Стручњаците кажаа како ќе се решаваат прашањата за обезбедување вода, енергија, гориво и храна. Извор: Михаил Воскресенски / РИА Новости
Како што изјавуваат властите на Крим, сериозно се занимаваат со заканите на Киев да го лишат полуостровот од електрична енергија и од вода. „Работиме на алтернативни извори на електрична енергија. Подготвени сме да купуваме вода од Украина дури и по повисока цена. Ако не сакаат да ни ја продадат, што ќе прават со неа?“, изјави за Интерфакс претседателот на Врховниот совет Владимир Константинов. Според кримските политичари, републиката нема долгови ниту за гас, ниту за вода, ниту за електрична енергија, па затоа исклучувањата можат да бидат само политичка мерка.
Еден од главните проблеми е снабдувањето со вода. Крим нема сопствени извори, ниту, пак, големи реки, затоа вода добива преку Северо-кримскиот канал – Днепар. Политичарите во Киев знаат дека не е многу комплицирано да се лиши полуостровот – доволно е само да се затворат браните.
Но, руските стручњаци сметаат дека Крим може да се спаси од суша. Како што изјави за списанието BIZNES Online Владимир Дебољски, раководител на лабораторијата за Институтот за водени проблеми при Руската академија на науките (РАН), единствен излез е изградба на водовод на дното на Керченскиот теснец. Според пресметките, изградбата би траела 2-3 месеци, максимум шест, а за тоа ќе бидат потребни 2-3 милијарди рубли.
Уште една сериозна закана за Крим е запирањето на електричната енергија. Моментално Крим може да обезбеди само околу 20% од сопствените потреби за електрична енергија. Како што вели раководителот на аналитичката управа на Фондот за национална енергетска сигурност Александар Пасечник, полуостровот може да обезбеди електрична енергија од Русија, доколку по дното на Керченскиот теснец се спроведе кабел. Според него, во случај на брза изградба до зимата на полуостровот до назима може да се обезбеди помалку-повеќе стабилно електрично снабдување.
Пасечник смета дека постои уште една алтернатива за Крим за обезбедување електрична енергија, а тоа е термоелектрана која работи на гас, за што, веројатно ќе биде потребно уште повеќе време. Кримските власти веќе ја разгледуваат оваа варијанта. За волја на вистината пресметките покажуваат дека за изградба на нови термоелектрани нема доволно гас на Крим.
Компанијата „Черноморнефтгас“ која вади гориво на три наоѓалишта, може да го зголеми производството, според оценката на Константин Симонов, генерален директор на Фондот за национална енергетска сигурност, со 1.65 милијарди кубици до 2.5-3 милијарди кубици гас. Сепак во случај на изградба на сите потребни нови термоелектрани можеби ни таквото зголемување на добивање гас нема да биде доволно.
Уште еден актуелен, иако привремен, проблем на полуостровот е недостигот на нафтени производи. Како што известува Oilnews, една од причината е прекинот на испораката по железнички пат. Освен тоа, поради политичката нестабилност испорачувачите на нафта се среќаваат со тешкотии со закупување бродови за истовар на Крим, во пристаништата Феодосиј и Керч.
Властите на Крим веќе објавија какви правни мерки ќе преземат за полуостровот да се обезбеди со сè што му е потребно. Како прво, Крим ќе стане сопственик на државните компании, вклучувајќи ги Черноморнефтгас и железницата.
Но, според мислењето на директорот за енергетска програма на украинскиот Центар Разумков, Киев не е заинтересиран за исклучување на водата, на електричната енергија и на гасот за Крим. Единствена ситуација поради која може да се случи тоа е приватизација на енергетските и на другите производни компании, да кажеме, на гореспоменатата Черноморнефтгас. „Не ѝ завидувам на онаа руска компанија што ќе се реши на тоа. Украинската страна ќе се обрати до меѓународниот суд, во тој случај можат да бидат затворени странските сметки на руските компании“, истакна стручњакот.
Доколку поради политичките амбиции на Киев Крим има недостиг на вода или гориво, тогаш гладот, уверуваат стручњаците, не им се заканува на жителите. Како што изјави за „Новие известија“ Михаил Дељгин, директор на Институтот за проблемите на глобализацијата, на Крим нема да има недостиг на продукти, ниту на стока за секојдневна употреба. „Во случај на криза Русија во секој момент таму може да префрли продукти и стока“, истакнува стручњакот. „Единствен проблем е што продуктите ќе поскапуваат поради политичката нестабилност. Притоа во врска со планираниот премин на рубли, заштедите на жителите на Крим во украинската национална валута ќе бидат девалоризирани, па затоа ќе биде потешко да се живее на полуостровот во следниве месеци“.
Засега додека, како што изјавија за „Руска реч на македонски“ локалните жители, основните продукти не поскапеле, нема никаков недостиг. Единствено на што се лути жителите на Крим е што туристичката сезона ќе биде уништена. Според зборовите на сопствениците на приватните пансиони, гостите што веќе резервирале соби за налето (главно од Русија) масовно ги откажуваат своите аранжмани. Сепак, жителите на Крим се полни со оптимизам и веруваат дека животот во независен Крим ќе биде подобар: по референдумот луѓето излегуваа на улиците со шампањско, во цела низа градови се прославуваа резултатите од референдумот на Крим.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче