Објавени резултатите на Русија во процесот за ослободување од доларот

Reuters

Во текот на годините под санкции, Русија во надворешната трговија го намалила процентот на пресметки во долари за 12,6% и го зголемила процентот на пресметки во евра за 26,6% и во рубли за 14%, се наведува во резултатите од истражувањето што го спроведе меѓународната ревизорска консалтинг мрежа FinExpertiza.

Како одговор на западните санкции, Русија од 2014 година почна да ја намалува својата зависност од доларот во меѓународните трансакции. Во истражувањето, чии резултати ги објави РИА „Новости“, се проценува динамиката на девизната структура на трансакциите на Русија во надворешно-трговските односи од 2013 до 2018 година.

За пет години процентот на пресметки на Русија во долари е намален на 56,1% или на 388 милијарди долари. Овој показател во евра, напротив, достигна 21,9% и изнесува 151 милијарда во доларски еквивалент.  

Се наведува дека скоро 20% од пресметките (или една петтина од сите трансакции) се извршени во рубли, т.е. 136 милијарди во доларски еквивалент. Пресметките во други валути во руската трговска размена се незначителни (2,4%), но во периодот кој е предмет на истражувањето тие пораснале за 84,6%.

Промените во структурата на девизните пресметки се особено забележливи во извозот. Процентот на долари во извозните трансакции е намален за 15,5% и изнесува 67,3% (околу 300 милијарди долари). Процентот на еврото пораснал за 90% и достигнал 17,3% (77 милијарди долари, пресметано во долари). Зголемување се забележува и во пресметките во руската национална валута. Обемот на извозот е зголемен за 33,3% во 2018 година во споредба со показателите за 2013 година и достигнал 60 милијарди долари (удел од 13,6%). Процентот на другите валути во девизната структура на извозот е зголемен за 63,6%, но, како и претходно, е незначителен и претставува 1,8% од вкупниот девизен приход.

Како што истакна претседателот на советот на директори на FinExpertiza Елена Трубникова, трендот на ослободување од доларот и преминувањето на пресметки во рубли во надворешната трговија е очигледен. Според неа, ова ќе ја направи руската економија постабилна, ќе ја заштити од санкциите. „Тоа во поголема мера се однесува на извозот, бидејќи продажбата на стоки во валутата на земјата која продава е природна појава”, објасни таа.

Трубникова додаде дека овој процес се одвива паралелно со главните трговски партнери. На пример, процентот на рубљата во пресметките со Кина за рускиот извоз пораснал 5,2 пати, додека процентот на јуанот при плаќањето на кинеската роба е зголемен за 8,8 пати. Сето тоа го намалува уделот на доларот, рече таа.

На почетокот на годината Централната банка на Русија соопшти дека во 2018 година процентот на доларот во меѓународните резерви е намален за 24,4%, додека процентот на еврото и на јуанот порасна.

Кремљ предупредува дека процесот на дедоларизација на руската економија е долг и комплициран, но дека веќе постои тенденција кон зголемување на обемот на пресметки во национални валути.

Прочитајте повеќе: Русија се откажа од плаќање во долари во воените договори

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња