Истражувањето на јазикот и на генетиката на Словените беше спроведено од страна на тим научници под раководство на докторот на биолошки науки О.П. Балановски (Институт за општа генетика и Медицинско-генетски научен центар) и академик Рихард Вилемс (Естонски биоцентар и Тартушки универзитет). Истражувањето е објавено во списанието „PLoS One“, пренесува ТАСС.
Во работата учество зедоа истражувачи од многу земји во кои словенските и балтичките народи се мнозинство од населението (Русија, Украина, Белорусија, Литванија, Естонија, Хрватска, Босна и Херцеговина), како и научници од Велика Британија и конзорциумот на меѓународниот проект „Генографик“.
Според дефиницијата, Словените се народи кои зборуваат на словенски јазици. Сличноста на словенските јазици не е потребно да биде одделно докажувана. Од друга страна, Јужните Словени не личат многу на Источните и на Западните.
На картата на проучената балтичко-словенска популација со зелена позадина се прикажани Источните Словени, со портокалова Западната, со виолетова Јужните, а со сината е прикажана балтичката популација. Со знаци се обележани териториите на популациите од кои се собрани примероците: анализирано според мтДНК (бели крукчиња), според Y-хромозомите (црни точки) и според автосомалните маркери (црвени триаголници).
Генетичарите истражиле над 8.000 примероци на ДНК, земени од над 50 балтичко-словенски популации. Основите групи се составени од Источни Словени (Белоруси, Руси и Украинци), Западни Словени (Кашуби, Полјаци, Словаци, Лужички Срби и Чеси), Јужни Словени (Бугари, Босанци, Македонци, Срби, Словенци и Хрвати) и балтички народи (Латвијци и Литванци).
Во анализата се користени три генетски системи: Y-хромозом кој се предава по таткова линија, митохондриска ДНК (мтДНК) која се предава по мајчина линија, и автосомална ДНК која подеднакво содржи геноми на таткото и на мајката (полигенска анализа).
Сите три системи дале слични резултати. Источните Словени (Русите од централните и од источните области, како и Белорусите и Украинците) формираат јасно обликувана група. Исклучок се северните Руси кои се генетски оддалечени од останатите Источни Словени и се поблиски до угро-финската популација.
Меѓу Западните Словени Полјаците се многу блиски до Источните Словени, а Чесите, и во помал степен Словаците, се нешто поблиски до Германците и до другите западноевропски популации. Јужните Словени се поделени на западен (Словенци, Хрвати и Босанци) и источен (Македонци и Бугари) регион, додека Србите се во средината. Јужните Словени се генетски слични на своите несловенски соседи на Балканот – Романците, Унгарците и Грците.
Балтичките популации (Латвијците и Литванците) покажуваат блискост со Естонците кои зборуваат на јазик од угро-финската група и со определени Источни Словени (Белорусите). Исто така се покажа дека балтичките популации се генетски блиски на волшката група угро-фински народи (особено на Мордвините).
Свртувајќи се кон лингвистиката, научниците го реконструираа генеалошкото стебло на балтичко-словенските јазици, и за секоја популација направија споредба на три параметри: генетика, јазик и географија. Излезе дека најмногу корелираат генетиката и географската положба на популацијата.
Научниците сметаат дека Словените, ширејќи се низ Европа, интензивно ги апсорбирале популациите што живееле на овие територии во предсловенскиот период. Словените насекаде го донеле својот јазик и го апсорбирале генскиот фонд на автохтоните популации. Овој длабински генетски „супстрат“ се разликува во различни разгранувања на словенството.
Западните и Источните Словени го презеле источноевропскиот супстрат. Најверојатно најголем дел од него бил составен од балтичките народи кои порано биле населени ширум Источноевропската висорамнина. Вториот, јужноевропски супстрат го апсорбирале Јужните Словени, а тој се состоел од балканските народи што Словените тука ги нашле.
Овие процеси ги споиле Западните и Источните Словени во единствена генетска заедница, додека Јужните Словени на овој начин станале послични на несловенските народи од Балканот, одошто на другите словенски народи.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.