Јунакот од книгата на Аркадиј Гајдар, објавена во 1940 година, со децата од викенд населбата организираше екипа за помош на постарите и семејствата чии членови служат во Црвената армија. Една од неговите главни задачи е да го превоспита хулиганот Мишка Квакин, кој со другарите краде овошје.
Романот „Тимур и неговата дружина“ беше многу популарен во СССР. Токму оваа книга на Гајдар го инспирираше движењето на „Тимурци“, ученици-пионери кои се занимаваа со волонтерска работа за време и по Втората светска војна, помагајќи им на старите лица и семејствата со деца, а воедно се грижеа и за гробовите на загинатите. Доживувањата на Тимур продолжија во романите на Гајдар „Командантот на снежната тврдина“ и „Тимуровата заклетва“.
Главниот лик на книгата на Виктор Драгунски „Приказната на Денис“ имаше реален прототип во синот на писателот Денис. Во книгата, тој живее со своите родители во Москва кон крајот на педесеттите и шеесетите години и постојано запаѓа во разни смешни ситуации. Еднаш го фрла појадокот низ прозорец и, се разбира, набргу на вратата му се појавува човек кого го погодила кашата; друг пат се крие под креветот на сосетката за време на криенка-миженка и замислува како поминал таму дваесет години и како ја плаши кутрата старица; а во една прилика организирал напад врз Белогардејци за време на кино-проекција на филм за војната. Драгунски напиша над шеесет раскази за Денис Корабљов, кои често се беа екранизирани.
„Тешкиот живот на Иван Семјонов, второодделенец и повторувач, полн со несреќи и опасности“ на писателот Лев Давидович беше вистински хит од шеесеттите до осумдесеттите години на минатиот век. Снаодливиот херој пишува писмо до Министерството за финансии во кое бара да му се даде пензија, се преправа дека е бела мечка одејќи на сите четири и фаќа шпиони. Сè на сè, тој води богат живот на момче со бујна фантазија кое не сака да учи. Меѓу изобилството на идеализирани ликови, Семјонов изгледаше многу реалистично, како комшијата од дворот да ви раскажува за своите авантури.
Ликот на љубопитното девојче од иднината го измисли писателот на научна фантастика Кир Буличев. Заедно со нејзиниот татко, таа тргнува во потрага по егзотични животни и спасува капетан на вселенски брод од неволја, патува назад во времето и фаќа вселенски пирати, ги запознава жителите на Добата на легендите во која постојат волшебници и змејови, и ја спасува Земјата од вирусот на лудило. Денес би се рекло дека Алиса е суперхерој: таа е одлична спортистка, а освен тоа, знае да најде заеднички јазик со сите, и со птицата што зборува и со Коља Герасимов од обично училиште.
Доживувањата на Јура Баранкин и Коста Малинин, јунаците од книгата на Валериј Медведев „Баранкин, биди маж!“, започнуваат кога двајцата ќе добијат единица по геометрија. Другарите се засрамени од лошиот успех на училиште и главниот лик одлучува дека му е доста од тоа да биде човек. Измислува баење кое него и неговиот пријател ги претвора во врапци. Меѓутоа, животот на птиците се испоставува дека е полн со опасност. Уште неколку пати Јура и Коста го кажуваат баењето за да се претворат во пеперутки и мравки, но сфаќаат дека на светот нема безгрижен живот и се враќаат во човечки облик.
Автобиографски роман за детството на Лав Касиљ и неговиот брат Јосиф ги носи читателите во измислениот свет на Швамбранија, која води војна против Балвонија и Калдонија. Љола таму е цар, а Осја е поштар. Земјата на безгрижното детство во која сè е како во романите на Жил Верн, станува засолниште за двајца браќа од Покровск, додека во реалниот свет се случува револуција. Кај нив во Швамбранија сè си оди по својот ред. Но, со текот на времето, границата меѓу обичниот и измислениот свет станува сè потенка и потенка, додека, конечно, Швамбранија не исчезне.
Јунакот на романот на Анатолиј Рибаков - Сергеј Крашениников, наречен Крош, е борец за правда. Тој решава случај на кражба во претпријатие за поправка на автомобили, исчезнување на јапонски фигурини, се обидува да го утврди идентитетот на непознат војник. Неговите доживувања се многу обични и во исто време по малку наивни, што им дава посебен шарм.
Аљоша Сергоглазов по прекар Двечанти и неговото куче Киш се хероите на истоимениот роман на Јуз Алешковски. Аљоша е прво одделение и се обидува да го тренира кучето што татко му му го купил на Птичјиот пазар. Прекарот го добил затоа што е најмал во класот, висок само две училишни чанти. Но, тоа не го спречува да најде пријатели, а неговите родители – строга мајка и безгрижен татко – го поддржуваат во сите ситуации.
Професорот Громов создава андроид кој изгледа како 12-годишно момче и поседува извонредни интелектуални и физички способности. Покрај тоа, јунакот на романот на Евгениј Велтистов Електроник сонува да стане човек. Еднаш бега од професорот и го запознава Сериожа Сироешкин, чиј изглед Громов го позајмува за својот изум. Наместо него, Електроник оди на училиште, добива петки, не знаејќи дека криминалците му се зад петици..
Сомбреро на главата под кое стрчат црвени локни, светложолти панталони, зелена вратоврска и портокалова кошула - овој впечатлив изглед на момчето го прави Незнајко лесен за препознавање насекаде. Тој е како сите деца: хиперактивен, немирен, а притоа храбар и бистар. Не знае многу нешта, сака да се фали и се однесува, сè на сè, како обично седумгодишно дете.
Првиот расказ на Николај Носов за Незнајко е објавен во 1954 година. Во него читателите се запознаваат со јунакот и неговите пријатели, другите жители на Цветниот Град, Винтик и Шпунтик, Тјубик и Пиљуљкин. Незнајко патува со своите другари во Сончевиот град, па дури и на Месечината, а неговите доживувања продолжуваат и во текот на XXI век. Имено, писателите Светлана Осеева и Петар Солотки напишаа расказ за неговите вселенски патувања.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче