Руско-македонска економска соработка: Убеден дека можеме многу повеќе!

Извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора м-р Дејан Бешлиев

Извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора м-р Дејан Бешлиев

Македонско-руската стопанска комора
Во последниве години во голема мера се зголемува економската соработка помеѓу Република Македонија и Руската Федерација. Со цел да дознаеме повеќе за она што денес се случува во бизнис-релациите помеѓу Македонија и Русија Russia Beyond-Македонија се обрати до извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора м-р Дејан Бешлиев кој беше љубезен до детали да ни објасни многу работи за кои бевме заинтересирани.

Неодамна во Москва прославивте уште една успешна година од постоењето на Руско-македонската стопанска комора. Можете ли да направите еден генерален пресек на она што сте го сработиле досега?

Македонска-руската стопанска комора на 25 март годинава ја прослави својата 13-годишна работа. Во оваа пригода сакам да потенцирам дека во сите овие години обезбедивме постојан раст и развој на деловната асоцијација. Ваквата нагорна линија несомнено се должи на активната поддршка на сите наши членки, чии број достигна 149 компании, но и на останатите партнери на комората. Во успешното остварување на нашата мисија ветерот во грб го добиваме особено од економските претставници на дипломатските претставништва на двете земји. Во таков еден амбиент и поддршка успеавме да станеме вистински мост на стопанско поврзување меѓу двете земји.

Тој мост веќе има цврсти темели. Воспоставивме мрежа на партнерски односи со низа бизнис-асоцијации во Руската Федерација, меѓу кои се и најголемите деловни мрежи во оваа земја – Стопанската комора на Руската федерација и Московската стопанска комора. Тесно соработуваме со стопанските комори на многу руски региони (Ростовскиот, Санктпетербуршкиот, Тамбовскиот, Калиниградскиот, Липецкиот...), но и со федерални институции кои се од значење за лесно и ефикасно остварување на трговските односи меѓу двете земји, како што е, на пример, Росељхоснадзор, државната служба за ветеринaрен и фитосанитарен надзор и други.

Во сите овие изминати години организиравме голем број бизнис-посети на македонски компании во Москва и во регионите кои оценивме дека има најголеми шанси за пласман на македонските производи и соработка со руски компании.Традиционално македонските компании организирано и со национален штанд учествуваат на две големи саемски манифестации „Продекспо“ и „Ворлдфуд“ во Москва со финасиска поддршка на македонското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Поради сето ова, и за македонските и за руските бизнисмени стана сосема нормално првиот чекор во оставарување на нивните претприемачки идеи во настапот на овие пазари да го направат токму во Македонско-руската стопанска комора.

Тоа се варолизира и во постојан раст на сите сегменти на размената меѓу двете земји, која од година во година расте и лани ја достигна бројката од 202 милиони американски долари.

Во руската престолнина веќе функционира „Македонски дом“. Што всушност претставува овој проект, каква е неговата организација и која е целта на неговото постоење?


Долго во земјава на разни трибини, деловни средби и во други бизнис-разговори се споменуваше дека една од пречките за поголем и поразновиден пласман на македонски стоки на големиот руски пазар е фактот што нашите производи ги нема таму на самото место. Ги „засукавме ракавите“ и пред една година во руската престолнина беше отворен Трговско–изложбениот македонски дом, на што сме особено горди.

Проект започна да се реализира по иницијатива на Македонска-руската стопанска комора и на Московската стопанска комора и, секако, со компанијата „Македонски трговски дом“, која е под раководство на Ина Владимировна Жарова. Тој беше замислен да функционира како постојан изложбен и продажен салон за македонските производи сместен во најголемиот земјоделски кластер „Фуд сити“ во Москва. На простор од 150 квадратни мерки се застапени производители од четири производни гранки од Македонија – вино и пијалаци, млечни производи, кондиторски производи и производи од преработувачката индустрија. Со овој потег успеавме да ги доближиме македонските производи до рускиот пазар, но и пошироко на пазарите од Евроазиското унија.

Постојат ли придвижувања во позитивна насока на „Македонски дом“?

Измина една година од отворањето на „Македонски дом“, која ние ја нарекуваме нулта година, но сепак постигнавме навистина многу. Благодарение на г-ѓа Ина Жарова создаден е извонредно претставителен простор на „Македонскиот дом“, кој плени со својата автентичност и функционалност. Успеавме за период од неколку месеци да им објасниме на дваесетина македонски компании за можностите кои „Македонски дом“ им ги нуди, како од техничка, така и од комерцијална природа која, секако, е многу поважна. Направени се десетина регистрации на македонски производи согласно руските закони со цел истите да бидат претставени на огромниот пазар. Веќе се остварени и неколку извозни зделки преку „Македонски дом“ на производи за кои претходно беа потпишани договори за нивна продажба на руските купувачи. Вратите на „Македонскиот дом“ се отворени за сите компании кои се заинтересирани да ги пласираат своите производи на рускиот пазар, а во тоа тој им нуди комплетна комерцијална, царинска и правна логистика.

Имате ли информации за одѕивот на руските потрошувачи за македонските прехранбени производи?

Информациите се повеќе од охрабрувачки. Еве и еден конкретен пример. До отворањето на „Македонски дом“ на рускиот пазар од преработувачката индустрија се пласираше ајварот под брендот „Мамас“ и тоа само во синџирот маркети „Азбука вкуса“. Денес, по една година активен ангажман на „Македонски дом“ на полиците на руските маркети може да се видат и ајварите на „Вори“, „Гурмано“, „Баш Ајвар“, како и ајварите на „Хина“ и „Химаглион“, кои исто така, се дел од македонската понуда застапена во синџирите маркети. Тоа се веќе шест македонски компании со свои брендови. Таков е примерот и со кроасаните „Бусто“ и „Фанси“, водата „Горска“, чоколадните производи од „Витаминка“ и „Свислион Македонија“, вината на „Стоби“, ВВ„Тиквеш“, „Далвина“, „Попова кула“, „Бовин“, млечните производи од „Здравје“, како и замрзнатите производи на „Кадино“.

Овие производи досега воопшто не им беа познати на руските потрошувачи, а денес се дел од понудата и преку маркетите се секојдневно на дофат на рацете на тамошните граѓани.

Колкав е реалниот капацитет на македонските производители за задоволување на рускиот пазар? Можеме ли повеќе или сепак останува Република Македонија да се задоволи со она што досега е постигнато?

Во однос на ова прашање „Македонски дом“ е вистинскиот одговор. Имено, како што споменав, тој е сместен во „Фуд сити“, најголемиот агрокластер во Руската Федерација, каде што се отворени изложбено-трговски домови и на Бугарија, Виетнам, Израел, Индонезија, Пакистан, Киргистан, Казахстан, Виетнам, и други земји. Но, уште позначајно е што во него се претставени и руските региони - Краснодарскиот, Калушкиот, Тамбовскиот, Ростовскиот... А, токму тие се нашата целна група. Овие руски региони се доволно големи за да можат на нивните барања да одговорат производствените капацитети на македонските компании.

Апсолутно сум убеден дека можеме многу повеќе. Потребна е поголема посветеност и агресивност, како во маркетиншкиот дел, така и во ценовната политика на компаниите. Особено е важно да се наметнеме на пазарот преку конкурентна цена, имајќи на ум дека квалитетот е неспорен за руските купувачи. Се обидуваме на компаниите да им помогнеме со информации за очекувањата и начинот на влез на овој, сепак, ќе речам тежок пазар за освојување. Сите треба да бидат уверени дека со добро подготвена стратегија нема тврдина што не може да се освои.

Постојат ли нови сектори во кои Македонија може да соработува со Руската Федерација?

Покрај земјоделско-прехранбениот сектор и фармацевтската индустрија, реални шанси за влез на рускиот пазар постои и кај текстилната и металопреработувачката индустријата. Во Руската Федерација во изминатите неколку години особено многу се посветува внимание на новите високо развиени технологии и информатика. Сметам дека кај нашите млади има голем број таленти по информатика, но и компании кои имаат сериозни достигнувања во овие области. Лично многу би сакал да се воспостави соработка во овие сфери, бидејќи тоа се бизниси на иднината, а секако можностите за профит се на многу повисоко ниво.

Ова го споменувам и од причина што веќе неколку години по ред во Руската Федерација се случува процес на замена на увозните производи со нивни домашни. Таквата активност и притисокот од сѐ поголемата конкуренција го стеснува просторот за нашите традиционални извозни производи во Русија.

