Русија ја доби втората милијардерка, богатството го стекнала преку интернет

Антон Новодерјошкин/TASS

Сѐ до 2018 година во Русија постоеше само една жена чие богатство надмина милијарда долари. Тоа беше Елена Батурина, сопруга на поранешниот градоначалник на Москва Јуриј Лушков, претприемачка која порано ја водеше градежната компанија „Интерко”, а денес поседува синџир хотели. Меѓутоа, сега во земјата се појави уште една милијардерка. Се вика Татјана Бакаљчук и е сопственичка на најголемата интернет-продавница во Русија „Вајлдберис“ (Wildberries).

Според податоците на „Форбс“, Wildberries вреди 1,2 милијарди долари, а Бакаљчук е негова единствена официјална сопственичка. Заедно со сопругот Владислав, Бакаљчук 2004 година ја основала Wildberries и, како што веќе велат, никогаш не очекувала ваков успех. Почнала со продажба на облека од Германија преку интернет, а потоа постепено развила цела империја која денес продава сѐ – од книги до храна за спортисти. Веб-страницата Wildberries дневно ја посетуваат околу 2 милиона луѓе.

„Wildberries спаѓа меѓу оние неколку интернет-продавници кои навистина им носат профит на своите сопственици“, истакнува „Форбс“. Бакаљчук вели дека Wildberries и понатаму е семејна работа и дека таа и нејзиниот сопруг, инаку сопственик на курирската службa која соработува со интернет-продавницата, „прават сѐ заедно“. Се покажа дека оваа руска верзија на „Амазон” е повеќе од добро семејно хоби.

Прочитајте повеќе: „Форбс“ објави листа на најбогатите жени во Русија

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња