Кој можеше да се збогати во СССР?

Russia Beyond (Photo: Јосиф Соборовер/ТАСС; Public domain)
Во „земјата каде што владееше рамноправност“ поединци всушност живееја како мали цареви.

„За мене често се зборува дека сум „првиот милионер“, рече Вадим Туманов во едно интервју во 2015 година. „Се разбира, јас заработував многу затоа што дури и обичните „задругари“, каде и да работеа, заработуваа повеќе од секретарите на обласните комитети на партијата! И секретарите беа крајно револтирани поради тоа“.

„Задругари“

Борис Елцин во посета на задругата „Градител“ („Строитель“). Од десната страна Николај Травкин и шефот на задругата Вадим Туманов.

Вадим Туманов беше познат раководител на задругата копачи на злато под називот „Печора“, а такви задруги имаше многу. Само задругите кои ги основаше Туманов ископаа повеќе од 500 тони злато  (во текот на 1960-тите СССР вадеше околу 150-170 тони злато годишно, а значаен дел од таа работа вршеа задругите на Туманов). Задругата „Амур“, основана од Туманов, сé уште постои и функционира на рускиот Далечен Исток.

Задругите беа полуформални групи работници или колективи кои постоеја насекаде во економијата на СССР. Произведуваа мебел и играчки, вршеа сезонски работи како риболов, жетва, берење јадливи бобинки итн. Секако, задругите на копачите на злато ја имаа најпрофитабилната работа. Тие ѝ беа потребни на државата бидејќи само искусните копачи можеа ефикасно да вадат злато. Задругите постоеја сé до 1980-тите.

Работници на миење злато во задруга// Добиено злато.

Колку заработуваа работниците во задругите на Туманов? Работеа во 12-часовни смени, најчесто во тешки услови, без слободни денови и заработуваа околу 10.000 рубли во сезона (3-4 месеци). Тоа беше огромна заработка, ако се земе предвид дека министрите официјално примаа 1.000 рубли месечно (по оданочувањето).

Партиски функционери

Претседателот на Извршниот одбор на Московското градско собрание Владимир Фјодорович Промислов пред влезот во Градското собрание на Москва.

Обично богаташи во СССР беа функционерите на Комунистичката партија. Сите ја споредуваа својата плата со платите на партиските лидери. Партиските функционери беа побогати од „обичните“ државни функционери. Еден министер во владата на СССР примаше околу 1.000 рубли, а исто толку заработуваа и секретарите на Централниот комитет на КПСС (иако нивниот ранг фактички беше понизок од министерскиот). Генералниот секретар на Централниот комитет на КПСС примаше 1.500 рубли месечно (на таа функција беа, на пример, Никита Хрушчов, Леонид Брежнев и Михаил Горбачов).

Колку заработуваше обичниот советски работник?

Просечната плата во СССР во текот на 1970-тите и 1980-тите изнесуваше околу 150 рубли месечно. Работниците од понизок ранг (работници кои товараат и растовараат стоки, медицински сестри, продавачи, чистачи, ноќни чувари, домари итн.) добиваа околу 70-80 рубли месечно. Учителите, лекарите, возачите на камиони и стругарите добиваа 120-150 рубли, а инженерите од 130 до 220 рубли. Платата на угледен и искусен работник во производството можеше да изнесува и 300-350 рубли, додека директор на фабрика примаше 300-450 рубли месечно.

Забавувачи

Људмила Зикина, народна уметница на СССР.

На познатите пејачи, музичари и изведувачи им беа отворени сите врати во СССР. Тогаш немаше многу естрадни ѕвезди, така што сите живееја многу луксузно.

Пејачите, музичарите и другите изведувачи официјално ги плаќаше државата, така што тие заработуваа според статусот. Заслужните естрадни уметници на советските републики, а уште повеќе заслужните естрадни уметници на СССР, можеа да заработат и по 40 рубли за еден концерт, што беше една третина од платата на инженерот. Народните уметници заработуваа уште повеќе. Но, официјалната заработка не ги сочинуваше сите нивни приходи, бидејќи тие добиваа и подароци. На пример, пејачката Људмила Зикина доби од Гајдар Алиев, потпретседател на владата на СССР, ѓердан со 127 брилијанти.

Официјалните плати на пејачите и другите естрадни уметници беа значително помали од нивните реални приходи. Владимир Висоцки за еден концерт официјално добиваше само 11,5 рубли, а секој нелегален или неофицијален настап му носеше 500 и повеќе рубли. Од друга страна, тој и како актер земаше прилично голема плата. За улогата на Арапот на Петар Велики во истоимениот филм Висоцки, наводно, добил 3.450 рубли.

Писатели / Поети

Писателот Сергеј Михалков за време на средба со деца во Киевската регионална детска библиотека.

Примањата на писателите и поетите во СССР се состоеја од нивните хонорари и истовремено од авторскиот процент за секој продаден примерок на книга, што значи дека побогат беше авторот кој се печатеше во поголеми тиражи.

Хонорарите, во зависност од статусот на авторот, варираа од 250 до 800 рубли за 23-25 ​​страници отпечатен текст. Меѓутоа, главниот приход беше од процентот што авторот го добиваше за секој продаден примерок на книга. Сергеј Михалков, детски поет и автор на текстот на химната на СССР, беше познат како можеби најбогатиот советски писател. Вкупниот тираж на неговите книги надмина 300 милиони примероци.

Писателот Алексеј Николаевич Толстој.

Драмскиот писател Анатолиј Барјанов, за кој денес никој не ни слушнал, во 1949 година доби 920.700 рубли како хонорар за поставување на неговата драма „На другата страна“. Колку за споредба, во текот на 1950-тите, „Победа“ беше најлуксузниот советски автомобил и чинеше околу 15.000 рубли.

Па сепак, писателите, поетите и драматурзите беа само условно сопственици на тој имот. Како „официјално признати“ творци и членови на Друштвото на писатели и други здруженија на творци, тие имаа право да користат корпоративни санаториуми, добиваа државни вили и пространи станови, но целиот тој луксуз можеше да им биде одземен за миг доколку писателот паднеше „во немилост“ на раководството на Комунистичката партија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња