Пелагија Белоусова, прекрасната Русинка која прва го освоила срцето на Тито

Историја
ЕДИТА ПУШИЌ
Првата сопруга на Јосип Броз била жена со несекојдневна убавина. Русинката Пелагија Денисова Белоусова со која тој се венчал во Сибир. Она што денес во најмала рака би било чудно се годините на кои младата невеста го рекла судбоносното „да“. Имала само 14 години.

Јосип Броз Тито бил во заробеништво на царската руска војска за време на Првата светска војна. Како војник на австроунгарската војска тој во 1915 година бил тешко ранет на источниот фронт. Неговото закрепнување траело една година, времето кога во Омск ја запознал младата Пелагија. 

Пелагија е родена во селско семејство во 1904 година, во Михајловка покрај Омск. Кога се вљубила имала само 13 години, а Јосип имал 24. Склоноста кон помладите жени тој ја задржал и подоцна во својот живот. Ова е воедно и најмалата разлика во години помеѓу Тито и неговите жени. 

Во 1919 таа станува законска жена на Броз. Се венчале во локалната православна црква, а по само четири години се преселиле во Југославија. 

„Тоа биле тешки времиња за младото семејство. Мајката на Броз, Марија, умрела од шпански грип, таткото Фрањо се пропил, а од петтемина деца кои Пелагија ги родила, жив останал само синот Жарко“, вели Миро Симиќ, автор на книгата „Тито без маска“. 

Тогаш ја опишувале како згодна и убава, но необразована и плашлива личност. Синот Жарко го родила на 2 февруари 1924 година. 

Кон средината дваесеттите години од минатиот век се преселиле во Загреб. Пелагија во тоа време била домаќинка, а подоцна се вработила како продавачка во салонот за мебел „Bothe i Ehrmann“ на загрепската улица Илица. Живееле во голема немаштија. 

Во 1926 година и самата се приклучила на Комунистичката партија на Југославија. Една година подоцна била во истата партиска ќелија со пријателот на нејзиниот сопруг и познат хрватски писател Мирослав Крлежа. Учествувала во демонстрации и повеќе пати била апсена. 

Броз станува професионален револуционер и сè повеќе го преокупира политичката дејност поради што во 1928 година бил уапсен во „Бомбашкиот процес“. Осуден е на шест години строг затвор. Кога сфатила дека нејзиниот сопруг ќе заврши во затвор, Пелагија решила да се врати во Советскиот Сојуз во што ѝ помогнал Крлежа.

Откако се вратила во татковината решила да побара службен развод, за што го известила Броз, испраќајќи му писмо во затворот.

Дали само фактот што нејзиниот сопруг е во затвор ја натерал на развод или на несреќната причина ѝ претходело нешто сосема друго сè уште не е познато. Се шпекулира дека на тој чин била присилена, но тоа никогаш не е потврдено.

Тито во 1935 година по отслужената казна заминал во Русија да ги види својата сопруга и својот син. 

Службено се развеле во април 1936 година. 

Штом стасал слушнал вести кои не ги очекувал. Пелагија му објаснила дека нивниот син поради хулиганско однесување завршил во поправен дом зашто формирал улична банда малолетници која се нарекувала „Златен заб“. 

Броз ги фатил своите руски врски, па успеал да го извлече Жарко од поправен дом. Пелагија по разводот се омажила за фотографот од Коминтерната Русинот Пјотр Измајлович Рагуљев. Студирала на Комунистичкиот универзитет за национални малцинства. Во 1938 година Пелагија била уапсена за време на Големите чистки и била обвинета дека го „саботира воведувањето на социјализмот во СССР“. 

„Иако се развеле, таа токму поради него паднала во немилост, па дури била и на присилна работа“, вели авторот на книгата „Тајното досие – Јосип Броз“ Момчило Јокиќ. 

„Таа бракот со Тито и животот во Југославија го платила со две десетгодишни интернации на Сибир“, заклучува Миро Шимиќ. 

За тоа време Тито го сместил Жарко во интернат од кој упорно бегал за на крајот во 1941 година на само 17 години да се пријави во советската војска. До крајот на Втората светска војна синот на Пелагија и Тито живеел во Советскиот Сојуз, борејќи се како офицер на Црвената армија. Двапати е одликуван и тешко ранет. За време на едно од ранувањата ја изгубил раката. Таткото и синот повторно се сретнале дури во 1944 година на островот Вис, тогашно воено средиште на новата Југославија. Интересно е дека Жарко, исто како татка си, се женел повеќе пати и бил склон кон забави и прељуби. Се чини дека во овој случај важи онаа стара пословица „крушата под круша паѓа“. 

На почетокот на војната Пелагија била пуштена од логор. Со вториот сопруг во 1944 година ја добила ќерката Нина која подоцна ќе стане инженер. Пелагија била апсена двапати, а во 1948 година по судирот на Тито со Сталин на монтиран процес е осудена на 10 години затвор. Тито мислел дека Пелагија умрела, односно дека е убиена. Во 1957 година, по смртта на Сталин, се вратила од прогонство, откако ја помилувал Никита Хрушчов. Но, не смеела да живее во Москва, ами била протерана во едно блиско гратче. Дури во 1966 година дознава дека нејзиниот син Жарко, кој во меѓувреме се вратил во Југославија, е жив. Пред смртта Жарко ја посетил и тогаш за првпат се сретнал со сестра си Нина.

Пелагија умрела в Москва на 12 април 1967 година, а нејзината урна е положена на Новодевичјите гробишта во Москва.