Поставување на кафез за остриги и школки на фарма на езерото Донузлав. 12 ноември 2016, Крим, Русија.
Алексеј Павлишак / ТАССЗабраните воведени со санкциите за увоз на голем број на производи од Европа, не ги спречува руските ресторани во изборот јадења со остриги од француски видови. Во 2016 година компанијата „Кримски морски плодови“ ( "Крымские морепродукты") ја достави првата серија од деликатес одгледуван по француска технологија во Крим, во 200 ресторани на полуостровот, а исто така и во ресторани во Москва, Санкт Петербург и во други големи градови низ земјата. Раководството на компанијата успеа да добие дозвола од Федералната царинска служба на Русија да го поништи дејството на санкциите врз увозот на ембриони од Франција. Ова за „Руска реч на македонски“ го изјави генералниот директор на „Кримски морски плодови“ Дионисиј Севастјанов.
„Одгледуваме остриги кои по ништо не се разликуваат од француските по квалитетот“, коментира Севастјанов. Сега компанијата одгледува остриги во сопствена акваторија во западниот дел на полуостровот. За првата половина на 2016 година „Кримски морски плодови“ култивирала 11.7 тони школки, покажуваат податоците на Федералната агенција за риболов „Росриболовство“.
Аквафармата со површина 41 хектари се наоѓа во заливот Донузлав кој е и езеро. „Во Донузлав на природен начин пресните води се мешаат со солената вода на Црно Море и тоа станува залив кој е идеално место за одгледување на француски остриги, на кои им е потребна слабо солена вода“, објаснува Дионисиј Севастјанов. Според него, за да се постигне пониска соленост, Французите ги одгледуваат своите остриги во специјални базени, кои се прават вештачки.
„Наши специјалисти периодично учествуваат на конференции во Франција на фарми-одгледувалишта за размена на искуства и технологии“, раскажува Севастјанов. Според него во Франција „Кримски морски плодови“ соработува со познати компании кои одгледуваат остриги и спат (така на професионален јазик нарекуваат ембрионот на остригата). Бизнисменот сепак не ги именува француските партнери.
„Кримски морски плодови“ планираат да го прошири своето производство уште во 2017 година, со отворање втора аквафарма со површина 210 хектари и должина од 10 километри во регионот на Семеиз и Алупка во југоисточниот дел на полуостровот. Дионисиј Севастјанов се надева дека ова проширување ќе ѝ овозможи на компанијата да склучи договори со најголемите трговски мрежи во земјата. „Метро, Ашан, X5 веќе сакаат да го продаваат нашето производство, но за да ги исполниме обврските кон нив, треба да постигнеме индустриско ниво“, прецизира Севастјанов. По година и пол или две капацитетот во Семеиз ќе одговараат на ова ниво, додава тој.
Воведувањето на санкциите за увоз на прехранбени производи во 2014 година го активира развојот на фармите за остриги по целото црноморско крајбрежје на Русија. Според податоците на „Росриболовство“ обемот на производството на остриги во регионот во 2014 година бил 2 тони, во 2015 година - 30 тони, а за 2016 година прогнозите се за 50 тони. Крим обезбедува речиси половина од овој обем, забележува службата за односи со јавноста на „Росриболовство“.
Во исто време на Крим работат само две компании кои одгледуваат школки - веќе споменатата „Кримски морски плодови“ и компанијата „Софија Крим“, која има мала акваторија во заливот Ласпи, во близина на Севастопољ.
Иако аквафармата се протега само на 19.5 хектари, „Софија Крим“ е еден од најголемите снабдувачи на остриги во регионот, вели основачот на компанијата Максим Конопљанко. „Нашето производство го купуваат ресторани на Крим, во Краснодарскиот Крај, во Москва, во Санкт Петербург, па дури и во Новосибирск, каде што имаме свои претставници“, додава тој.
За разлика од „Кримски морски плодови“ кои се појавија по присоединувањето на полуостровот кон територијата на Русија во 2014 година, „Софија Крим“ постои веќе 10 години. Првично компанијата имала украински сопственици, но во 2014 година тие го продаваат бизнисот на тројца соработници во Крим, кои денес се основачи на компанијата. „Тогаш, во 2014 година, решивме да одгледуваме остриги. Претходно компанијата одгледуваше само школки“, раскажува Максим Конопљанко.
Поради ограничувањата кои доаѓаат од санкциите, компанијата почна да купува материјал во Русија - од официјалните фарми и одгледувалишта во Владивосток. Токму од оваа причина денес во акваторија на заливот Ласпи се одгледуваат три вида тихоокеански остриги: хасански, соловјовски и бисер. Според зборовите на Максим Конопљанко мекотелите кои се одгледуваат на Крим ги надминуваат по вкусот остригите од Владивосток поради ниската соленост на морската вода. „Во Црно Море соленоста е на ниво 17, а на Далечниот Исток таа изнесува 30-33, затоа нашите остриги се нежни и слатки“, објаснува бизнисменот.
Првите индустриски количества од овие мекотели компанијата „Софија Крим“ ќе ги произведе напролет 2017 година, планира Конопљанко. „Ќе го зголемиме обемот на производство и на продажба на остриги, бидејќи сега остригите се еден од најбараните производи и на Крим и на континентот“, вели бизнисменот.
Првите фарми за одгледување на остриги се појавуваат во Крим за време на царската династија Романови. До 1917 година во Севастопољ работат две фабрики за одгледување на остриги пласирани во Европа. Поради ниската соленост црноморската острига е класифицирана како една од најквалитетните. Во советскиот период фармите за остриги во Крим престануваат да постојат.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче