Зошто Русија ги продава американските обврзници?

Економија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Уделот на Русија во поседувањето на американски државни обврзници од март е намален за преку 80%.

Русија со години беше еден од најголемите иматели на американски обврзници, но сега повеќе не е. Уште во март поседуваше обврзници во вредност од 96,1 милијарди долари, а веќе во мај само 14,9 милијарди долари, што значи дека Руската Федерација повеќе не спаѓа меѓу водечките инвеститори во американските обврзници и сега по тоа прашање е далеку зад Кина, Чиле и Казахстан.

Вкупните руски инвестиции во американски обврзници се речиси во целост вратени на нивото од средината на 2007 година (14,7 милијарди долари). Според директорката на Централната банка на Русија Елвира Набиулина, распродажбата на американски државни обврзници е извршена во рамките на диверзификацијата на резервите на меѓународните девизни средства и хартии од вредност.

„Во текот на изминатите 10 години ние десеткратно ги зголемивме нашите резервина злато“, изјави Набиулина.

„Ние ги диверзифицираме нашите девизни резерви ... проценувајќи ги сите ризици, па финансиските, економските и геополитичките“.

Експертите сметаат дека оваа одлука е донесена поради напнатата ситуација по априлската „рунда“ санкции кои САД ги воведоа на Русија и ги насочија против руските милијардери и функционери, како и против големите корпорации како што се Renova Group и производителот на алуминиум „Русал“.

Таквите недобронамерни потези натераа многу луѓе во Русија да очекуваат нови санкции кои можат да влијаат и на американските хартии од вредност или да ги замрзнат активите на руските банки во системот SWIFT.

„Тоа е пред сѐ политичка одлука“, изјави Сергеј Суверов, главен аналитичар на брокерската компанија БКС. „Централната банка држеше 30% од своите активи во американски државни обврзници и секогаш беше критикувана за тоа. Според тоа, со оглед на американските санкции, чекорот насочен кон намалување на доларските резерви делува логично“.

Американските државни обврзници се пазарни хартии од вредност со фиксна камата, орочени на повеќе од 10 години, со тоа што каматата се наплаќа секои 6 месеци. Земјите обично купуваат американски обврзници за да го покријат дефицитот од трговијата со САД, реинвестирајќи ги доларите потрошени на купување на американска роба и услуги.

(Руските инвестиции во американски обврзници во текот на минатата година)

Мислите дека руските милијардери страдаат од западните санкции? Би се рекло дека тие воопшто не им пречат затоа што нивното вкупно богатство, судејќи според сѐ, расте.