Кој е Мурзилка и зошто советските деца толку многу го сакаа? (СЛИКИ)

Национална електронска детска библиотека
Ова бушаво жолто кученце е јунакот на популарното детско списание „Мурзилка“. Првиот број излезе во мај 1924 година и оттогаш списанието редовно излегува без ниту една пауза.

По Револуцијата 1917 година новата болшевичка власт посвети посебно внимание на пропагандата, па затоа беа основани голем број забавни периодични изданија и списанија за работници, војници, селани, жени и, се разбира, за советските деца.

Меѓу првите беше месечниот магазин „Мурзилка“ за мали деца (4-7 години). Еве како изгледаше првиот број, објавен на 16 мај 1924 година.

Списанието го доби името по прекарот на кученцето од расказите на писателот за деца Александар Фјодоров-Давидов. Првиот број започна токму со приказната за доживувањата на симпатичниот мал немирко.

„Кога ќе пораснам и јас ќе бидам болшевик“. (бр. 2, 1924)

Тоа всушност беше детска книшка со кратки раскази на различни теми, вклучително и на тема новата советска реалност со упатства за важноста на првомајските празници, личноста на Ленин и болшевичката револуција.

Деца пред мавзолејот на Лелин (бр. 1, 1926)

За „Мурзилка“ пишуваа најдобрите советски писатели од тоа време: Сергеј Михалков (автор на текстот на советската химна), писателите за деца Агнија Барто, Корнеј Чуковски и Самуил Маршак, и сатиричарите Даниил Хармс и Михаил Зошченко.

Поздрав за 17 конгрес на Сесојузната комунистичка партија (бр. 1, 1934)

На почетокот „Мурзилка“ всушност беше додаток на весникот „Рабочаја газета“ (Работнички весник). Во тој весник на ист начин се објавуваа и многу други списанија, кои со текот на времето станаа култни: илустрираното списание „Крокодил“, женското списание „Работница“ (Работничка) и „Советски екран“, списание посветено на филмот.

Во јули 1937 година во списанието се појави сосема нов лик на Мурзилка. Сликарот Аминадав Каневски нацрта жолтеникаво суштество со црвена беретка и шал и со фотоапарат преку рамо.

Новиот изглед на Мурзилка (бр. 7, 1937)

Мурзилка во 1941 година беше прикажуван и како момче со  мозгалка.

„Кој ја влече колата на Мурзилка“ (бр. 7, 1941)

„Мурзилка“ од 1941 година го презеде издавачката куќа „Молодаја Гвардија“ (Млада гарда), и оттогаш списанието е посветено на деца на возраст од 6 до 12 години.

Новиот изглед на списанието (бр. 5, 1941)

Списанието редовно излегуваше и за време на Втората светска војна. Објавуваше поучни приказни за херојство, пионерски бајки и слично.

Радосна средба на војник и партизан (бр. 1-2, 1942)

И, се разбира, темата на војната беше изразено застапена. Списанието пишуваше за тоа како децата ја делеа својата облека со оние кои во војната останаа без покрив над главата и изнесуваше животни приказни на деца кои останале без родителите, а кои Црвената армија ги спасила.

Ѕвездичките значат соборени авиони (бр. 10, 1942)

Списанието „Мурзилка“ во 1945-та ја славеше победата над нацистите.

Слава ѝ на Црвената армија (бр. 6, 1945)

Во списанието беа објавувани и приказни за советски знаменитости, фотографии на градови и сл.

Театарот „Бољшој“ во Москва (бр. 3, 1950)
Бронзениот коњаник во Ленинград (бр. 5, 1950)

Беше истакнувана и важноста на образованието.

Советското дете мораше да знае како да се однесува, т.е. дека треба да биде дружељубиво и да соработува со другите деца во заедничката мисија.

Пролетна „генералка“ и садење дрвца (бр. 4, 1958)

И, се разбира, во 1961 година, на насловната страница на „Мурзилка“ беше прикажан портрет на Јуриј Гагарин, а децата ширум светот како читаат весници за неговиот лет во вселената.

„Чест и слава на првиот космонаут Јуриј Гагарин“ (бр. 5, 1961)

Жолтиот бушавко Мурзилка повторно се појави во списанието во 1959 година и оттогаш се етаблираше како култен симбол.

Од 1960-тите до 1980-тите, тиражот на списанието надминуваше пет милиони примероци (во текот на 1920-тите беше печатено во само 20.000 примероци), така што повеќето деца во СССР имаа можност да читаат сопствен примерок или позајмен од своите другари или во библиотека.

Број посветен на 60-годишнината на Пионерската организација (бр. 9, 1981)

Во списанието имаше многу шарени слики и додатоци кои децата можеа да ги исечат и да ги користат како налепници.

Списанието продолжи да се издава и по распадот на Советскиот Сојуз. И ден-денес излегува. Од основањето на списанието не е пропуштен ниту еден број.

Семејството на Мурзилка (бр. 9, 1991)

Списанието „Мурзилка“ во 2011 година беше внесено во Гинисовата книга на рекорди како „најдолготрајното детско списание“, што е мошне голем подвиг!

„Учењето е сериозна работа!“ (бр. 2, 2002)

Големата дигитална архива во 2015 година стана достапна онлајн, така што сега секој може бесплатно да ги разгледа сите броеви.

Насловната страница на новиот број (бр. 6, 2023)

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња