Потпретседателот на руската влада Јуриј Борисов изјави дека договорот за испорака на системот С-400 на Индија е склучен во рубли. На тој начин двете страни преминаа на плаќање во националните валути наместо во долари, пренесуваат руските медиуми.
Како што претходно пишуваше печатот, Русија со своите партнери во сферата на воено-техничката соработка има намера да премине од доларски на пресметки во национални валути. Според Јуриј Борисов, концернот „Алмаз-Антеј“ ќе ѝ ги достави на руската војска порачаните системи С-400 на време, без оглед на големата побарувачка за ова оружје од странство.
„Рускиот Концерн за воздушно-космичка одбрана „Алмаз-Антеј“ ќе го зголеми обемот на производство“, најави Борисов истакнувајќи дека голем број странски клиенти сака да ги набави наведените ПВО-системи.
Покрај тоа, два бригадни комплета годишно ѝ се испорачуваат на руската војска. Затоа на колегиумот на Воено-индустриската комисија е разгледувана можноста за балансирање на производството за да се избегнат тесни грла, нагласи Борисов.
Рускиот претседател Владимир Путин и индискиот премиер Нарендра Моди се договорија за испорака на системите С-400 „Триумф“ во октомври 2016 година. Договорот беше потпишан на почетокот на октомври оваа година. Купувањето на пет полка Делхи ќе го чини 5,43 милијарди долари. По Кина и Турција, Индија ќе биде третата држава која ќе ги купи системите „Триумф“.
Русија и Индија се крупни партнери во сферата на воено-техничката соработка. Русија годишно ѝ испорачува на оваа земја воена техника и вооружување во вредност од неколку милијарди долари. Преку 70% од вооружувањето и борбената техника на индиската војска, военото воздухопловство и воената морнарица е од руско и советско производство. Противвоздушниот систем С-400 со голем и среден дострел е во состојба да уништува како воздушни цели, авијација и ракети, крстосувачки и балистички, така и копнени објекти на растојание од 400 километри.
Според турскиот министер за одбрана Хулусиј Акар, инсталирањето на руските противвоздушни ракетни системи С-400 во оваа земја е планирано за октомври наредната година, пишува порталот „Взгљад“.