Имате ли информација за тоа колку македонските субјекти се задоволни од соработката со Руската Федерација?

Од искуството од изминативе тринаесет години на соработка со компаниите слободно можам да кажам дека информациите варираат од гранка до гранка. Тие се движат од одличните искуства во прехранбениот и агрокомплексот кои, сепак, зависат од временските услови во годината што ја диктира понудата и побарувачката на агроберзите, па сѐ до помалку добриот развој на случувањата во сферата на градежништвото. Иако, оваа гранка некогаш беше водечка на рускиот пазар, сега веќе е речиси целосно пасивна. Тоа се должи на големата конкуренција и на нашата неможност да ги исполниме високите финансиски гаранции кои се бараат на тендерите за градењето на објекти. Иако, од време на време се појавуваат македонски компании кои се вклучуваат во т.н. завршни работи во градежништвото, сепак тоа ни оддалеку не е она што се очекува.

 Многупати е споменувано дека државјаните на Руската Федерација се заинтересирани за туристички посети на Република Македонија. Проблем беа сместувачките капацитети, превозот, но и високите цени во однос на традиционалните светски туристички дестинации. Постои ли некакво придвижување во оваа насока?

Многупати туризмот се поставува како прашање и воедно како предизвик во соработката со Руската Федерација. Сакам да споменам дека туризмот во многу зависи од директна авиолинија, која во моментов не постои и бројот на руски туристи во Република Македонија е на многу ниско ниво. Истото важи и за македонски туристи кои ја посетуваат Русија. Убеден сум дека и новиот состав на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка, како од македонска така и од руска страна, преку работната група за транспорт ќе изнајде можност за воспоставување на директна авиолинија, и со тоа ќе го олесни и зголеми интересот за туристички патувања во двата правци.

Кои се следните точки на кои ќе се фокусира Комората во поглед на соработката со Руската Федерација?

Ова прашање би сакал да го искористам како можност да објаснам повеќе аспекти од соработката со Руската Федерација врз основа на последните случувања со тешкотиите во пласманот на македонската зелка. Имено, соработката со компаниите од Руската Федерација, како досега така и понатаму се одвива исклучиво на пазарна основа. Сите овие години тоа беше случај и само квалитетот на производите и добрата цена беа водилка за успешниот настап на овој пазар.

Средба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија Љупчо Николовскисо со министерот за земјоделство на Руската Федерација Александар Ткачов во Москва

Македонска-руската стопанска комора повеќе пати во подолг период укажува на потребата од потпишување на меѓусебни купопродажни договори помеѓу партнерите од двете земји, по можност и за повеќе години. Ваквите договори треба да се потрудиме да бидат помеѓу производителите и руските увозници и дистрибутери. Тоа е патот за да се воспостави сигурност во пласманот и да се избегнат појави на вишок или недостиг на производи и појави на конкурентна и неконкурентана цена на производите. Ова посебно се однесува на агрокомплексот.

За жал денес тоа не е случај и ваквата состојба повремено има жесток одраз на терен, па се случува македонските производители да останат затекнати од одредени случувања. Сосема е нормално што и други земји, како Иран, Пакистан, Кина, Турција и други, кои се директни конкуренти на нашиот агрокомплекс, се обидуваат агресивно да го заземаат не само рускиот, туку и другите пазари на кои традиционално извезуваме.

Многу е значајно да споменам дека Макеонска-руската стопанска комора е дел од работните групи во рамките на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка, која е исклучително важен инструмент за нас, но и за нашата држава, за регулирање на соработката во сите сфери од заедничките односи - како во бизнисот, така и во образованието и во науката. Улогата на оваа комисија е многу значајна и затоа особено нѐ радува и го поздравуваме фактот што македонската страна, предводена од копретседателот на оваа комисија, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство господин Љупчо Николовски, уште при првата посета на Руската Федерација и средбите со руските партнери, нејзиното дејствување го постави високо во својата агенда. Целта на овој пристап е максимално да се олеснат условите за соработка на слободниот пазар, но и благовремено компаниите да ги знаат и да ги планираат своите активности. Само на тој начин ќе има зголемување и проширување на меѓусебната соработка, нешто кон што ние максимално се стремиме.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња