На руските граѓани денес им се потребни 184 илјади рубли за среќа, а тоа е за 5% повеќе отколку во октомври 2015 година, а помалку од 2010 година, покажуваат податоците од анкетата спроведена од Истражувачкиот центар на агенцијата за вработување Superjob.ru, пренесува ИА REGNUM.
Во зависност од економската ситуација во земјата, желбите на граѓаните се менуваат. Така, во 2010 година на Русите за среќа им биле потребни 188 илјади рубли (околу 2725 евра), 2014 - 173 илјади рубли (околу 2508 евра), во февруари 2015 година - 162 илјади рубли (околу 2350 евра), а во октомври 2015 година - 175 илјади рубли (околу 2537 евра).
Според мислењето на мнозинството испитаници, за сиромашен може да се смета само оној кој заработува помалку од 17 илјади рубли (околу 246 евра) месечно. Богат е оној кој месечно заработува повеќе од 463 илјади рубли (6713 евра). Паричниот еквивалент на среќата изнесува 184 илјади рубли месечно.
Прагот на сиромаштијата во руските региони е различен. Во Москва прагот на сиромаштијата е 20 илјади рубли, на богатството - 536 илјади, а на среќата – 202 илјади рубли. Во Санкт Петербург прагот на сиромаштијата е 18 илјади рубли, а на богатството – 417 илјади рубли. За среќа во Петербург требаат повеќе пари отколку во Москва - 213 илјади рубли.
Во руските региони прагот на сиромаштијата е 16 илјади рубли, додека за среќа се потребни 180 илјади рубли.
Треба да се напомене дека на мажите за среќа им се потребни 206 илјади рубли месечно, додека на жените им се потребни 20% помалку. Прагот на богатството за мажите изнесува 460 илјади, а за жените 466 илјади рубли.
Истражувањето е спроведено од 4 до 7 август 2017 година. Анкетирани се 2500 граѓани.