Како советски физичар преживеа доза на радијација 300 пати поголема од смртоносната?

А. Шљахов/TASS
Советски научник во 1978 година беше изложен на многу силен рендгенски зрак кој му помина низ главата. Тој за чудо остана жив и стана предмет на научни истражувања. Што всушност се случи и како Советите успеаја да го зачуваат овој случај во тајност?

Анатолиј Бугорски на 13 јули 1978 година видел „блесок посилен од илјада сонца“, кога протонски зрак со сила од 76 GeV (1 GeV е еднаков на една милијарда електроволти) го погодил во главата. Како што подоцна раскажа физичарот, тој не почувствувал болка, но знаел дека последиците ќе бидат долгорочни.

34-годишниот советски физичар работел на Институтот за физика на високи енергии во подмосковскиот град Протвино. Се занимавал со протонскиот акцелератор У-70, чиј зрак во тоа време ја произведувал најсилната енергија во светот.

Институт за физика на високи енергии во градот Протвино, Московска област

Принципот на акцелератор се користи во големиот хадронски колајдер. Нуклеарните честички се забрзуваат до многу големи брзини и се судираат со вакуумски цевки, а потоа се проучуваат честичките кои се појавуваат во тој судир. Советите на крајот на 1970-те планираа да изградат сопствен колајдер во Протвино, а У-70 беше негов неразделен дел.

Дел од уредот со кој ракувал Бугорски емитуваше протонски зрак. Бугорски му јавил на контролниот центар да го исклучи  зракот „на 5 минути“, но пристигнал на тоа место минута-две подоцна. Вратата во салата за експерименти била по грешка оставена отворена по претходниот експеримент, а ламбичката која светкала како предупредување дека зракот е сѐ уште активен била расипана.

Институт за физика на високи енергии во Протвино, Московска област. Ракување со магнети во системот за забрзување на честички.

Бугорски влегол во салата да го прегледа уредот кога одненадеж зрак со пречник 2x3 мм го погодил во задниот дел на черепот, му поминал низ средното уво и слепоочната коска и излегол покрај лева ноздра. За миг од секундата Бугорски бил изложен на доза зрачење меѓу 200000 и 300000 рендгени, што е 300 пати повеќе од смртоносната доза.

Тестиран потенцијалот за преживување

Загрижен поради настанот, Бугорски ја завршил својата работа поврзана со техничкото опслужување и ги внел забелешките во дневникот. Како искусен физичар кој завршил на Московскиот институт за инженерска физика тој знаел дека тоа е многу невообичаен случај. Сепак, плашејќи се од последиците (институтот бил тајна институција), тој не соопштил веднаш што се случило. Си отишол дома, но состојбата му се влошила. Левата половина на лицето брзо му отекла и затоа Бугорски поднел извештај следното утро, по што веднаш бил префрлен во Москва.

Бил сместен на интензивна нега во специјална болница како прв пациент кој бил подложен на толку силна доза на зрачење. Еден од неговите лекари била Ангелина Гускова, водечки руски радиолог. Во 1986 година таа ја следеше состојбата на луѓето настрадани во катастрофата во Чернобил. Сите податоци поврзани со лекувањето и закрепнувањето на Бугорски се чуваат во тајност, но целиот случај е детално проучен.

На почетокот сите мислеле дека физичарот нема да закрепне, но тој се вратил на работа 18 месеци подоцна. Бугорски изјави дека во неговото закрепнување му помогнала „големата љубов спрема спортот“.

„Бев еден од најдобрите фудбалери и кошаркари на нашиот институт. Возев велосипед дури и зиме“, рече тој. Бугорски дури раскажа дека двапати во животот за чудо ја избегнал смртта. Во првата година од животот, кога германските нацистички трупи го уништиле неговото село Орловската област, тој бил „истргнат од мајчините раце и исфрлен од куќата“, но за чудо не замрзнал, иако поминал неколку часа во снегот.

Подоцна, како момче, преживеал струен удар. Многу години по „нуклеарниот“ инцидентот тој во едно интервју рече дека она што се случило е добра тема за истражување и дека тоа било „ненамерно тестирање на последиците од протонска војна. Бев тестиран јас. Тестиран е човечкиот потенцијал за преживување“.

Последици

Анатолиј Бугорски, главниот координатор на експерименталните работи на акцелераторот У-70, Институт за физика на високи енергии, Протвино.

Бугорски повеќе не можел да слуша на левото уво, а левата страна на лицето му останала делумно парализирана и „помлада“ од десната. Доживеал многу помали и најмалку 6 тешки напади на епилепсија. Со текот на времето, тие напади престанале.

Подолго од една деценија по инцидентот тој двапати годишно одел во болница на испитување, каде што контактирал со други жртви на радијација. „Сите се познаваме, исто како поранешни затвореници“, изјави тој. „Не сме толку многу. Сите знаеме како кој поминал во животот. Во суштина, сѐ се тоа тажни приказни“.

Интелектуалните можности не настрадале, но Бугорски почнал брзо да се заморува. Тој успеал подоцна да ја заврши докторската дисертација на која работел пред инцидентот. Подоцна, тој и неговата сопруга го добиле синот Петар.

Тајноста на институцијата не му одела во прилог на Бугорски. Тој немал официјални документи што би му овозможиле да добие соодветен лек. Затоа подоцна му е доделен статус на жртва на хаваријата во нуклеарната централа Чернобил. За среќа, колегите од Русија и од странство му помогнале на Анатолиј да истрае.

Не му одело од рака ниту затварањето на советскиот проект за изградба на акцелератор. Изградбата започнала во 1983 година и била завршена во 1994 година, но не бил пуштен во употреба поради намалување на буџетот. Сега акцелераторот е затворен. Се финансира само основното техничко опслужување.

И понатаму останува без одговор прашањето како човек преживеал зрачење неколку стотици пати поголемо од смртоносното. Тешко е да се спореди случајот на Бугорски со добро познатите случаи на зрачење со смртоносен исход, како што е случајот со „атомскиот човек“ Харолд Мекласки и Алберт Стивенс. На Бугорски не му било озрачено целото тело, и самото зрачење траело кратко.

За разлика од класичниот невролошки случај на Финес Гејџ, Бугорски немал никакви психолошки проблеми, ниту губење на меморијата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња