени во многубројните воени логори, од кои најголем дел се наоѓале во градот Бер (сега во Грција). Руските сојузници кои пролеале многу своја и непријателска крв во борбите во текот на две години, сега според волјата на командата на Источната армија добиле статус на воени заробеници. Им било забрането да ги напуштаат логорите, а нивната територија била оградена со бодликава жица по чија должина била поставена француска стража.

Поранешните борци на руските бригади биле поделени во три категории. Првите се оние кои се сложиле и понатаму да војуваат. Тие биле испратени во „Рускиот легион“ во Франција. Во втората категорија биле мнозинството. Тие биле испратени во работни одреди да извршуваат работи во појасот во близина на фронтот. Војниците кои не сакале ниту да работат, ниту да војуваат, биле протерани во Северна Африка на робија.

Руски војници на Западниот фронт.

Војниците од третата категорија биле одвоени од останатите. Првите недели биле држени практично без храна. Во зимски услови Русите спиеле под отворено небо, а некои биле демонстративно стрелани. Дури на почетокот на 1919 година во содејство со мисијата на Црвениот крст започната репатриација на војниците од Втората посебна дивизија, но на многумина не им било судено да се вратат дома – ова особено се однесува на војниците кои завршиле во Северна Африка.

Во борбите на Солунскиот фронт загинале над 4.200 војници од руските Посебни бригади. Двете најголеми воени гробишта каде се погребани руски војници се наоѓаа во Белград (Србија) и во Солун (Грција). Од 1926 до 1936 година во Солун на Воените гробишта Зејтинлик префрлени се посмртни останки на 400 руски војници кои загинале на територијата на Грција. На 11 ноември 1936 година на ова место е отворен православен храм во знак на сеќавање на руската војска (го проектирал рускиот емигрант, архитектот Николај Краснов). Денес за овие воени гробишта се грижи рускиот конзулат.

Во Белград на Новите гробишта се погребани 287 војници кои од Македонија биле префрлени на ова место на иницијатива на руската емигрантска заедница. Во 1935 година е отворена „Руската некропола“, а во 1936 година во неа се појавува Споменикот на руската слава на борците кои паднале во годините на Првата светска војна.

Рускиот споменик на гробиштето Зејтинлик.

Поголемиот дел од руските војници останале погребани на македонска земја, во безимени масовни гробници од кои денес ништо не е зачувано. Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија трага по гробовите на сонародниците со желба да го овековечи сеќавањето на нив. Покрај тоа, на иницијатива на Руската амбасада, на 1 август 2014 година на Германските воени гробишта во Прилеп, каде се погребани најмалку десет војници од Посебните бригади, отворен е првиот меморијален објект во Македонија кој е посветен на руските војници од Првата светска војна. Секоја година на 1 август на Денот на сеќавањето на руските борци кои паднале во оваа војна, руските дипломати заедно со претставниците на локалните власти и друштвата за руско-македонско пријателство полагаат венец пред овој споменик.

Учеството на руските бригади е впечатлива страница од историјата на Првата светска војна на Балканот. Немало многу Руси, но токму ним често им биле доверувани најтешките и најодговорните операции во офанзивата, како и најтешките положби во одбраната. Русите се бореле во најтешки временски услови, понекогаш без потребното снабдување и секогаш покажувале исклучителна борбена ефикасност. Извршувале наредби дури и кога армијата во самата Русија била претворена во вооружена толпа. Моралниот слом во нивните редови се случил дури во моментот кога нивната земја потонала во хаосот на Граѓанската војна. Така изостанала заслужената слава, како и заслужените награди. Наместо тоа тие доживеале понижувачка Голгота на патот кон својот дом, како и подоцнежниот заборав и мноштвото гробови за кои не им се знае местото.

*Авторот е историчар, аташе за култура на Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија. Статијата за првпат е објавена во 2016 година во руското списание „Меѓународен живот“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња