Дали руската економија ќе има корист од Мундијалот?

Sputnik
Во историјата на светските фудбалски првенства овој Мундијал најмногу ја чинеше земјата-домаќин. Дали Кремљ ќе успее да ги врати вложените средства и барем нешто да заработи?

Руската држава и приватните инвеститори вложија 13.2 милијарди американски долари за подготовка на Светското фудбалско првенство (изградба на нови стадиони, подобрување на сообраќајната инфраструктура, организирање културни манифестации итн.)

Оваа огромна сума не беше премногу големо оптоварување зашто не е потрошена одеднаш, ами во текот на неколку години (2013-2017), но е многу повисока од сумите што претходно се трошеле за организирање на Мундијалите.

Експертите велат дека се мали шансите руската економија да добие некаква корист од ова натпреварување, но можеби таа разлика ќе ја компензира промоцијата на земјата.

Што ќе донесат туристите?

Оваа година Светското првенство во фудбал на Русија ќе ѝ донесат стотици илјади, ако не и милиони туристи. Раководителите на регионите очекуваат дека во земјата ќе дојдат еден и пол милион туристи, додека компаниите за консалтинг се поскромни во прогнозите – тие сметаат дека ќе дојдат 500.000 туристи, но и тоа е многу со оглед на тоа дека според процените секој навивач во просек троши 5.000-8.000 американски долари на храна, сместување, сувенири, забава итн.

Навивачите на Мундијалот чекаат ред  пред мавзолејот на Ленин на Црвениот плоштад во Москва.

Овој прилив на средства може да обезбеди 2.5-4 милијарди американски долари. Благодарение на странските туристи зголемена е побарувачката за хотелски и ресторански услуги, и тоа не само во големите градови, ами и во регионалните центри. „Сепак, таа тенденција нема да потрае. Таа ќе спласне штом ќе заврши шампионатот“, истакнува Евгенија Мирук, финансиски директор на компанијата за консалтинг „Еволушн менаџмент“.

Бранот фудбалски навивачи може да предизвика и привремено поскапување на рубљата зашто туристите ќе купуваат руска валута, создавајќи така поголема побарувачка за неа. Но, ефектот секако ќе биде ограничен со оглед на тоа што руската валута според мислењето на експертите може да скокне само за 2% во однос на американскиот долар.

Колку стадионите се добра инвестиција?

Огромен дел од средствата потрошени за подготовката на Мундијалот (8.9 милијарди американски долари) беа наменети за подобрување на сообраќајната и на спортската инфраструктура што е добра долгорочна инвестиција, додека останатите средства (4.1 милијарди американски долари) се вложени во изградба на големи, модерни и скапи стадиони. Властите сметаат дека овие инвестиции секако ќе се исплатат во долгорочна перспектива зашто во тие спортски објекти ќе се организираат разни манифестации и спортски натпревари.

Саранск

Постојат и такви кои го тврдат спротивното. Неодамна во извештајот на агенцијата „Фич рејтингс“ беше наведено дека за тие стадиони ќе бидат потребни дополнителни трошоци за нивно одржување и опслужување и дека тоа се прифатливи суми за големи градови како што се Москва и Санкт Петербург, но се голем товар за градовите како што е Саранск.

Овој град минатата година за подготовките за Светското фудбалско првенство имаше дефицит од 27%, а сега властите очекуваат дека годишно ќе бидат потребни 300 милиони рубли (4.7 милиони американски долари) за одржување на новиот стадион кој чинеше 17 милијарди рубли (300 милиони американски долари). Со оглед на ограничените финансиски можности на Саранск, можно е други градови да учествуваат за надополнување на овие трошоци.

Скромна заработка

Сè на сè, експертите на компанијата за консалтинг прогнозираат дека организирањето на Светското првенство ќе даде незначителен придонес за руската економија, и дека тој нема да биде поголем од 1% од бруто домашниот производ. Тоа и нема да биде толку лошо ако се има предвид дека само две земји имаа финансиска корист од Мундијал (САД 1974 и Франција 1998). Од друга страна, изградбата или реновирањето на 12 стадиони во 11 градови може да биде позитивен фактор во работата со странските инвеститори, истакнува Евгенија Мирук. „Тоа докажува дека Русија има потенцијал за реализација на големи и амбициозни проекти и за стекнување доверба кај потенцијалните партнери“.

Путин со пехарот на Светското првенство во фудбал.

Сепак, експертите сметаат дека нема да биде лесно да се искористи тој факт во интерес на Русија. Само по себе Светското фудбалско првенство нема да привлече нови инвеститори во Русија. За инвеститорите и понатаму се од клучно значење факторите како што се препреките од правна природа, транспарентноста и надворешните услови (на пример санкциите), истакнуваат Дарја Носова раководител на организацијата „Финтек 02 консалтинг“ и Олег Богданов аналитичар на агенцијата „Телетрејд груп“.

Покрај тоа за Русија е мошне важно да покаже дека таа може да биде сигурен партнер кој носи одлуки во корист на долгорочните односи со другите земји, смета Дмитриј Кибкало основач на меѓународниот синџир продавници за социјални игри „Мосигра“. „Тоа ќе создаде атмосфера на доверба и сè поголем интерес за враќање во Русија“, тврди тој.

Најдобра можна промоција на земјата

Експертите истакнуваат дека организирањето големи меѓународни настани како што е Светското првенство во фудбал е пред сè одлична стратегија за промовирање на земјата, а не комерцијален потег. Ако се смета дека 4.1 милијарди долари, колку што е потрошено за стадионите, е инвестиција во промоцијата на Русија, тогаш има смисла да се потрошат толку средства за фудбалски турнир.

Навивачи на улицата Никољскаја во центарот на Москва.

Денес може да се види своевиден дежа ву , истакнува Владимир Рожанковски, аналитичар на Московскиот финансиски центар. Пред триесетина година, по распадот на Советскиот Сојуз, западните „мисионери“ почнаа да ја „откриваат“ Русија како држава, како култура и како економија. Денес гледаме дека се случува нешто слично.

„Многу угледни весници и телевизиски канали почнаа да ја прикажуваат Русија како 'необично' жива и пријателски наклонета земја. Можеме да бидеме сигурни дека таа ќе стане магнет за туристите по овој настан“, вели Рожанковски. „Очекуваме луѓе на кои им е важно да ја видат 'новата, нормална Русија' која не се потпира на 'лажни вести' ('fake news') и кои сакаат да се уверат дека Русија е навистина 'нормална земја'.

Во таа смисла може да се каже дека секој меѓународен настан од олкави размери за Русија е голема и значајна инвестиција.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња