„Гаспром“: Во овој момент е изградено преку 99 отсто од гасоводот „Силата на Сибир“

Газпром

Во моментов „Гаспром“ има изградено повеќе од 99 отсто од гасоводот „Силата на Сибир“, преку кој рускиот енергенс ќе биде транспортиран во Кина, се наведува во презентацијата на руската гасно-нафтена компанија по повод Денот на инвеститорот, во делот посветен на реализацијата на нови проекти.

Изнесените податоци се однесуваат на состојбата заклучно со 20 февруари оваа година. Како што веќе најави претседателот на Управниот одбор Алексеј Милер, „Гаспром“ ќе почне со испорака на гас во Кина преку цевководот „Силата на Сибир“ 20 дена пред предвидениот рок, односно на 1 декември оваа година. Инаку, во реализацијата на наведениот проект годинава ќе бидат вложени 147,5 милијарди рубли.

Минатата година се инвестирани 219,04 милијарди рубли, а 2017-та 158,8 милијарди рубли. Вкупната вредност на проектот според цените од 2011 година е проценета на 799,9 милијарди рубли. Инвестициите во вториот проект - западниот правец на „Силата на Сибир 2“, ќе бидат, како што се очекува, значително помали.

„Гаспром“ за 2018 година очекува максимално високи дивиденди. Во буџетот на компанијата се вкалкулирани 10,43 рубли по акција (во споредба со 8,04 за акција од 2017-та). Растот на дивидендите е поврзан со зголемувањето на нето-добивката на компанијата. Во првите девет месеци лани таа порасна 1,8 пати и достигна еден трилион рубли. Уделот на руската компанија во кинескиот увоз на гас до 2035 година би можел да достигне повеќе од 25 отсто, пишуваат руските медиуми.

Покрај тоа, „Гаспром“ го зголеми учеството на пазарот на Европската Унија од 34,2 на 36,7 отсто. Рускиот гигант смета на зголемување на извозот на гас до 2025 година за 25 отсто. „Гаспром“, инаку, минатата година извезуваше гас по просечна цена од 245,5 долари за илјада кубни метри, што е за 24,6 отсто повеќе отколку 2017 година.

„Силата на Сибир“ е магистрален гасовод во изградба наменет за испорака на гас на Кина по источната рута. Договорот за заедничкиот проект на „Гаспром“ и кинеската компанија CNPC беше потпишан во мај 2014 година на 30 години и предвидува договорената годишна испорака од 38 милијарди кубни метри руски гас на Кина да се постигне за пет години.

Прочитајте повеќе: Германски медиуми: Европа не може да преживее без рускиот гас

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња