Повеќе од игри: Зошто советските спортисти ја пропуштија Летната олимпијада 1984?

Getty Images
Забраната за учество на Русија на Зимските олимписки игри 2018 во Јужна Кореја не доведе до бојкот на Москва. Руските спортисти можеа да се натпреваруваат под неутрално знаме. Но, пред повеќе од 30 години ставот на Москва кон Летната олимпијада 1984 во Лос Анџелес беше многу поостар, па спортистите од СССР и поголемиот број држави од Источниот блок си останаа дома.

„Тоа беше како гром од ведро небо. Иако облаците на бурата одамна беа надвиснале, до тоа сепак дојде нагло и ненадејно. Прво се чувствував како Земјата да се отворила и дека сè пропаднало во неа, како околу мене да има вакуум. Целта кон која тежнеев неколку години одеднаш исчезна... Не беше јасно што ќе се случува потоа“, вака рускиот пливач и четирикратен олимписки првак кој го доби прекарот „Морски џин“ Владимир Саљников опишува како се чувствувал кога ја слушнал веста дека Москва ќе ги бојкотира Летните олимписки игри 1984 во Лос Анџелес.

„Нема да се спуштиме на нивото на претседателот Картер“

Сведочењето на Саљников недвосмислено го доведува до сомнеж мислењето дека советските власти однапред планирале да ги заобиколат Летните олимписки игри 1984 за да се одмазда за американскиот бојкот на Летните олимписки игри 1980 во Москва. Претседателот Џими Картер на почетокот од 1980 година во Москва објави ултиматум, барајќи советски трупи да се повлечат од Авганистан во рок од еден месец. Не е чудно што Кремљ го игнорираше ова барање, а американските спортисти заедно со репрезентациите од повеќе од 60 земји, летото во 1980 останаа дома. 

Советските раководители наспроти Олимписките игри 1984 во Лос Анџелес јавно изразија позитивен став во поглед на учеството на своите спортисти на натпреварувањето. Високиот советски официјален претставник Гајдар Алиев на тогашниот шеф на Меѓународниот олимписки комитет Хуан Антонио Самарас во декември 1982 година му рекол: „Ние се подготвуваме за Игрите во Лос Анџелес. Постојат гласови за наш можен бојкот. Но, нема да се спуштаме на нивото на Картер“. 

Гајдар Алиев и Хуан Антонио Самарас во Кремљ

Очигледно е дека Советите се радувале на Олимпијадата во 1984 година. Исто така, сегашното раководство на Русија сметаше на нормално учество на Игрите 2018, но скандалот со допингот ги уништи нивните планови.

Хистерија и заемни обвинувања 

Зошто тогаш советското раководство го променило својот став за Игрите во 1984? Најверојатно причината била во вжештената политичка ситуација, во затегнатоста која растеше до половината на 1983 година. На први септември во советскиот воздушен простор беше урнат јужнокорејски патнички авион, што на Запад предизвика вистинска вознемиреност. Потоа следуваше американската инвазија на комунистичка Гренада и разместувањето на американските балистички ракети со среден дострел во Европа. Односите помеѓу двете суперсили го допреа дното. 

Бродот „Грузија“

Во таа атмосфера на политичка хистерија и на заемни обвинувања, Кремљ бараше писмени гаранции за безбедноста на советските спортисти во Соединетите Американски Држави, кои Американците не сакаа да ги дадат. Исто така, не дозволија советските спортисти да летаат директно од СССР во Лос Анџелес со чартер летови, а не допуштија ниту бродот „Грузија“, кој беше пловечка спортска база, да се стационира на американско пристаниште. Во мај 1984 година Политбирото на чело со генералниот секретар Константин Черненко реши да ги бојкотира игрите во Лос Анџелес. Примерот го следеа 14 социјалистички земји. 

„Благодарност до 'другарот Черненко'“ 

Земја која имаше најмногу полза од недоаѓањето на советските спортисти, секако беа САД, кои се закитија со 83 златни, 61 сребрена и 30 бронзени медали. Американските спортисти освоија вкупно 174 од 221 медал. Кога станува збор за златните медали, овој рекорд го нема соборено ниту една земја. Еден американски коментатор беше сосема во право кога на свеченоста на затворањето му се заблагодари на „другарот Черненко“ за тоа што „на Соединетите Американски Држави им донесе повеќе златни медали од кој било спортист во историјата на Игрите“. 

А споредба, СССР во 1980 година освои само три златни медали помалку, но во вкупниот скор има повеќе сребрени и бронзени, вкупно 195 медали. Очигледно е дека советските спортисти имаа прекрасни шанси на Игрите во 1984 година. 

Советски спортистки на Олимписките игри во Сеул, 1988.

„По Игрите во 1980 добивме одлични финансиски средства и извонредни спортски објекти. Резултатите од сезоната 1983 беа основа за прогноза за освојување на дури 62 златни медали (за Источна Германија се прогнозираа 40, а за Американците 36-38 златни медали). ...Бев сигурен дека ќе победиме на Игрите во 1984 година. Олимписките игри во Сеул 1988 потврдуваат дека имав право. Ги победивме сите [СССР освои 55 златни медали, а Американците 35]“, рече подоцна Анатолиј Колесов, заменик на шефот на Државниот комитет за спорт на Советскиот Сојуз.

МОК тогаш се обиде да го спречи бојкотот, надевајќи се дека ќе биде постигнат некаков договор помеѓу суперсилите, а Самаран се понуди да биде посредник. Но, никој не беше подготвен за компромис.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња