Замената на увозот се покажа како исклучително профитабилна за Русија

Виталиј Тимкив / РИА Новости
4 милијарди американски долари е вредноста на замена на увозни производи во Русија од почетокот на ембаргото, велат од Министерството за земјоделство. Но, доволно ли е тоа за да продолжи растот на производството?

„Произведено е домашна руска продукција за речиси 4 милијарди - токму тоа ние го нарекуваме замена на увозот. Односно рускиот кашкавал, колбаси и други производи кои претходно се увезуваа од странство, беа заменети со исти такви руски“, изјави заменик-министерот за земјоделство Евгениј Громико при отворањето на изложбата „Продекспо“.

Прехранбеното ембарго дејствува во Русија од август 2014 година во однос на голем број земји кои ѝ воведоа санкции. Под ембаргото се ставени месо и месни производи, млеко и млечни производи, риба и рибни производи, овошје и зеленчук.

Министерот за земјоделство Александар Ткачов изјави дека поради ембаргото Русија го намалила увозот на производи од 60 на 20 милијарди долари (почнувајќи од 2014 година). Според него руските производи заземаат 80-90% од асортиманот во продавниците.

Заситеност со месо

Според податоците на Националната месна асоцијација минатата година производството на живина, свинско и телешко месо продолжила да расте - со 5,1% во споредба со 2015 година.

„Во 2017 година трендот за намалување на обемот на увоз на месо ќе продолжи. Но, тоа веќе сосема нема да е критично и нема да врши какво било влијание, вклучувајќи и врз цените. За пилешкото месо, на пример, увозот зазема незначителните 4.2% “, вели главниот експерт на асоцијацијата Дијана Низовцева.

Но, генерално, границите на порастот на месниот пазар се исцрпени. Показателот за потрошувачка на месо во Русија достигна доволно сериозна бројка - 73 килограми по човек. Највисокиот показател беше достигнат во 2013 година, кога Русите трошеа 75 килограми месо по човек годишно.

Главната кочница за зголемување на производството на месо во Русија оваа година ќе биде ниското ниво на приходите на населението. Односно ќе биде тешко да се обезбедат високи стапки на пораст на месното производство за сметка на внатрешниот пазар. Излезот е еден - да се бараат странски пазари.

Руските ракчиња се во плус

Рибниот сектор покажува пад во увозот и пораст во извозот на руските производи. Минатата година увозот паднал за речиси 9% - до 511.6 илјади тони. Русија почна да купува значително помали количества странска харинга, лосос и дури цаца. Притоа руските рибари успеале да го зголемат извозот, благодарение на порастот кај снабдувањето на подготвени и конзервирани рибни производи.

Како што вели претседателот на Серуската асоцијација на рибни претпријатија Герман Зверев, контрасанкциите ја зголемија атрактивноста на руските ракчиња, на харинга и на есетрата.

И тука главниот проблем оваа година ќе биде поврзан со намалената куповна моќ на населението.

Млечна конкуренција

Производството на млеко за директна консумација покажува мал пораст - до 17.8 милиони тони. Но, дефицитот од суровина доведе до рекордно високи цени на млекото. Руските млекари мораат да се натпреваруваат со поевтините производи од соседна Белорусија.

Како и досега, Русија останува еден од најголемите увозници на млечни производи, но замената на увозот го пренасочи кон поевтина продукција што води до пад во производството (на прво место на кашкавалот, путерот и урдата). За сметка на тоа се зголемува производството на обичното млеко.

Во 2017 година експертите не очекуваат подобрување на ситуацијата.

Надежта е во јаболковите градини

Од друга страна, пазарот на овошје и зеленчук сè уште е далеку од заситување и од него се очекуваат добри вести во 2017 година Најголемите надежи за пораст на производството се поврзани, прво, со зголемената површина на оранжерии и интензивните градини.

Само во 2016 година се очекуваше да бидат пуштени во употреба 185 хектари стакленици, а во наредните пет години се планира да бидат изградени уште 400 стакленици со вкупна површина од 2 илјади хектари.

Експертските проценки покажуваат дека за да се покријат потребите на Русија од оранжериски зеленчук, производството во земјата треба да се зголеми до 1.8 милиони тони годишно (во моментов е околу 800 илјади тони). Тоа може да потрае уште три-четири години.

Што се однесува до овошјето, таму инвестициите се насочија кон создавање на овоштарници, главно јаболкници. Јасно е дека кај егзотичното овошје дури и не вреди Русија да започнува борба со увозот. Според оценките на експертите производството на јаболка е поекономична од производството на житни култури. При тоа не се бараат толку значителни инвестиции. Во моментов главниот ризик лежи во укинувањето на контрасанкциите.

Текстот на руски јазик на сајтот. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.