Како да донесете пари во Русија во 2023 година?

Егор Алеев/TASS
На почетокот може да изгледа проблематично, но постојат сигурни начини да се донесат пари во Русија.

Visa, MasterCard и American Express ги прекинаа операциите во Русија во 2022 година, што го оневозможи плаќањето во земјата со кредитни картички издадени во странство. Следуваат неколку легални начини кои ќе ви помогнат полесно да управувате со вашите лични финансии додека сте во Русија.

Ограничување од 10.000 долари

Еден начин да донесете пари во Русија е физички да носите готовина со себе кога ќе пристигнете во земјата. Спротивно на популарното верување, во земјата е можно да се внесе секаква сума на готовина, бидејќи руската влада не го ограничува приливот на девизи.

Меѓутоа, ако износот надминува 10.000 долари [во која било валута или патнички чекови], сопственикот мора да го пријави на руската царина. Мора да се пријави целата сума, а не износ поголем од 10.000. Важно е да се напомене дека некои земји од ЕУ може да имаат свои ограничувања во поглед на износот на евра што може да се понесат за Русија.

Оние кои патуваат поретко би било добро да понесат што е можно повеќе готовина однапред, бидејќи тоа во моментов е најлесниот и најевтиниот начин за внесување пари во Русија.

„Секогаш можам да донесам нешто пари [од САД] и да ги депонирам [во Русија], но летањето напред-назад за да депонирам 10.000 долари ќе биде многу скапо, бидејќи летот до Москва не е многу евтин“, вели Дејвид Давидович, државјанин на САД кој редовно патува за Русија.

Меѓутоа, постои една финта. Од денес е незаконски да се изнесуваат девизи од Русија, доколку вкупната сума надминува 10.000 долари по курсот на Централната банка на Русија на денот на патувањето. Забраната се однесува на сите видови странски валути: американски долари, евра, британски фунти итн. Ограничувањето се однесува и на патнички чекови и хартии од вредност, како што се физички обврзници. Руските рубљи се изземени од забраната.

Имајте предвид дека оние кои донеле девизи во Русија и ги пријавиле на руската царина имаат право да ги изнесат од земјата, дури и ако износот надминува 10.000 долари, но само ако има потврда од руската царина дека парите навистина биле внесени од страна на истото лице. Најважно е да ја имате целата придружна документација кога ја преминувате границата со поголема сума бидејќи незаконскиот обид за извлекување на повеќе од 10.000 долари од Русија може да претставува кривично дело кое може да резултира со казна затвор.

Покрај тоа, износот на извезената валута кој надминува еквивалент од 3.000 американски долари мора да се пријави на царина при напуштање на Русија. Правилото го опфаќа целиот износ на извезената валута, а не само делот што надминува 3.000 долари.

Банкарска сметка во Русија

Странските државјани можат да отворат банкарска сметка во руска банка за да ги депонираат парите што ги донеле со себе.

Во зависност од банката, потребните документи може да се разликуваат, но, најчесто, списокот вклучува пасош, заверен превод на насловната страница и руски телефонски број.

„Мораме да го добиеме името на сопственикот на картичката со кирилични букви од официјален документ. Визата ќе биде доволна, бидејќи на неа е напишано името на лицето на кирилица. Ако странскиот државјанин нема виза, би требало да има заверен превод на пасошот“, вели службеник во една од руските приватни банки.

Дејвид рече дека не може да отвори банкарска сметка во руска државна банка како американски државјанин и затоа морал да се обрати до приватна банка. Меѓутоа, вработен во една од филијалите на државна банка изјави за Russia Beyond дека не би требало да има пречки што ќе го спречат странецот да отвори сметка во банка. Според вработениот, државјанин на која било земја може да отвори банкарска сметка на свое име, под услов да ги приложи горенаведените документи.

Прекуграничен трансфер на средства може да се изврши преку банка која поддржува трансфери преку SWIFT системот. Некои руски банки се исклучени од SWIFT, но некои ја задржаа можноста да примаат средства од странство користејќи го системот. Дали вашата локална банка нуди трансфер на пари во Русија преку SWIFT мора да се утврди од случај до случај, бидејќи различни банки во различни земји може да поставуваат свои правила во врска со тоа.

Обично се применува фиксен надомест или прилагодлива провизија од 1-5 проценти. Трансферот на пари преку системот SWIFT може да трае од два до седум дена. Максималниот износ на трансферот може да биде ограничен само од банката на испраќачот, бидејќи руските банки не поставуваат ограничувања за средствата што доаѓаат од странство.

Имајте предвид дека имателите на руски банкарски сметки можат да подигнат само до 10.000 долари (или еквивалент во евра), освен ако не депонирале девизи пред 9 март 2022 година. Примателите кои депонирале девизи на сметки во руска банка по тој датум ќе го добијат вишокот во рубли.

Неупадливи алтернативи

Некои услуги кои нудат меѓународни трансфери на пари може да се користат за испраќање пари во Русија од странство. Иако Western Union, Wise, MoneyGram и TransferGo повеќе не поддржуваат такви трансфери до или од Русија, сè уште постојат некои алтернативи. На пример, услугите како Koronapay, Unistream и Contact сè уште можат да се користат за испраќање пари во Русија од луѓе кои се наоѓаат во повеќето европски земји.

Постојат и други, помалку упадливи начини за испраќање пари во Русија од странство кои во екстремни случаи би можеле да бидат корисни за странските државјани.

Во случај на американски државјани во Русија, средствата може да се префрлат преку Стејт департментот со помош на локалната амбасада. Меѓутоа, оваа опција бара контактирање на соодветната амбасада и барање помош од случај до случај без загарантирани резултати.

Криптовалутата може да овозможи алтернатива за меѓународен трансфер на средства во време кога многу системи за трансфер на пари како што е Western Union веќе не поддржуваат трансфер на средства во Русија. Овој метод бара одреден степен на технолошко знаење од страна на испраќачот и примачот на средствата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња