САД победија. Но, почекајте... Судиите го вратија времето на три секунди до крајот. Уште три секунди! На семафорот гледаме погрешна информација. Играта не е завршена, има уште време“, вели советскиот спортски коментатор.
1972 година, арената Rudi-Sedlmayer-Halle во Минхен и финалниот натпревар во кошарка на Олимписките игри. На паркетот се машките репрезентации на Советскиот Сојуз и на Соединетите Американски Држави. За три секунди ќе се случи нешто што потоа ќе се смета како почеток на „студена војна“ во спортот – еден од најдраматичните настани во историјата на светската кошарка.
Kinopoisk
Кон крајот на декември во кината во Русија започна да се прикажува спортскиот хит „Движење нагоре“ кој за само девет дена заработи двапати повеќе од вложените средства (7.8 милиони американски долари). Но, пред тој да почне да се прикажува во странство, ќе ви раскажеме за секундите кои не се забораваат.
Студенти против ветерани
До 1972 година американските кошаркари ниту еднаш немаат изгубено на Олимписките игри. До финалето во Минхен имаа освоено седум пати злато, а за него четири пати имаат играно против Советите. Американската репрезентација е непобедлива, па дури и во советскиот тренерски штаб зборуваа дека ќе се задоволат и со сребро.
Според правилата од тие години на Олимпијадата не можеа да учествуваат професионални кошаркари. Затоа репрезентацијата на САД беше составена од дваесетгодишни играчи од студентските клубови. Кај Советите ситуацијата беше поинаква: главните играчи беа ветерани на кошарката кои официјално не беа членови на спортски клубови.
AP
Првото полувреме од финалето во Минхен заврши со резултат 26-21 за СССР. На 12 минути до крајот на играта паркетот го напушта главната ѕвезда на американскиот тим Двајт Џонс. Но, последните шест минути Американците крваво се борат и три секунди до крајот успеваат да поведат со 50-49. Пота започнуваат некакви хаотични случување, времето истекува бргу, Американците сметаат дека е тука крајот и почнуваат да го слават новото олимписко злато. Но, тоа беше само почеток на најинтересниот момент од натпреварот.
Што сè може да се постигне за 3 секунди
Додека Американците предвремено ја слават победата, помошникот на советскиот тренер Сергеј Башкин побара на екранот да се вратат двете секунди изгубени во нападот кој не се ни случи: топката беше воведена во игра иако селекторот Владимир Кондрашин побара тајм-аут.
Getty Images
Судиите се согласија на тоа откако генералниот секретар на ФИБА Вилијам Џонс дозволи изгубеното време да се врати и да се повтори нападот.
„Што сте се стутулиле? Има доволно време! Има и да се победи, а има и за повторно да се изгуби“, велеше во тој момент тренерот Владимир Кондрашин. „Воопшто не ни сфативме што се случува“, раскажуваа потоа Американците.
Следува прецизно подавање на топката на Александар Белов преку целиот терен. „Ги минав играчите кои ме чуваа, а потоа слободно дадов кош. Подавањето беше одлично. Бев сам под кошот. Дури и се свртев за да видам дали зад мене има некој. И ја уфрлив топката во кошот“, се сеќава Белов. Во тие последни секунди советската репрезентација се избори за победа.
Getty Images
Што се случуваше понатаму?
По натпреварот Американците цела ноќ се обидуваа да се изборат за „правдина“ и за резултат во своја корист. Но, по гласањето (кое САД го нарекоа „политичко лоби на социјалистичкиот блок во ФИБА“) резултатот остана непроменет. Американците не се искачија на победничката трибина и не го зедоа заслуженото сребро.
Getty Images
Во 2002 година телевизискиот канал „HBO Sport“ сними документарец под наслов „3 секунди до златото“ во кој овој натпревар го нарече „најголема перверзија која кога и да е била направена над спортскиот фер-плеј“ и го осуди мешањето отстрана и притисокот врз судиите. Според мислењето на авторот на овој филм, генералниот секретар на ФИБА Вилијам Џонс немал право да се меша во играта.
Getty Images
Кога станува збор за ѕвездата на вечерта Александар Белов, тој е првиот странски кошаркар кој влезе во Куќата на славните американски кошаркари, како и во Куќата на славните на ФИБА. Почина во 1978 година во 26 година од животот.