Трите најголеми советски трагедии за кои државата молчеше

Државната архива на Туркменистан
Особеностите на советскиот политички режим водат до ситуации во кои населението не дознава речиси ништо за големите трагедии кои се случиле во СССР.

Земјотрес во Ашхабад

Завесата на тајната, која се спушта над повеќето инциденти во СССР, е една од причините поради кои сè уште не сме сигурни за вистинскиот размер на некои трагедии. Меѓу овие катастрофи е катастрофалниот земјотрес во главниот град на Советската Туркменистанска Република во 1948 година.

Трагедијата се одвива во текот на ноќта на 6 октомври, а силата на земјотресот е со интензитет од 7.5. Се тврди дека во епицентарот на земјотресот интензитетот бил 10 степени. Според некои проценки уништени се 98% од сите згради во Ашхабад. Има многу жртви. Точниот број сè уште не е познат. Податоците варираат значително - од 10.000 до 110.000 луѓе или повеќе. Според медиумите во книгата на претходниот туркменистански лидер Сапармурат Нијазов (чија мајка загинува при земјотресот) е запишано дека како резултат на земјотресот животот го изгубиле 176 илјади жители на Ашхабад.

Според историчарот Шохрат Кадиров, поголемиот дел од жртвите загинале под урнатините на своите куќи - едноставни градби чии покриви биле од неколку слоеви глина. „Според бројот на жртвите, загубите и трошоците за наплата оваа катастрофа станува најголемата на територијата на Руската империја, а и во СССР. Иако за неа станува извесно многу подоцна, постепено, со децении“, вели геологот Андреј Никонов. Операцијата за расчистување ѝ е доверена на армијата. Околу 30.000 војници се испратени на местото на трагедијата.

Првите официјални кратки вести се појавија во советскиот печат на 9 октомври. Во главниот весник „Правда“ пишува дека „фабрики, многу административни згради и повеќето станбени згради во Ашхабад биле уништени. Постојат многу жртви“. Во исто време оние кои го напуштаат градот, морале да потпишат изјава дека нема да откриваат информации. Сите истражувачки материјали и документи од СССР за земјотресот се класифицирани. Како и со други слични случаи, за земјотресот во Ашхабад започнува широко да се дискутира дури во времето на перестројката, во средината на осумдесеттите години од минатиот век.

Несреќата на космодромот „Бајконур“

Првото лансирање на советската интерконтинентална балистичка ракета Р-16 од космодромот „Бајконур“ во октомври 1960 година се збркува. Две минути пред планираното лансирање моторот на ракетата се активира сам и тоа води до пожар. Проблемите во системот за довод на гориво се откриени неколку дена пред трагедијата, но на крајот не се отстранети како што треба. Покрај тоа, се идентификувани сериозни повреди на правилата за безбедност.

Космодром Бајконур

Како резултат на инцидентот платото за лансирање е преплавено со десетици тони ракетно гориво. Многу од луѓето кои беа во близина изгореа живи. Се верува дека не помалку од 78 лица загинаа во оваа катастрофа. Камерите инсталирани на местото автоматски започнуваат со снимање по палењето на моторот. Тие запечатуваат слики на луѓе во пламен кои се обидуваат да се спасат. Малкумина успеале да го сторат тоа.

Меѓу жртвите е и шефот на стратешките ракетни сили и главен маршал на артилеријата Митрофан Неделин кој е во „Бајконур“ бидејќи тестирањето е многу важно. Се тврди дека неговото тело е препознаено само од наградите што ги носел на кошулата. Неговите останки се закопани во ѕидот на Кремљ. Јавноста беше информирана за катастрофата пред речиси 30 години, во 1989 година. На Запад оваа трагедија која се случила на „Бајконур“ е позната како „Катастрофата Неделин“.

Паника на стадионот Лужники

Оваа трагедија се случи во Москва во 1982 година на фудбалскиот натпревар за Купот на УЕФА помеѓу Спартак и холандскиот Харлем. Советските играчи не знаат за инцидентот, не им кажуваат до следниот ден.

Во овој студен зимски ден не дошле многу луѓе да го следат натпреварот и само дел од стадионот е отворен за гледачите. Меѓутоа, во овој дел, има доста обожаватели на Спартак. Кога играта завршува, луѓето почнуваат да заминуваат, но само еден излез е отворен. На него се собираат многу фудбалски навивачи, а кога девојка која слегува надолу по скалите, случајно се препнува и паѓа, настапува паника. Под тежината на многу луѓе скалите попуштаат и ова води кон уште повеќе жртви.

Се верува дека 66 лица загинале во инцидентот. Постојат, меѓутоа, и проценки според кои нивниот број не е помал од 300. Поголемиот дел од жртвите се тинејџери меѓу 14 и 19 години. Еден локален весник објави за инцидентот на стадионот, каде се споменува дека имало повредени. Вистинската големина на трагедијата се открива дури по 7 години за време на перестројката.

Според историчарите затворениот карактер на советскиот политички систем е една од причините да не се шири чувствителни информации за трагедии. Државата врши целосна контрола над средствата за јавно информирање и не сака да ги вознемирува луѓето со алармантни вести и да го поткопува легитимитетот на политичкиот режим.

Прочитајте уште „3 мистериозни тајни на КГБ кои се чуваат во руските архиви“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња