Од бесплатните возови организирани на меѓуградските линии за време на Светското првенство во фудбал во Русија навивачите однеле метални држачи за чаши, ќебиња и чаршави во вредност од еден милион рубли (13 609 евра), изјави раководителот на одделението за управа со деловниот блок „Патнички превоз“ на компанијата „Руски железници“ Павел Бурцев.
Тој претпоставува дека навивачите помислиле дека можат да ја понесат постелнината со себе бидејќи ја добиваа во рамките на бесплатниот превоз. „За толку голема компанија тоа, се разбира, не е преголема штета. Ќе набавиме нови“, рече тој.
Како што нагласи, за „Руски железници“ не е непозната појавата патниците и на редовните линии да си однесат „сувенири“ од возовите. Служењето чај во чаши со метални држачи со рачка во возовите е симбол на патувањето по руската железница уште од времето на царска Русија.
Како што претпоставува порталот КП, „подстаканикот“ за странските навивачи е егзотичен предмет во рангот на „руската душа“, нешто што првпат го виделе, па затоа не зачудува желбата да го понесат со себе. Додуша, можеле да го видат и во многуте продавници за сувенири во кои тие се мошне скапи, особено со изгравирани знаменитости, да речеме, Москва или Петербург. Од времето на царска Русија повеќе пати беше менуван дизајнот, а денес се изработуваат од месинг, бакар и сребро, додека за украсните детали се користи сребро, злато и никел. Во познатата фабрика во Колчугун месечно се произведуваат околу 20 илјади држачи за чаши.
Интересно е и тоа што од Катар, каде 20202 година ќе се одржи следниот Мундијал, веќе се интересирале кај раководниот кадар на „Руски железници“ за искуствата во врска со бесплатниот превоз на навивачи.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче