Брјусовиот календар: Зошто Русите го поврзувале со вештерство и нечиста сила?

Государственный Эрмитаж/Public Domain
На мнозинството луѓе во царска Русија оваа книга не им била достапна. Меѓутоа, гласините и нагодувањата за нејзината содржина со векови го копкале и го вознемирувале неписменото селанство.

На почетокот на 18 век во Русија се појавил „мистичен“ календар кој содржел астролошки прогнози за различни зодијачки знакови, предвидувања за судбината на државата и податоци за тоа која планета управува со тековната година.

Очигледно ова издание било направенo по углед на европскиот календар со слична содржина кој во 17 и во 18 век во Европа се издавал во огромни тиражи и бил мошне популарен.

Овие календари не го покажувале само датумот. Содржеле и метеоролошки, астрономски и астролошки прогнози, медицински совети, важни религиски празници и датуми на одржување панаѓури. Во Русија постоело само едно издание од овој вид. Тоа бил Брјусовиот календар, кој кај народот послужил како повод за појавување голем број гласини, предрасуди и легенди.

Европските календари и рускиот маг

Календарот називот го добил според човекот што го објавил. Јаков Брјус бил еден од најважните доглавници на Петар Велики. Царот го ценел пред сѐ поради неговото образование. Јаков се разбирал во математика, во астрономија, во воена доктрина, го проучувал англискиот образовен систем и законите за време на таканаречената „Голема амбасада“ – дипломатското патување на Петар Велики во странство.

Јаков Брјус

Тоа што Јаков бил учен човек било повод за појава на голем број легенди кај народот. Се зборувалo дека куршумите се одбиваат од него, дека направил вечен часовник, дека од цвеќе создал жив човек, дека непогрешливо предвидува временски услови и дека може стар човек да го престори во млад. Митската свест и необразованоста на поголем дел од жителите го спречуваа народот да сфати со што всушност се занимава Јаков. Во расказот „Арапинот на Петар Велики“ рускиот писател Александар Пушкин пишува дека овој научник кај народот бил познат како „руски Фауст“. Но занимавањето на Јаков со наука не била единствената причина за настанувањето на бројни легенди поврзани со него. Брјусовиот календар, кој го добил името по него, во голема мера придонел за тоа.

Ваквиот вид календари биле познати во Европа од 12 век. Тие имале облик на џебна книга или на пергамент свиткан неколку пати. Освен самиот календар, ваквите изданија често содржеле: совети во врска со исхраната и со здравјето, временски прогнози, совети за земјоделството, астролошки предвидување, десетте заповеди и седумте смртни гревови. Календарот бил еден вид голем универзален прирачник, иако некои примероци биле толку мали што можеле да се стават на појасот (вакви примероци обично користеле лекарите). Календарите биле толку популарни што во Англија во 17 век по тиражот заостанувале само зад Библијата, додека кон средината на векот годишно се печателе околу 400.000 примероци. Брјусовиот календар се појавил дури на почетокот на 18 век и бил единствено издание од ваков вид на руско тло.

Предвидување на временските услови и астролошки прогнози

Во 1706 година отворена е Московската граѓанска печатница која била под надлежност на Артилериската управа на чело со Јаков Брјус. Тој не раководел со печатницата, но ги цензурирал делата што ќе се печатат, определувајќи го нивниот тираж, и бил уредник на изданијата. Меѓу испечатените изданија се најдоа неколку календари: едниот содржеше податоци за изгревањето и за заоѓањето на сонцето, друг за православните празници, додека третиот и четвртиот содржеа астролошки прогнози. Јаков немал никаква врска со пишувањето на календарите и бил на првите страници наведен токму како издавач, нo календарот, заснован на четирите споменати помали календари, наречен е „Брјусов“ за поголема продажба. Имено, научникот бил исклучително популарна личност и неговото име ги привлекувало купувачите.

Календарот се печател неколку пати и бил копија на оригиналното издание со незначителни дополнувања. По реизданието на календарот наменет за периодот од 1800 до 2000 година Јаков Брјус во свеста на народот дефинитивно стекнал репутација на црн маг. Имено, во календарот се наоѓале предвидувања за секоја година: во што ќе има човек среќа, што ќе се случи на државно ниво, карактерот на луѓето во зависност од зодијачкиот знак. На пример, Бикот е опишан на следниов начин: „...фалбаџија, достоинствен, смел, лукав, способен за наука; жените се лути, кавгаџики, заљубливи и љубопитни, ќе го надживеат првиот маж. Ако Бикот ја преживее дваесетта година, може да доживее 77 години“.

Предвидувањата се наведувале за неколку години одеднаш, при што еден циклус траел 28 години. На пример, ако нешто е претскажано за 1802 година, тоа би се однесувало и на 1830, на 1858 и така натаму. Еве што, на пример, предвидува Брјусовите календар за оваа година: „Голема промена во некоја позната Држава; нов вид владеење во некоја република; славна битка, голем владетел доаѓа на престолот“.

\

Исто така, за секоја година е дефинирана „владејачката планета“ од која, наводно, зависеле временските услови, приносите, епидемиите и природните катаклизми. На пример, годините под владеењето на Сатурн се сметале за непогодни: „Познавачите на ѕвездите сметаат дека за време на владеење на оваа планета годината е мошне лоша за народот: доаѓа до глад, до чума, големи студови и многу заразни болести. Луѓето родени во таа година се намуртени, скржави, лоши, злопамтила, но вредни“. Владеењето на Јупитер, од друга страна, се сметало за среќно: „Планетата Јупитер по природа е врела, храбра и се смета за планета на среќата, на науката, на изобилството и на богатството. Родените во оваа година се среќни, верни, сочувствителни и морални, љубезни, побожни...“

Поголемиот дел од селаните биле земјоделци, а за нив од особено значење биле предвидувањата за приносите и временските услови. Меѓутоа, во селската средина календарот се проширил подоцна, кога издавачот Иван Ситин од 1896 година започнал да ги користи податоците од Брјусовиот календар за објавување годишни календари. Овој календар не бил толку мистичен и со оглед на непостоењето директни врски и пристапи до информации преку телефон и Интернет, можел навистина да биде корисен во практичниот живот. Селаните го нарекувале „Брјусов“ и врз основа на него знаеле кога треба да ги извршуваат полските работи. Во календарот постоел дел со куси податоци за православните празници. Таму можело да се најде и список на сите установи кои даваат краткорочни кредити и кои даваат основна помош. Календарот имал вкупно 15 сегменти и 504 страници.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња