Србите во Грција се сеќаваат на руските војници

Во претходниот текст дописничката на „Руска реч на македонски“ пишуваше за учеството на руските војници во Првата светска војна на Солунскиот фронт. Овој пат текстот говори за тоа каде борците на Руската Империја ги нашле своите последни засолништа и кој денес го чува сеќавањето на нивните воени подвизи.

Непознати Руси

Фотогалерија: Зејтинлик, капела и гробишта. Речиси никој не знае дека покрај Срби, Французи, Италијанци и Англичани на нив се погребани и над 400 руски војници.

„Српските гробишта тука сите ги знаат. Србите што доаѓаат во Солун задолжително ги посетуваат, некои веднаш по нивното доаѓање, пред уште да се распакуваат. Родољубив народ“, ги споделува со нас своите впечатоци хотелскиот службеник, покажувајќи ни го на мапата патот до Зејтинлик, најголемите воени гробишта во Грција. Таму почиваат над 20 илјади војници на Антантата, кои загинале на Солунскиот фронт за време на Првата светска војна. 

Од центарот на Солун до гробиштата има малку повеќе од еден километар. Овој пат без проблеми може да се оди пеш. Високите кипариси на Зејтинлик, кои на гробиштата му ги има подарено светогорскиот манастир Хиландар, се гледаат оддалеку и го покажуваат патот. 

Судбината на руските војници на Солунскиот фронт
Дописничката на „Руска реч на македонски“ ги посети местата на славните воени подвизи на руската војска од времето на Првата светска војна на Балканот. Ова е можност да се потсетиме на придонесот што војниците на Руската Империја го дадоа во борбата на Солунскиот фронт и да го оживееме споменот за судбината на Рускиот експедициски корпус.

Како да стасате до српските гробишта од Првата светска војна навистина може да ви каже секој минувач. Но, речиси никој не знае дека покрај Срби, Французи, Италијанци и Англичани, на нив се погребани и над 400 руски војници. 

Прво нешто што ќе видите низ металната ограда на гробиштата не се надгробни крстови. Широката алеја од портата води кон православната капела во византиски стил. На малкумина им е познато дека таа е проектирана од Николај Краснов, руски архитект во емиграција. 

Чувајќи го сеќавањето 

Единствениот човек што ја познава историјата на секој камен на ова место е чуварот на гробиштата Ѓорѓе Михаиловиќ, кој повеќе од половина век ги пречекува посетителите Зејтинлик. Пред влезот во криптата, која се наоѓа под капелата, 86-годишниот Србин им нуди на гостите домашна ракија и им ги рецитира стихови од српскиот поет Воислав Илич Помладиот, кои се издлабени на мермерната плоча под мозаикот со архангел Михаил: „Тука го најдоа вечното засолниште најголемите јунаци на денешната доба“.

„Јас не ги чувам само гробовите, ним веќе тешко дека нешто ќе им се случи. Јас го чувам сеќавањето на оние што во нив лежат. Тоа денес е многу повеќе загрозено“, објаснува Ѓорѓе, вадејќи од црвената кутија „Дрина“ цигара без филтер. Според неговите зборови, токму такви цигари пушеле војниците за време на Првата светска војна, така што тој не носи други цигари. 

На средината на криптата се наоѓа широка меморијална маса која е претрупана со подароци, фотографии и купчиња земја од татковината. Тука се и венците кои ги имаат положено претседателите на Србија, и капи од времето на двете светски војни, и ознаки од униформите на загинатите во војната од деведесеттите. Статии од весници, знаменца од фудбалски клубови, икони – за секој предмет кој во криптата го имаат оставено посетителите на Зејтинлик, Ѓорѓе може да ви раскаже приказна. А, како успева да ги запамети податоците за буквално секоја дреболија останува тајна на неговиот занает. 

Последна свеќа 

Во криптата секогаш гори свеќа. Во тоа Ѓорѓе го гледа значењето и смислата на својата работа: да внимава на Зејтинлик постојано да гори пламен. Затоа меморијалната маса во криптата никогаш не е во целосен мрак.

Ѓорѓе Михаиловиќ, чувар на Зејтинлик

Недалеку од масата, на подот покрај шкафот со книги, се наоѓа фотографија на која Ѓорѓе стои навален на крстот на гробот на некогашните чувари на Зејтинлик. На крстот има две имиња: Саво Михаиловиќ и Ѓуро Михаиловиќ. Саво, првиот чувар и дедо на Ѓорѓе, стасал на Солунскиот фронт како доброволец од околината на заливот на Бока Которска . Токму тој ги собрал и ги погребал останките на воените другари. Во негово време на Зејтинлик се појавиле и руски гробови. Србите и Грците од благодарност кон руските војници по војната тука ги донеле нивните останки, пронајдени на боиштата во северна Грција. 

Синот на Саво, Ѓуро, вториот чувар на гробиштата, преживеал уште една светска војна. Кога во Солун влегле нацистите, самите гробишта не ги допреле, но ги раскопале сите руски гробови и ги урнале спомениците. На нивното место војниците на Вермахтот решиле да ги погребат своите војници. Уште додека Ѓуро бил жив, во педесеттите години од минатиот век, помеѓу Германија и СССР била склучена спогодба според која посмртните останки на германските војници од Зејтинлик се однесени во Германија, а руските гробови се обновени на местата каде што се наоѓале претходно. 

Од 1961 година обновените руски гробови ги надгледува и ги чува Ѓорѓе. Но, изгледа дека третото име на семејниот гроб на чуварите на Зејтинлик ќе биде и последно. 

„Оваа работа ја наследив од татко ми, а тој од својот татко. Секако, и јас во определен момент би требало оваа работа да ја пренесам понатаму. Но, мене ми се роди ќерка. Тогаш помислив: нема врска, ќерка ми ќе роди син и тој ќе ја продолжи семејната традиција. Но, добив две внуки!“, со радосна и со тажна насмевка вели Ѓорѓе.

Рамо до рамо 

Од центарот на криптата налево и надесно водат неколку тесни ходници. На нивните ѕидови во мермерот се изрежани имињата на загинатите на Солунскиот фронт. Покрај некои имиња можат да се видат траги од селотејп: Србите на таблите лепат цвеќе, свеќи и пораки. Некој со сино пенкало на самиот мермер напишал: „Ви благодариме за сè“. 

Ѓорѓе вели дека порано во Србија постоела програма врз основа на која Србите со бесплатни автобуси доаѓале да ги посетат гробиштата. Но, од неодамна пари за заминување во Солун повеќе не се издвојуваат и на Зејтинлик доаѓаат значително помалку посетители.

Споменикот на руските војниците кои се бореле на Солунскиот фронт. На стелата пишува: „Вечно сеќавање на војниците кои паднаа на земјата грчка“.

Меѓу имињата на српските војници на ѕидовите обложени со мермер на некои места наоѓаме и руски имиња. Србите и Русите кои се бореле рамо до рамо и по смртта останале заедно. 

„Нека ве чува Путин! Пренесете му поздрав!“, се простува со нас Ѓорѓе. Освен со насмевка, на тоа немаме што да одговориме. Жал ни е што поздравот нема да стаса до оној кому му е упатен. Но, тешко ни е тоа да му го кажеме на човекот кој со децении на илјадници километри од Русија ја брише правта од руските споменици. 

Фотографии: Екатерина Туришева

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња