Што е Сретение?

Култура
ГЕОРГИЈ МАНАЕВ
Што е карактеристично за овој празник во православието и во словенските народни обичаи?

Сретение Господово е празник кој во старо време бил посветен на Пресвета Богородица, а во современото православие се вбројува меѓу Господовите празници, т.е. посветен е на Господ Исус Христос. Кој настан го слават православните христијани на овој ден?

Сретение во православието

Зборот „сретение“ значи „средба“. 

На четириесеттиот ден по раѓањето на Исус, Јосиф и Марија го однеле детето во Ерусалимскиот храм. Четириесет дена по раѓањето, првороденото машко дете според законот требало да се посвети на Бога во храмот и да се принесе жртва (богатите принесувале едногодишно јагне, а сиромашните две грлици или две гулапчиња). Праведниот Јосиф понел две гулапчиња.

Во храмот, младенецот Исус бил пречекан од Симеон Богопримец, свештеник кому според преданието однапред му било кажано дека нема да умре додека не го види Христос. Тој веќе бил многу стар (имал преку 300 години) и одамна го чекал доаѓањето на Исус. Препознавајќи го во детето ветениот Месија и земајќи го во своите раце, тој рекол: Сега го отпушташ својот слуга со мир, Владико, според зборовите Твои; зашто очите мои го видоа спасението Твое; што си го приготвил пред лицето на сите народи: светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израилот“. Симеон ѝ објаснил на вчудоневидената мајка на Исус дека детето што сега лежи ќе собори и подигне многумина во Израил и ќе биде „знак против кој ќе се зборува“.

Меѓутоа, Сретение е пред сé радосен настан. Православието учи дека човештвото преку старецот Симеон тој ден се сретнало со Бога. Според преданието, во храмот тогаш била и пророчицата Ана, 84-годишна вдовица која исто така го препознала Христос и со радост почнала да им кажува на сите во Ерусалим за неговото доаѓање.

Според правилата на православното богослужение, за време на богослужбата на Сретение мора да се осветат посебни „сретенски“ свеќи. Тие се главниот симбол на празникот и симбол на божествената светлина што Христос ја донесе на светот со своето доаѓање. Свеќите имале посебно значење и во „народното“ празнување на Сретение.

Сретение во народните обичаи

Како и многу други православни празници, Сретение имало двојно значење меѓу руските селани, засновано на името на празникот „сретение, средба“. Имено, тој ден народот го доживувал како средба на зимата и летото.

На Сретение не чинело да се напушти домот или да се почне некаква нова работа. Но, затоа следниот ден, 16 февруари, било „Починки“ (на староруски „почетоци“), т.е. селаните станувале во мугрите и ги почнувале подготовките за новата земјоделска година - ги проверувале алатите и плуговите, па затоа се кажувало: „На Починки дедо станува штом осамне и ги поправа летните амови и стогодишното рало“.

Денот на Сретение ја симболизирал целата година што следи. Колку е потопол празничниот ден, толку поубаво ќе биде времето во текот на целата пролет. Селските деца се собирале на рид и го „молеле“ сонцето да ѕирне од облаците. Доколку облаците навистина се разидувале, тоа се сметало за добар знак и дека годината ќе биде топла.

Народното верување ѝ припишува посебна моќ на „сретенската вода“ која ноќта спроти Сретение ја црпеле од дупка направена во мразот. Се сметало дека е лековита, исто како и богојавленската. Со таа вода селаните ги посипувале болните членови на семејството и болната стока, ја пиеле и со неа ги капеле своите деца.

На сретенските свеќи осветени во црквата им се припишува и заштитна моќ. Во западнословенските верувања, тие биле наречени „громници“ затоа што се верувало дека ги бркаат нечистите сили и ја штитат куќата од бури и громови. Руските селани ги чувале сретенските свеќи во свечениот агол на полицата со икони и ги палеле во важни моменти за време на семејната молитва.