Така се вика месечната и доживотна исплата на пари од државата или од приватните пензиски фондови, кога човек ќе дојде во години кога е официјално неспособен за работа. Притоа според законот тоа не значи (и тоа збунува малку) дека човек кој е неспособен за работа повеќе не може да работи или треба да оди во пензија. Може да се пензионира дури и ако има работа. Тогаш ќе добива истовремено и пензија и плата. Со други зборови, тоа се пари на кои можете да сметате без разлика дали земате плата или не.
Постојат неколку видови пензии, а која ќе се добие зависи од голем број фактори: работното место, стажот, можен инвалидитет, државни награди и слично. Но, најчестиот вид на пензија во Русија е старосната пензија, која ја плаќа државата и која се нарекува „осигурувачка“ (бидејќи се заснова на принципите на осигурување).
Од 2019 година, по пензиската реформа, оваа возраст постепено се зголемува, секоја година по шест месеци. Промените ќе се воведуваат до 2028 година, така што жените на крај ќе одат во пензија на 60 години, а мажите на 65 години (пред реформата се пензионираа пет години порано). За некои категории граѓани (околу 30% од нив) постои можност за предвремено пензионирање. Тоа се, на пример, мајките со повеќе деца, работниците во производство штетно по здравјето и оние кои работат во тешки услови на Крајниот Север, инвалидите итн.
Меѓутоа, за примање на пензија возраста не е доволна.
За да добиете пензија, мора да соберете и барем минимален работен стаж и таканаречени пензиски поени (условни единици што се користат за бодување на секоја година работа; тие зависат од висината на осигурувањето што го плаќа работодавачот). Колку повеќе стаж и повеќе бодови имате, толку поголема ќе ви биде пензијата.
Некои пензионери имаат и доплати. Меѓу нив, на пример, се оние кои се веќе над 80 години, пензионери со стаж од работа на село и на север или пензионери кои издржуваат други лица. Понекогаш овие доплати се сосем симболични, но можат да бидат и значајни.
Во 2022 година, просечната старосна пензија во Русија изнесува 18500 рубли (214 евра).
Најголеми пензии во земјата добиваат претставниците на екстремни професии, народните уметници, пратениците, судиите и космонаутите. Така, пензијата на судиите се движи од 35 илјади до 200 илјади рубли (406 до 2320 евра), за пратеник во Државната Дума таа е над 46 илјади рубли (534 евра), додека космонаутите во пензија во просек примаат 446 илјади рубли (5117 евра).
Доколку немате доволно стаж и бодови, можете да продолжите да работите додека не го соберете минималниот износ (во 2022 година минимумот е 13 години искуство и 23,4 бодови). Но, ако имате неофицијална работа или немате, сепак ќе добивате старосна пензија. Само тоа нема да биде осигурувачка, туку социјална (минимална), а возраста за пензионирање ќе биде пет години повисока. Висината на социјалната пензија во Русија е 6242 рубљи (72 евра), што е помалку од минимумот потребен за живот, кој варира од регион до регион. Затоа оној дел што недостасува пензионерот го добива накнадно. Ако живее во Москва, тоа ќе биде 21193 рубли (246 евра), во Барнаул 10882 рубли (126 евра), а во Владивосток 12119 рубли (140 евра).
Во 2019 година, Сметковната комора на Русија (државен орган за ревизија) пресмета дека пензионерите во Русија треба да трошат 200 рубли (2,3 евра) дневно за да преживеат. Токму толку им останува за основни потреби откако ќе платат комуналии и ќе купат лекови. И тоа ако не купуваат облека и обувки.
Знаејќи го тоа, некои луѓе долго пред заминување во пензија размислуваат за тоа од што ќе живеат во староста и инвестираат во приватни пензиски фондови. Тие се контролирани од големи корпорации, банки и осигурителни компании, а таквата пензија се нарекува доброволно пензиско осигурување. Таа нема да ја замени државната пензија, туку претставува дополнителна опција.
Во суштина, се работи за формирање на уште една пензија, под услови што пензионерот сам ги избира, со инвестициска програма што му одговара. Кога ќе го склучи договорот, тој ја уплаќа почетната сума на сметката, а потоа периодично врши уплати. Овој недржавен пензиски фонд ги вложува вашите пари во акции, обврзници и благородни метали со низок ризик за да оствари профит. Шемата изгледа вака: вие најпрвин ги вршите уплатите, потоа заминувате во пензија, а фондот ви ги исплаќа собраните пари на месечна основа.
„Додека дојде до исплата на пензијата на сметката ќе има повеќе пари од збирот на моите уплати“, вели Олег Тихомиров, кој има сметка во недржавен фонд. „Ако сакам да ги земам парите додека трае штедењето, фондот ќе ми земе нешто и ќе добијам помалку отколку што сум уплатил. А ако не доживеам до пензија, нема да има казна и наследниците ќе ја добијат сумата во целост“.
Меѓутоа, процентот на оние кои на овој начин штедат за втора пензија е низок. Овој метод има свои недостатоци и ниско ниво на доверба кај Русите. На пример, високата инфлација во долгорочна перспектива ќе го изеде профитот, фонд можете да смените најмногу еднаш во пет години, во спротивно профитот се губи, а освен тоа, идниот пензионер не може секогаш да влијае во што фондот ќе ги инвестира неговите пари. Затоа често може да се слушнат коментари од типот: „Каква сомнителна шема! А што ќе биде ако нешто му се случи на тој фонд за 20 години? Како што постојано се случува кај нас. Според мене, поедноставно и побезбедно е на истиот начин да се купи недвижен имот и во текот на пензијата да се добива од него приход“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче