Од дамнешни времиња луѓето се обидувале да ја спознаат природата и движењето на небесните тела. Уште во древен Вавилон небесниот круг го делеле на 12 делови кои одговараат на знаците на Хороскопот. Во текот на годината Сонцето минувало низ овие соѕвездија и секој од овие периоди носи определена симболична смисла.
Стара Русија ја запознала астрологијата преку Византија, чии пратеници за првпат зборувале за тоа дека постојат извесни „добри“ и „лоши“ денови. Главно тоа се однесувало на водењето домаќинство и на секојдневниот живот. „Изборникот на Свјатослав од 1073 година“ е првиот документ во Стара Русија, меѓу оние што се зачувани до денес, во кои постојат информации за знаците на Зодијакот и нивните прикази. Во суштина тоа е енциклопедија на 11 век која зборува за христијанството, моралот, математиката и природата. Меѓу другото, во Изборникот е објавен превод на текст на Јован Дамаскин за системите на календарот, а како илустрација на маргините се прикажани знаците на зодијакот.
Христијанската црква официјално била против астрологијата. На библиското учење му противречи принципот според кој судбината може да се предвиди, зашто таа му е позната само на Господ. Црквата не одобрувала ниту други суеверија, ниту опишување типови луѓе според астрологијата.
Меѓутоа, како што Стара Русија развивала врски со Европа, каде што астрологијата и хороскопските знаци веќе биле популарни, учењето за нив започнало да се шири. Особено тоа дошло до израз во книгите. На пример, во 1494 година отпечатена е руска верзија на познатата грчка „Христијанска типографија“ на Козма Индикоплов. Оваа книга претставува еден од првите христијански описи на светот. Во неа, меѓу другото, се наоѓа и опис на уредувањето на небесните тела на и на кругот на зодијакот.
Во втората половина на 17 век под влијание на Европа се формирала дворска култура. Астрологијата и хороскопите се по предвидувања продирале сѐ подлабоко во сите сфери на рускиот живот, за нив се заинтересирал дури и царот Алексеј Михајлович. Сонцето и знаците на зодијакот го краселе и таванот на неговиот Коломенски дворец во Москва, изграден во 17 век. Самиот дворец не е зачуван, но приказот на таванот е објавен во 1881 година во Атласот „Руски народни слики“, што го објавил Дмитриј Ровински.
Зачуван е и опис на таванот, а во 2011 година во реконструираниот Коломенски дворец се појави реплика на овој мурал.
Иако астрологијата и зодијачките знаци се коселе со ставовите на православната црква, постепено продреле дури и во „Месецословот“, посебен календар во кој се наведени црковните и народните празници, како и обичаите и предзнаците повразни со природата и со домашниот живот. Ова, на пример, е една страница за знакот Вага во Месецослов од 17 век.
Во времето на Петар Први интересирањето за астрологијата само пораснало. Неговиот соработник Јаков Брус го составил познатиот „Брјусов календар“ кој бил наменет за следните 200 години. Тука се наоѓале информации за црковните и за државните празници, како и најразлични податоци, вклучувајќи астролошки и земјоделски. Овој календар го читале селските свештеници, ситните спаии, занаетчиите и трговците. Во него се наоѓале совети за тоа кога е најдобро да се стриже и да се занимава со трговијата во зависност од месечевите мени. Календарот содржел и судбински претскажувања и описи на карактери според знаците на зодијакот.
„За занимавање и забава на општеството“ во 18 век се објавени книги под називот „Планетник“ и „Зодијачник“. Во нив немало илустрации, но тие содржеле детални описи на карактерите на луѓето родени под покровителство на определена планета, како и карактеристики на знакот на Зодијакот. Еве што, на пример, се наведува за стрелците: „Оној што се родил во овој знак, ќе биде красноречив, ќе има широко лице и црвени очи, широки рамена, рамна коса, бенка на градите или на челото, ќе има праведeн и весел нарав“. За овните се вели дека се „добри и дружељубиви“ по карактер, лавовите се „храбри и нескротливи“, а јарците „многу ветуваат, но малку даваат“. Сѐ на сѐ, ова потсетува на современиот опис на знаците.
Симболите на зодијакот продреле и во народните занаети. Погледнете ја внатрешната страница на поклопецот на сандакот „Годишни времиња“ направени на Рускиот Север кон крајот на 18 или почетокот на 19 век. Освен народните прикази на годишните времиња, тука се наоѓаат и знаци на зодијакот, коишто симболизираат природни стихии. Долу е стрелецот – оган, десно јарецот – земја, горе близнаците – воздух, а лево скорпијата – вода (очигледно рускиот уметник кој никогаш го немал видено овој егзотичен инсект, ја прикажал скорпијата како непознат створ со широка опашка).
Знаците на зодијакот интензивно продреле во ентериерот на разни општествени слоеви: уште во 18 век се правеле држачи за хартија во облик на рак, вази со риби и статуи со лавови во техника на гжељска керамика. Симболите се појавиле и на насликаните керамички плочки нa печките. Ова се, на пример, две глинени плочки од 18 век со приказ на водолија. На едната стои: „Создавам забава“.
Посебно приказите на зодијачките знаци биле чести меѓу староверците кои не почитувале никакви прописи на официјалната црква. Тие издавале илустрирани календари-месецослови со „Пасхалија“, односно систем календарско-астрономска пресметка на црковните празници.
Тука можете да видите страница од староверски месецослов од 1836 година со знакот риба кој го означува крајот на зимата.
Печатарот Иван Ситин во 1884 година започнал да објавува календари за народот. Тие се печателе во огромни тиражи и, според зборовите на издавачот, „календарот на луѓето им давал совети за сите ситуации во животот“. Календарите биле привлечно украсени, а различни години на кориците се наоѓало царското семејство, сцени од рускиот живот или историски слики. На кориците во 1915 година се нашла слика на астроном со телескоп и астролошки знаци.
Астрологијата не ѝ пречела ниту на советската власт. Кругот на Зодијакот е прикажан, на пример, на календар од 1919 година.
Зодијакот се појавил и на „Универзалниот стоечки календар“ за 1924 година што го има објавено државен издавач.
Изложбата „Во знакот на зодијакот. Споменици на културата од најстарите времиња до нашите денови од колекцијата на Историскиот музеј“ се одржува во Историскиот музеј во Москва од 13 декември 2023 година до 11 март 2024 година.