Колку руска крв течела во вените на Романови?

Историја
ДЕЈАН МИТЕВСКИ
Еве неколку факти што не можат да се побијат за потеклото на руските цареви и царици.

Можел ли некој да биде повеќе Русин од членовите на семејството Романови? Подгответе се да дознаете неколку шокантни факти за владејачката династија. 

Да ја земеме за почеток оваа фотографија. Обидете се да погодите кој е руски принц, а кој е иден крал на Велика Британија. 

Колку што ни е нам познато Ники, како што во детството и во семејството секогаш го викале Николај Втори, немал патец како неговиот братучед од мајчина страна Џорџи (идниот Џорџ Петти). Нивните мајки биле сестри, данските принцези Дагмар (мајката на Ники) и Александра (мајката на Џорџ), ќерки на данскиот крал Кристијан Деветти. И судејќи според тоа колку братучедите си личеле во текот на целиот живот, тоа го добиле од своите мајки.

Сега веќе се поставува прашањето дали тоа значи  дека Николај Втори бил пола Данец? Значи. Но, ако прашате дали е половина Русин, одговорот ќе биде – не. Русин по дедо? Погрешно. Тогаш ќе кажете дека сигурно неговата прабаба била Русинка! За жал, ни тоа. Точниот одговор е следниов: последниот руски цар имал помалку од еден процент руска крв. Да бидеме попрецизни – 0.7%. Ова не е шега. Да видиме како дошло до тоа. 

За сè е виновен Петар Велики 

Основач на династијата Романови бил Михаил Фјодорович, кој седнал на тронот во 1613 година. Неговиот татко бил бојар од добро познато руско семејство, неговата мајка не била од ништо помалку важно семејство Шестови. Во вените на Михаил течело и мало количество крв од исчезнатата династија Рјуркович. Оттука можеме да кажеме дека тој бил 100% Русин. 

Од гледна точка на крвта во следните 112 години ништо не се менувало. Михаил го наследиле четири чистокрвни цара и еден регент (Софија Алексеевна). Владетелите земале за жени девојки од руски влијателни благороднички семејства како што се Стрешњови, Милославски, Наришкини. Сиве овие се руски презимиња. Петтиот Романов на тронот и најпознат од сите свои претходници (првиот император на Русија воедно) бил Петар Први.

Но, колку и да бил Петар Велик, можеме слободно да кажеме дека токму поради негова вина руската крв почнала да исчезнува од семејството. Петар имал мошне комплициран татковски однос со својот син единец, и најверојатниот наследник – принцот Алексеј, кој на крајот бил осуден на смртна казна како учесник во заверата против царот и против сопствениот татко. 

Така се случило по смртта на Петар тронот за првпат во историјата да го наследи лице без ниту една капка руска крв! Втората сопруга на Петар е родена како Марта Хелена Скавронска во сиромашно семејство со можеби полска, можеби литванска, донекаде шведска или германска крв... Тоа никој не може да го каже. 

За чудесната преобразба на Марта во царицата Екатерина Прва можете повеќе да дознаете во оваа статија, а тука само ќе додадеме дека Екатерина родила два сина, кои умреле во раното детство и дека владеела само две години.

Последен чистокрвен владетел

По смртта на Екатерина било решено следен руски цар да стане 10-годишниот син на убиениот принц Алексеј. Но, Алексеј својата животна сопатничка ја нашол во династијата Велф (исто позната како Гвелф или Гелф), а тоа веќе воопшто не звучи руски. Од оваа династија имаат потекло многумина германски и англиски монарси во последниве 1.000 години.

Петар Велики во тоа време гледал на бракот на неговиот син со Шарлота Кристина Софија како извесен вид дипломатија, зашто нејзината постара сестра веќе била омажена за Карл Шести, владетел на Светото римско царство. Затоа 10-годишниот и руски император Петар Втори бил Русин само по таткова линија. Не живеел долго, починал во четиринаесеттата година од животот.

Во остатокот на 18 век со Русија владееле само жени. По смртта на момчето, на тронот седнала Ана Ивановна, ќерката на четвртиот цар во династијата Иван Петти. Мајката на Ана била од руското благородничко семејство Салтикови, и затоа можеме слободно да кажеме дека таа е последната владетелка која била Русинка и по мајчина и по таткова линија. Ана немала потомци.

По нејзиното долго владеење имало обид да се продолжи линијата на Иван Петти со прогласување за цар неговиот двомесечен внук Иван Шести. Но, партијата која го поддржало ова дете ја изгубила битката за власт. За Иван само ќе додадеме дека тој бил Германец по татко (војводата Антон Улрхи кој бил на служба во руската војска). 

Итрата Екатерина Втора 

Следна била Елисавета, ќерката на Петар Велики и на Екатерина Прва, односно Марта Хелена Скавронска со неруско потекло. Значи, Елисавета била Русинка само по татко. Таа исто така немала пород, и за свој наследник го прогласила синот на сестра си. 

Петар Трети имал само 25% руска крв, а бил Русин по дедо си – Петар Велики. Негов татко бил војводата од Шлезвиг и Холштајн и Готорф, а тоа се земји кои денес се наоѓаат на територијата на Данска и на северна Германија. Потомците од ова семејство носеле царски круни во Шведска, во Данска, Норвешка, Грција, а со Петар Трети и во Русија. 

Затоа не е ни чудо што Петар Трети се оженил со девојка од германската кралска династија Анхалт. Софија и Петар не се сложувале добро уште од самиот почеток. Таа била малку попаметна и поитра, попопуларна на дворот и го оставила својот сопруг да владее само 186 дена, а потоа го натерала да абдицира. Прогласена е за императорката Екатерина Втора, а тоа бил и последен пат рускиот трон да го заземе некој кој немал ниту капка руска крв. Меѓутоа, по Екатерина дошол редот на таа „капка“. 

Германски и дански принцези 

За понатамошното семејно дрво на Романови ќе ни биде потребно само да ја поделиме „сметката на два“. Да започнеме од тоа дека Софија и Петар Трети и покрај заемната омраза имале заеднички син. Екатерина Втора ја наследил синот Павел. Ако се присетиме дека Петар Трети бил Русин само по дедо си, а Екатерина има 0% руска крв – еве колку руска крв течела во вените на Павел Први: 25÷2=12.5%. 

Од некакви причини секој следен руски император се женел со германска или со данска принцеза. Доколку целта за тоа била да се живее во мир со сите европски кралства, мораме да кажеме дека стратегијата не била најдобра, зашто тоа не спречило избивање на ниту една, па ни на Првата светска војна.

Значи Александар Први, синот на Павел и на Софија Доротеа, војвотката од Виртемберг имал 12.5÷2=6.25% руска крв. Неговиот помлад брат, од истите татко и мајка Николај Први исто толку. 

Александар Втори бил син на пруската принцеза Шарлота – 3.1% руска крв.

Мајката на Александар Трети била принцезата Марија, војвотка од Хесен и Рајна – 1.5% руска крв во вените на Александар. 

И дојдовме до Николај Втори, последниот руски цар. А, за неговата крв зборувавме на самиот почеток. 

Што да се каже по сиве овие, за некого нови, а толку стари и познати факти? Сево ова е само математика. Крвта не е вода, ниту состојка за мешање коктели, нели? И единствено е важно тоа што величината на душата на царот не може да се измери. Особено кога станува збор за руски цар!