7 најстари џамии во Русија

Ал-Марџани, првата камена џамија во Казањ.

Ал-Марџани, првата камена џамија во Казањ.

Алексеј Савин/Getty Images
Најстарата џамија во Русија е изградена во VIII век. Неа, како и останатите историски џамии на нашиот список, можете да ги посетите и денес.

1. Џума-џамија (Дербент, VIII век)

Џума-џамијата во Дербент

Ова е најстарата џамија на територијата на Русија. Изградена е во Дербент во 733-734 година и во тоа време била најголемото здание во градот. Денешната џамија има и сала за молитви со димензии 70х20 метри доградена во 1368 година. Наспроти џамијата во XV век била изградена медреса (исламска висока школа).

Џамијата е преуредена 1938-1943 година за потребите на градскиот затвор, но во 1943 година им беше вратена на муслиманите. Во советско време, таа беше најголемата џамија на Северен Кавказ. Денес има статус на споменик на Светското наследство на УНЕСКО, а четирите стари чинари кои растат во нејзиниот двор се прогласени за споменици на природата од од серуско значење.

2. Џамијата на кан Узбек (Крим, XIV век)

Џамијата на кан Узбек

Градот Солхат или Кирим (денес Стар Крим) бил во XIII-XIV век престолнина на локалниот „јурт“ - административна единица на Златната Орда. Тоа бил голем трговски град во кој живееле луѓе од различни националности. Целиот полуостров е именуван по него.

За време на владеењето на канот Узбек, кој го прогласил исламот за државна религија на Златната Орда, овде во 1314 година била изградена првата џамија. Сегашното здание е изградено на почетокот на XV век и е втората најстара зачувана џамија во Русија. Зад неа се наоѓаат остатоци од првобитната медреса од 1320-тите.

3. Канова џамија (Касимов, XV век)

Поглед од птичја перспектива на Кановата џамија и градот Касимов на Ока.

Не се знае со сигурност дали џамијата во Касимов била изградена во XV или XVI век, но се знае дека нејзиното минаре датира од XVI век. Касимов бил престолнина на Касимовскиот канат, последниот фрагмент од поранешната голема Орда на територијата на Русија. Канатот престанал да постои по смртта на неговата последна владетелка во 1681 година. Првобитната џамија била урната околу 1702 година, кога била спроведена политиката на христијанизација на Татарите. Според легендата, зданието било срушено по наредба на царот Петар, кој ја видел џамијата додека пловел по Волга, па мислел дека е црква и се прекрстил, а кога дознал дека згрешил, бидејќи бил суеверен и гневен, наредил да се урне џамијата.

Екатерина Велика спроведувала политика на верска толеранција, па во 1768 година со посебен указ дозволила обнова на џамијата во Касимов. И макар што од 1393 година во нејзините главни простории бил сместен роднокраен музеј, другите делови од џамијата и минарето останале недопрени. Тие беа вратени на муслиманите од Касимов во 2013 година.

4. Џамијата Ал-Марџани (Казањ, XVIII век)

Џамијата Ал-Марџани во Старо-Татарска Слобода, Казањ, Русија

Кога царицата Екатерина II пристигнала во Казањ за време на патувањето по Волга во 1767 година, муслиманите од градот ѝ врачиле богати подароци и добиле дозвола за изградба на џамија. Изградбата траела три години. Тоа била првата камена џамија изградена во Казањ уште од времето на освојувањето на Иван Грозни. Изградена е според традицијата на татарската средновековна архитектура - со минаре на покривот. За време на советската ера, Ал-Марџани беше единствената џамија во Казањ каде што се одржуваа муслиманските богослужби.

5. Бела џамија (Астрахањ, XVIII-XIX век)

Белата џамија, најстарата џамија во Астрахањ, Русија.

Изградена е во 1810 година на местото на старата дрвена џамија, која првпат се споменува во 1777 година. Изградбата ја финансирал трговецот на Првиот еснаф, Татаринот Давид Измајлов. Работела до 1930 година, а потоа била затворен. Во советско време, во неа имало градинка, шивачница, пекара и фабрика за иверки. Објектот е реновиран повеќе пати.

Џамијата беше признаена како споменик дури во 1990 година и во 1992 година вратена на верниците. Срушени се михработ и минарето, искршени се прозорците, а просторијата со таваните е поделена на три ката. Историскиот изглед на џамијата ѝ беше вратен во 2008 година благодарение на донациите од муслиманите од Казањ.

6. Историска џамија (Москва, XIX век)

Историската џамија во Москва

Московскиот губернатор Дмитриј Голицин во 1823 година дал дозвола за реконструкција на историската џамија во Замосковоречје (за прв пат спомената во 1712 година), но наредил да се изгради зграда која однадвор нема да има обележја на џамија и нема многу да се издвојува од соседните згради. Дури за време на Александар III џамијата била обновена во сегашниот вид, со минаре и купола. Била проширена и сега може да прими 1500 луѓе. Сé до 1904 година, додека не била изградена Големата московска џамија, оваа џамија во Татарска Слобода била соборна.

Имамот на џамијата Абдула Шамсудинов бил стрелан во 1936 година и тогаш џамијата престанала да функционира, а зградата била предадена на цивилните институции. Минарето е срушено во 1967 година. Беше обновено 1992-1993 година, кога џамијата беше реставрирана со средства на амбасадата на Кралството Саудиска Арабија и повторно отворена за верниците.

7. Тукаевска џамија (Уфа, XIX век)

Тукаевската џамија во Уфа

Првата соборна џамија во Уфа е изградена во 1830 година. Ова е една од најстарите постоечки џамии во Русија, која работеше дури и под советско владеење. Работеше од 1960 година и беше единствената џамија во Уфа каде што се одржуваа богослужби, а во неа работеше Татарската национална гимназија (како поранешната медреса).

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња