- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
1. Роман за Сатаната и Бог
„Мајсторот и Маргарита“ е всушност роман во роман. Во суштина паралелно се претставени две сижеа: првото ја прикажува посетата на Сатаната на Москва во 1930-тите. Тој се претставува како професор Воланд, стручњак за црна магија од странство. Тој се среќава со разни советски писатели и функционери и дури е изненаден од тоа како размислуваат некои од нив. Придружбата на Воланд се состои од вештерка, голем мачор што зборува и уште два демона кои ги користат нечистите сили за да ги казнат или мамат луѓето.
Вториот заплет е всушност ракопис на романот што го напишал главниот лик - Мајсторот. Тој, сосема несоодветно за раната советска ера, пишува роман за Исус (кого го нарекува Јешуа Ха-Ноцри), неговото судење и неговите последни денови, вклучувајќи го и распнувањето.
2. Романот е напишан од еден од најталентираните руски писатели на ХХ век и содржи бројни автобиографски детали
Како што романот за Јешуа и Пилат е животно дело на Мајсторот, така и романот за Мајсторот и Маргарита е животно дело на Михаил Булгаков.
Писателот работеше на него од 1928 година до неговата смрт во 1940 година и не доживеа да го види неговото објавување.
Романот содржи бројни автобиографски детали: проблемите што Мајсторот ги доживува со романот Булгаков ги доживеал со своите книги, како и борбата со советската цензура. Како и Маргарита, саканата сопруга на Булгаков Елена, била мажена за угледен граѓанин, но исто така го оставила за сиромашен писател, жртвувајќи сè и посветувајќи му го целиот свој живот (а по неговата смрт грижејќи се за неговото наследство).
Истражувачите на делото на Булгаков сметаат дека Елена била таен агент на КГБ, дека Булгаков можеби го знаел тоа и се обидел да ја оправда во својот роман. Како да потпишала договор со „нечистите сили“ за да го спаси од затвор.
3. Романот беше долго време забранет, но кога беше објавен, предизвика сензација
Имаше мали шанси романот да биде објавен во СССР поради натприродните сили што ги прикажува, алузиите на Библијата, прашањата за Бог и ѓаволот и очигледната критика на сметка на советското општество.
Првата многу скратена и цензурирана верзија се појави дури во 1967 година, повеќе од 25 години по смртта на писателот. Меѓутоа, комплетната верзија беше објавена во странство, а се ширеше распространета илегално во СССР преку „самиздат“, односно приватно печатени примероци.
Во 1973 година во Советскиот Сојуз конечно беше објавена комплетната верзија на романот, привлекувајќи огромно внимание на јавноста.
4. Еден од омилените романи во Русија
Откако романот беше официјално објавен во Русија па сé до денес, анкетите покажуваат дека „Мајсторот и Маргарита“ е една од омилените книги на Русите.
Таа навистина ги има сите предиспозиции за толку голема популарност: возбудлив и неизвесен заплет, исклучителна смисла за хумор и куп духовити фрази кои во рускиот јазик заживеаја како афоризми и изреки.
Конечно, Булгаков ја исмева советската реалност, прикажувајќи ја на метафоричен начин, а луѓето читаат меѓу редови и го пронаоѓаат вистинскиот приказ на животот.
5. Невозможно е овој роман комплетно да се адаптира за филм или театарска сцена
Ниту една театарска или филмска адаптација на романот не се смета за доволно успешна. Покрај тоа, романот се здоби со репутација дека носи лоша среќа, бидејќи секогаш кога луѓето почнуваат да работат на негова адаптација се случуваат разни тешкотии и несреќи. Некои актери сериозно се разболеа, а неколкумина починаа набргу по снимањето, додека административните проблеми непрекинато ја опседнува секоја продукција.
Затоа топло ви препорачуваме да го прочитате романот и да ја искористите сопствената имагинација за да доловите сè што е напишано во него.