- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Православната црква се обидела да ги искорени и трансформира паганските обичаи во Стара Русија. Наместо датумите кои биле важни за паганите, биле воведени христијански празници. Меѓутоа, народот на новите празници им ја придодавал старата паганско смисла, па дошло до необична симбиоза на христијанските и паганските верувања.
1. Свјатки
Александар Кондратјук / Sputnik
Свјатки или Кољада е празник што првично се одбележувал на 22 декември. Тоа е денот на зимската краткоденица што ја означува промената на годишните времиња и почетокот на зимата. Тој бил заменет со Божик, Христовото раѓање, кое според јулијанскиот календар се паѓа на 25 декември.
Во христијанската ера празниците започнуваат на Бадник, на 24 декември според јулијанскиот календар и траат до Водокрст на 6 јануари (според новиот календар, од 6 до 18 јануари). Овој период се смета за „време без крст“ - најмрачното време од годината. Во тоа време било обичај да се вршат гатања, да се дава помен за починатите, да се вршат обреди со маски, да се пеат обредни песни - кољадки.
Подетално: Некрстени денови: Најмалку светата доба од годината
2. Масленица
Владимир Смирнов / TASS
Кај Словените во паганскиот период неделата Масленица го означувала преминот помеѓу зимата и пролетта, а во христијанството станала Сирна недела. Тој му претходи на Великиот пост - долг период на апстиненција, кој завршува со Велигден. Така што деновите на Масленица се врзани за датумот на Велигден од одредена година.
Масленица е проследена со масовна народна веселба. Разновидни забави имале древно ритуално значење. Борбите со тупаници ја симболизирале борбата меѓу светлината и темнината, палењето страшило од слама било чин на принесување жртва на земјата, а палачинки се печеле, меѓу другото, и за починатите роднини.
Прочитајте повеќе за тоа: Масленица: Како словенски пагански празник стана руски народен празник
3. Иван Купала
Андреј Александров / Sputnik
Во старо време тоа бил празникот на летната долгоденица, кој се паѓал на 24 јуни. Словените го славеле буењето на природата и повикувале богат род. Во христијанството на тој ден се слави Раѓањето на Јован Крстител. Според некои верзии, името „Иван Купала“ е изведено од името на овој светец кој го извршил светиот обред на потопување во вода („капење“) во Јордан, крштевајќи го Исус Христос.
Обредите поврзани со Иван Купала се изведуваат ноќе. Централното место во нив го заземаат водата и огнот. Масовното капење во езерата и реките било задолжително. На бреговите се палеле огнови на „прочистување“ и младите скокале преку нив. Девојките плетеле венци со кои гатале, пуштајќи ги во водата. Народот верувал дека само ноќта пред Иван Купала процветува папратта. Се сметало дека оној што ќе најде нејзин цвет ќе има многу среќа.