10 најдобри советски филмови за деца

Киностудия им. М. Горького
Советскиот Сојуз се однесуваше грижливо кон образованието на новите генерации. Филмовите за деца и тинејџери имаа задача на идните градители на комунизмот да им ги всадат вистинските вредности.

1. Кралството на кривите огледала (1963)

Бајка за тоа како непослушното девојче Оља оди директно од својот стан во волшебниот свет зад огледалото, каде што го среќава своето алтер его по име Јало (што е обратно читање на името Оља на руски). Во тој свет сите имиња се обратни: кралот се вика Јагупоп (што е обратно од рускиот збор Попугај - папагал), а негови главни министри се Абаж (Жаба) и Нушрок (Коршун - луња). Оља и Јало се сретнуваат со злото и разни пречки обидувајќи се да спасат момче по име Гурд (Другар).

Откако успешно ќе се врати дома, Оља ѝ кажува на баба си дека се видела од страна и дека отсега убаво ќе се однесува.

Филмот можете да го погледнете овде.

2. Добредојдовте или забранет влез за неовластени лица... (1964)

Лето е во пионерскиот камп. Строгиот директор Дидин ги почитува сите правила (дури и апсурдните) и за еден прекршок го исфрла пионерот Костја од кампот. Но, момчето не заминува, туку тајно живее под трибините, каде што го посетуваат другарите. За тоа време целиот камп се подготвува за концерт по повод денот на родителите...

Комедијата на Елем Климов наиде на сериозна цензура поради нејзиниот претерано сатиричен однос кон реалноста (дури и пченката специјално култивирана од Никита Хрушчов беше исмеана во филмот). Меѓутоа, филмот многу му се допадна на Хрушчов и тој лично дозволи да се прикажува во кино. Денес ова е еден од омилените филмови за сите оние кои пораснале во СССР и најсмешната комедија за пионерските кампови.

Филмот можете да го погледнете овде.  

3. Морозко (1965)

Филмот по мотивите на народната бајка за Морозко донекаде потсетува на заплетот во Пепелашка. Злобната маќеа не ја сака Настењка, скромната убавица, ќерка на нејзиниот сопруг од првиот брак. Но затоа ја задоволува секоја желба на сопствената разгалена ќерка Марфуша и сака да ја омажи за убавиот Иван на кого му се допаѓа Настењка.

Маќеата му наредува на сопругот среде зима да ја однесе Настењка во шумата за да девојката замрзне. Но, ја спасува Дедо Мраз, кој се шета во шумата и се изненадува што девојката на прашањето „Дали ти е топло, девојче“ скромно одговара потврдно.

Во 1965 година филмот го освои Гран-прито во младинската програма на Венецискиот филмски фестивал, додека подоцна доби државна награда во својата татковина.

Филмот можете да го погледнете овде.

4. Мама (1976)

Овој мјузикл е слободна интерпретација на бајката за волкот и седумте јариња. Додека мајката коза оди да купува, волкот ги зема јарињата и бара откуп од неа. Во главните улоги се појавуваат советските ѕвезди Људмила Гурченко и Михаил Бојарски.

Филмот, снимен во советско-француско-романска копродукција во 1977 година, ја освои специјалната награда на жирито „Сребрен пехар“ на Венецискиот филмски фестивал за деца и млади.

Филмот можете да го погледнете овде.

5. Доживувањата на Буратино (1976)

Овој култен музички филм во два дела е снимен по мотивите на романот на Алексеј Толстој „Златното клуче или Доживувањата на Буратино“, кој, пак, е слободна обработка на „Пинокио“ од Карло Колоди. Вистина, на Буратино, за разлика од италијанскиот Пинокио, не му расте носот кога лаже.

Во филмот се појавува цела плејада познати актери, од Владимир Басов и Ролан Биков до Рина Зељонаја. Музиката за филмот ја напиша познатиот композитор на филмска музика Алексеј Рибников.

Погледнете го филмот овде.

6. Доживувањата на Електроник (1979)

Професорот Громов создава робот со вештачка интелигенција по име Електроник. Тој изгледа како обично момче и оди на училиште каде покажува неверојатни знаења и способност за брзо учење. Електроник дури почнува да искажува чувства и да се дружи со другите деца. Но, крадците го крадат за да го искористат за своите криминални цели.

Ова е култен музички филм денес. Неговите песни се исклучително популарни. Еден од најпознатите е „Крилестата нишалка“ на Јуриј Ентин и композиторот Евгениј Крилатов.

Погледнете го филмот овде.

7. Бајка за талкањата (1982)

Во едно измислено кнежевство живее момче по име Мај кое има магична способност да најде злато. Но, секогаш кога ќе ја користи таа способност, силно го боли главата. Затоа сестра му Марта му забранува да го прави тоа и тие живеат во сиромаштија. Еднаш злобниот Горгон го киднапира момчето сакајќи да ги искористи неговите способности во своја полза и тогаш храбрата сестра тргнува во потрага по својот брат, кого го наоѓа по десет години талкање.

Филмот на Александар Мита, снимен во копродукција со Чехословачка и Романија, комбинира елементи на фантастика, бајки, а има и сериозна филозофска смисла. Затоа често се опишува како бајка за возрасни.

Филмот можете да го погледнете овде.

8. Доживувањата на Петров и Васечкин, обични и неверојатни (1983)

Двајца другари пионери - храбриот Петја Васечкин и срамежливиот Васја Петров - се вљубени во девојчето од нивниот клас Маша Старцева. Секој од нив се обидува да ѝ ги покаже своите таленти и да го заземе местото во нејзиното срце (често за сметка на другиот).

„Петров и Васечкин“ беше еден од омилените филмови на сите советски пионери. Комедијата од два дела е полна со музика и песна, како и театарски дела во кои учествуваат деца. Филмот има и продолжение: „Распустот на Петров и Васечкин, обичен и неверојатен“, снимен во 1984 година.

Погледнете го филмот овде.

9. До гледање, Мери Попинс (1983)

Овој мјузикл ги прослави ширум СССР делата на англиската писателка Памела Траверс за необичната дадилка Мери Попинс. Таа е строга, но правична, умее да зборува со птиците и е многу успешна во воспитувањето на децата кои ја гледаат со љубопитност и воодушевеност.

Главната улога ја одигра Наталија Андрејченко, додека песните ги отпеа Татјана Воронина. Филмот на гледачите им даде неколку бесмртни хитови, од кои најпознатиот е „Ветрот на промени“.

Погледнете го филмот овде.

10. Гости од иднината (1984)

Ученикот Коља Герасимов случајно оди сто години во иднината. Се шета низ Москва и ја запознава убавата девојка Алиса Селезњова, ќерка на професор.

Научно-фантастичниот филм од пет дела е заснован на романот „Сто години напред“ од Кир Буличов. Се прикажуваше во кината за време на распустот и веднаш ја освои младата публика. Цела земја беше вљубена во Алиса Селезњова, а песната „Убава далечино, не биди сурова спрема мене!“ стана хит на сите времиња.

Погледнете го филмот овде.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња