Неговата изградба ја одобрил царот Николај Втори на почетокот на дваесеттиот век. Ви претставуваме една непозната приказна за проект кој би го променил лицето на светот.
На 30 март 1905 година францускиот инженер Де Лобел му претставил на техничкиот оддел на Руската царска железница проект за поврзување на Русија со Америка преку трансалјаско-сибирската железница.
Според сеќавањата на Le Grand Quebec, тоа била незаборавна и историска седница во научните и економските регистри на Русија; Де Лобел мајсторски ја претставил тезата за тогашната работничка криза, за тромавата металуршка индустрија и за големите последици кои од стратешка гледна точка би довела изградбата на неговиот проект.
На состанокот му претходело техничко известување на инженерот Мелентјев за „висечкиот железнички систем“ на М. Романов кој имал намера да го вклучи во амбициозниот проект, со ветување дека ќе се постигне брзина од 200 километри на час, без никаква опасност, на железничка пруга по која возовите требале да патуваат од Руското Царство до Соединетите Американски Држави.
Овој систем бил одобрен од железничката комисија на конгресот во Сан Луис, која го опишала како „практичен, сигурен и економичен“. Останувало само уште да се реши деликатниот проблем на внатрешните државни и социјални прашања. Промотерите на проектот сликовито објаснувале како оваа железничка пруга би можела да биде јака причина за државното и политичко зближување на двете земји преку развој на двата региона со голема иднина како што се Сибир и Алјаска.
Згора на тоа, се разговарало за зголемување на железничката делница која би се протегала од Беринговиот премин до Иркутск и до германската граница. Русија од една до другата страна би можела да се мине за помалку од три дена, а патот од Париз до Њујорк би можел да трае девет дена.
Пред ваквите ветувања Царската комисија можела само да стане и да ракоплеска. Претседателот на комисијата, а потоа и генерален директот на Државната железница, господинот Горчаков, му честитал на Де Лобел и ја пофалил неговата идеја за иднината на Русија.
Фиксација
Првиот проект за обединување на двата брега преку Беринговиот премин прв го предложил гувернерот на Колорадо Вилијам Гилпин во 1890 година. Тој имал предвид создавање огромна мрежа возови која ја нарекол „Космополитска железница“ – таа би требало да го обедини сиот свет со помош на железнички пруги.
Две години подоцна, во 1892, Јозеф Штраус, дизајнер на мостот Голден Гејт, го претстави проектот на меѓуконтиненталниот мост на Руското Царство кое го одби неговиот предлог.
Одобрен проект
Царот Николај Втори во август 1906 година го одобрил основањето на француско-американската корпорација што ја создал Лобел за да ја започне изградбата на трансалјаско-сибирската железница која изискуваше изградба на мостови и тунели во Беринговиот премин. Поддршката на рускиот владетел за ваков потфат од фараонски димензии го привлекло вниманието на печатот. Трошокот е проценет на 65 милиони долари, 300 милиони доколку се вклучат и сите железнички пруги.
Како што известил San Francisco Call за време на најавата на проектот, тунелот требало да почне да се копа од американската страна на длабочина од 30 метри, па да се искачи кон островот Гвоздев кој припаѓал (и сè уште припаѓа) на Русија. Таму требало да се изгради железничка станица која би им асистирала на патниците и на железниците. Каква лавина ги чекала Ескимите кои тогаш биле населени на островот сместен на само три километри од САД!
Лудост или изводлив план?
Вилијам Худ, инженер на фирмата Southern Pacific, го критикувал планот како „неостварлив“, наведувајќи дека морското дно би морало да биде хомогено и без никакви дупки за да може да се изгради тунелот. Други техничари коментирале дека проблемот не е во тоа што тунелот е под морето, ами преминот на планините на североистокот од Алјаска со цел возот од Русија да може да транспортира патници и стока во градовите од Северна Америка.
Што се случило потоа?
Често се споменува кризата што ја погодила Русија по поразот од Јапонија и потпишувањето на договорот за Портсмут во септември 1905 година, револуционерното движење, Првата светска војна и револуциите како причина за прекин на проектот. Вистината е во тоа дека потписот на царот не ги обединил Русија и САД.
Некои одат и понатаму. Како што вели американскиот историчар Вилијам Енгдал, автор на книгата „Митови, лаги и војни за нафта“, тој е уверен дека британските комерцијални интереси создале услови за почнување на Првата светска војна со цел да ја спречат изградбата на тунелот кај Беринговиот премин, со оглед на тоа дека неговата изградба би значела огромна опасност за економската поморска доминација што тогаш ја имала Британија.