7 чудесни џамии на Русија

Џамија „Срцето на Чеченија“.

Џамија „Срцето на Чеченија“.

Lori / Legion Media
Џамиите во Русија не се само дел од културното наследство на муслиманската заедница во оваа земја. Тие со својата величествена архитектура и со импозантните димензии исто така го привлекуваат вниманието на туристите и на локалните жители. Така, во Русија се наоѓаат дури три џамии што се вбројуваат меѓу најголемите храмови во Европа, како и најсеверната џамија на светот.

Срцето на Чеченија

Ова е една од најголемите џамии во Европа и во светот. Џамијата „Срцето на Чеченија“, која, во исто време, го носи и името на Ахмат Кадиров, првиот претседател на Република Чеченија, е една од најголемите џамии во Европа. Таа може да прими над 10.000 луѓе. Овој исламски архитектонски комплекс зазема површина од 14 хектари. На просторот со свод пред џамијата, помеѓу низата аркади и на отворениот плоштад, на молитва можат да присуствуваат уште 10.000 верници. Четирите минариња што ја опкружуваат „Срцето на Чеченија“ се високи 63 метри. Ова се највисоките минариња во Русија.

Ѕидовите на џамијата однатре и однадвор се покриени со мермер, а за изработка на украсите и на впишаните „ајети“ (стихови од Коранот) турските мајстори, кои ја насликале џамијата, користеле честици од најчисто злато. Во џамијата има 36 лустери направени од кристали од прочуениот производител на кристали и накит „Сваровски“; покрај тоа, за изработката на оваа колекција лустери искористени се неколку тони бронза и 2,5 килограми најчисто злато.

Проспект Владимир Путин, Грозни, Република Чеченија. 

Кул Шариф


Извор: Lori / Legion Media. 

Ова е една од највеличествените џамии во светот. Кон средината на 16 век руската војска под водство на царот Иван Грозни успева да го освои Казањ, престолнината на исламското Казањско ханство, во третиот налет. Според една легенда, круната на казањскиот хан – „казањската шапка“ – била донесена од страна на војската на Иван Грозни од Казањ во Москва. Според втората верзија, јувелирите од покореното ханство ја изработиле „шапката“ специјално за рускиот цар.

Обликот на „казањската шапка“ ги инспирирал архитектите што ја проектирале џамијата Кул Шариф, која е подигната на местото на легендарниот храм со многубројни минариња што го разурнал Иван Грозни за време на своите освојувања. Џамијата е отворена по повод одбележувањето на илјадагодишнината од постоењето на градот Казањ и според проценката на Интернет-порталот „The Huffington Post“, на списанието за дизајн „The Wondorous“ и на многу стручњаци, спаѓа во највеличествените џамии на светот.

Кул Шариф може да прими 1.500 верници, а уште 10.000 луѓе можат да се сместат на плоштадот покрај џамијата. Храмот е во целост направен од прилози и неговата вредност денес се проценува на 400 милиони рубли (околу 7 милиони и 300 илјади американски долари). Во главниот дел на џамијата се наоѓаат книги во кои се напишани имињата на сите 40.000 граѓани и организации што дале прилог за неговата изградба.

Казањски кремљ, Казањ, Република Татарстан. 

Џума-џамија во Дербент


Извор: Lori / Legion Media.

Ова е најстарата џамија на територијата на Русија и на ЗНД

Дербент е еден од најстарите градови со континуирано живеење на светот – основан е во 438 година од нашата ера. Во него се наоѓа и најстарата џамија во Русија, подигната во 773 година за вршење заеднички џума-намаз (муслиманска петочна молитва). Долго време по завршувањето на изградбата џамијата била најголемото здание во градот. Била разурната во силен земјотрес кон крајот на 14 век, но била обновена. Џамијата била затворена во триесеттите години од минатиот век во екот на антирелигиската кампања на советските власти, а потоа била претворена во градски затвор. Кон средината на 20 век на зданието му била вратена првобитната намена. Денес Џума-џамијата се наоѓа на списокот на културно наследство на УНЕСКО.

Дербентски музеј, Улица Бујнакски, бр.76, Дербент, Република Дагестан. 

Нурд Камал


Извор: Lori / Legion Media.

Ова е најсеверната џамија во светот. Џамијата Нурд Камал веќе 15 години го краси градот Нориљск. Во Гинисовата книга на рекорди е заведена како најсеверната џамија на светот. Зградата е подигната според уникатен проект и се разликува од традиционалната архитектура на џамиите поради специфичните климатски услови што владеат на Крајниот Север. Така, кулата на минарето, која обично има тркалезна основа, во Нориљск има квадратен облик. При ваквата изградба ѕидовите помалку замрзнуваат и подобро се справуваат со ветровите. Оваа џамија е подигната со парични средства од бизнисменот Митхад Бикмеев, кој има татарско потекло, а родум е од Нориљск. Името на џамијата Нурд Камал е дадено во чест на таткото на мецената, Нуритидин и неговата мајка Гајникамал.

Улица 50 години Октомври, бр. 2А, Нориљск, Краснојарски крај.

 Љаља-Тјуљпан


Извор: Lori / Legion Media.

Соборната џамија-медреса „Љаља-Тјуљпан“ е најважниот муслимански центар на Република Башкортостан. Изградена е од прилози на верниците и со поддршка на Владата на Републиката.

Оваа џамија го привлекува вниманието со својот необичен изглед. Обликот и бојата на централното здание потсетуваат на расцутено лале, а минарето на две пупки. На тоа и укажува името на џамијата. Овој облик не е избран случајно. Лалето од дамнина се смета за симбол на турските народи. Според башкирската легенда, во пупката на лалето се наоѓа среќата. Љаља-Тјуљпан може да прими до 1.000 верници, а нејзините минариња, високи 53 метри, се трети по висина во Русија, по минарето на џамијата „Срцето на Чеченија“ (63 метри) и на џамијата Кул Шариф (57 метри).

Улица Комаров, бр. 5, Уфа, Република Башкортостан. 

Сунитската џамија (Џамијата на Мухтаров)



Извор: Lori / Legion Media.

Сунитската џамија (или џамијата на Мухтаров) на левиот брег од реката Терек е еден од симболите на Владикавказ, престолнина на кавкаската република Северна Осетија – Аланија. Изградена е во периодот меѓу 1905 и 1908 година. Најголем прилог за нејзината изградба дал нафтениот магнат од Баку, милионерот Муртуза Мухтаров, чија жена била по потекло од Владикавказ. Зданието е подигнато во египетски стил и потсетува на прочуената џамија Ал-Ахзар во Каиро. Изградена е од бел камен донесен од околината на Баку.

Советскиот градски совет во 1934 година донел одлука за уривање на Сунитската џамија. На оваа одлука ѝ се спротивставил командирот на 25. татарска чета Ј. И. Бектенев, кој им наредил на своите војници да ја бранат џамијата со оружје. Властите морале да попуштат и да ѝ доделат на џамијата статус на споменик на архитектурата.

Улица Коцоев, бр. 62, Владикавказ, Република Северна Осетија – Аланија. 

Санктпетербуршката „сина“ џамија


Извор: Lori / Legion Media.

Изградбата на Санктпетербуршката џамија ја започнал емирот Сеид-Абдул-Ахат-кан, владетел на Бухарскиот емират, кој од 1868 година се наоѓал под протекторат на Руската Империја. Со оглед на тоа дека за време на владеењето на царот Александар Трети територијата на централна Азија станала дел од Руската Империја, власта решила на овој начин да покаже почит кон муслиманската заедница, која во тоа време во Санкт Петербург броела над 8.000 луѓе. Кога во 1913 година била завршена изградбата, џамијата станала најголемиот храм во Русија. Таа може да прими до 5.000 верници, има две минариња високи 49 метри и купола, која достигнува висина од 39 метри.

Куполата на Санктпетербуршката џамија речиси е идентична со мавзолејот Гур-Емир во Самарканд од 15 век, во кој се наоѓаат посмртните останки на азискиот освојувач Тамерлан и на неговото семејство.

Кронверкски проспект, бр. 7, Санкт Петербург. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.