Дали навистина постоел Гогољовиот Пљушкин?

Russia Beyond (Photo: Pyotr Boklevskiy; Public domain)
Јунакот на Гогољовите „Мртви души“, земјопоседникот Степан Александрович Пљушкин, бил голем скржавец, носел маслосан и искинат пењоар и довлечкувал дома сè што ќе му паднело в раце, дури и ако тоа била стара канта или ‘рѓосана шајка.

Пљушкин. Цртеж на А. А. Агин

Постојат мислења дека Николај Василиевич Гогољ во ликот на својот јунак го прикажал познатиот историчар Михаил Погодин и дека дури и на имотот на својот скржав херој му дал сличност со куќата и градината на Погодин.

Михаил Петрович Погодин, портрет направен од Василиј Перов

Постојат и други верзии за тоа кој послужил како прототип на ликот од „Мртви души“. Според една од нив, Пушкин му раскажувал на Гогољ за трговецот Пљушкин, чие име наводно го видел во продавница додека патувал низ Валдај. Презимето совршено му одговарало на ликот, па Гогољ, според оваа верзија, го искористил.

Би се рекло дека тоа е неважен детаљ, но неколку години по објавувањето на првиот том на „Мртви души“, сопственикот на продавница во Валдај добил син кој станал вистински Гогољов Пљушкин, но во позитивна смисла. 

Ф. М. Пљушкин со синот и нивната колекција

Имено, Фјодор Михајлович Пљушкин собрал една од најголемите приватни колекции во Русија. Го интересирало буквално сè: ракописи, икони, медали, слики, личните работи на Суворов, поштенски марки. И не му пречело тоа што покрај навистина вредни предмети имало безначајни копии. За четириесет години, неговата колекција имала близу еден милион предмети!

Колекцијата можеле да ја видат сите. Пљушкин во својата куќа во Псков отворил музеј. Планирал да го продаде за 200 илјади рубли на Императорскиот руски музеј „Александар III“, но тоа не се случило. По смртта на Фјодор Пљушкин, неговата колекција ја купил царот Николај II за 100 илјади рубли. Денес се чува во Ермитаж, Рускиот музеј и Етнографскиот музеј, а дел од предметите сé уште се наоѓаат во Псков.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња