Три видa на производи за кои не би очекувале дека Русија ги увезува

Валериј Мељников/RIA Novosti
Сигурно знаете што Русија масовно извезува (нафта, гас...). Но дали знаете што има на нејзината листа за увоз?

Од 1 ноември Русија ја укинува забраната за увоз на домати од Турција, која беше воведена откако турските сили го соборија рускиот ловец во 2015 година.

Според руските официјални лица, во Русија ќе биде дозволен увоз на 50000 тони домати, а откако ќе се достигне оваа бројка, двете страни ќе разговараат за можноста за натамошен увоз. Исто така се очекува и дека Турција ќе ги ублажи рестрикциите спрема Русија во врска со увозот на земјоделски производи и месо.

Немојте сепак да мислите дека Русија не произведува домати. До октомври 2017 година на домашните фарми се произведени речиси 190000 тони од овој зеленчук. Со оглед на тоа дека владата планира дополнително да го зголеми овој број, враќањето на турскиот домат не би требало да ги погоди домашните производители.

Правилата за увоз и извоз не се секогаш лесно разбирливи. Дефицитот може да предизвика неочекуван увоз дури и на оние производи по кои земјата е познат како голем производител.

Жито

Во последните пет години, руското земјоделско производство ги сруши сите рекорди. Како што пишувавме претходно, Русија сега е водечки извозник на пченица и 'рж и е меѓу најголемите производители на јачмен, овес и други жита. Сепак, податоците на Федералната царинска служба на Русија покажуваат дека Русија и понатаму увезува друго жито! Во 2016 година потрошила 343,9 милиони долари за купување на овој вид стока.

„Ние купуваме висококвалитетна пченица за мелничката индустријата и за производство на скапи видови тестенини. Од климатски причини овие житни култури не успеваат во Русија“, објаснува за Russia Beyond Иван Рубанов, директор на аналитичката група на Комитетот за земјоделство на руската влада. „Покрај тоа, увезуваме жито од северен Казахстан, кој произведува големи количини, но има и логистички пречки за извоз, така што неговите производи пристигнуваат во соседниот Западен Сибир, пред да се дистрибуираат во другите делови на земјата или во странство“.

Сурова нафта, гас и гас

Уште една неверојатна ставка на листата за увоз се енергенсите и нивните деривати. На пример, Русија минатата година увезе нафта и нафтени деривати за повеќе од 750 милиони долари и природен гас за 122,4 милиони долари. Зошто еден од најголемите извозници на енергенси би увезувал сурова нафта, нафтени деривати, бензин, природен гас и други енергенси?

„Нафтата и нафтените деривати во 2016 година доаѓаа првенствено од Заедницата на независни држави, од земји како Казахстан и Белорусија, како и од Финска, која е долгорочен партнер на Русија“, вели Иван Капитонов, виш научен соработник во Институтот за економија на Руската академија на науките.

Како што објаснува тој, причината за ваквиот бизнис лежи пред сѐ во  цената и во логистичките предности. „Ако е поевтино да се купи бензин во Белорусија, тогаш тоа се исплаќа повеќе, а истото се однесува и на нафтата. Ваквиот увоз не само што придонесува за градење на подобри односи со своите соседи, туку е и економски рентабилен“, објаснува експертот.

Машини

Моторните возила, опремата и други машини спаѓаат во уште една група производи по кои Русија е позната како извозник, повеќе отколку како увозник. Меѓутоа, во реалност минатата година оваа група производи го сочинуваше најголемиот дел од рускиот увоз. Според официјалните податоци, се работи за речиси половина од рускиот увоз. Експертите велат дека поголемиот дел од машините што се увезуваат се од европско производство. Тоа не се само нови автомобили, јахти и апарати за домаќинството, туку и увоз во рамките на странските инвестиции. Имено, меѓународните компании постепено го локализираат своето производство на територијата на Русија, а за производство им е потребна и нивната техничка опрема.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња