Некрстени денови: Најмалку светата доба од годината

Александар Кондратјук/Sputnik
Дури ни Православната црква не можела да ја забрани старата паганска традиција на руските зимски празници. Во овој период духовите и самиот ѓавол би подивеле – исто како и децата!

Некрстените денови (рус. Свјатки) е периодот помеѓу Бадник (6 јануари) и Богојавление (19 јануари). Традиционално Русите низ целата земја во текот на овие две недели се забавувале, правејќи лудории, заборавајќи на работата и славејќи. Но, зошто?

Многу култури на зимскиот сонцестој гледаат како на почеток на новата астрономска година. Од таа точка деновите стануваат подолги, а древните луѓе верувале дека тоа претставувало раѓањето на Новата година. Од друга страна, сметале дека тогаш се определува судбина на годината што следува. Поради тоа некрстените денови ги доживувале толку сериозно.

Русите во тоа време се гоштавале над секоја мера со надеж дека следните 12 месеци ќе бидат плодни. За руските селани кои работеле напорно на полињата во текот на целата година овие празници биле навистина голем одмор.

Страшни вечери

Името „свјатки“ доаѓа од зборот святой (свет), но, иронично, станува збор за најмалку светата, паганска доба од годината. Русите верувале дека периодот помеѓу Христовото раѓање и крштевањето е „време без крст“.

„Бог, радосен по раѓањето на својот син, ги отворил сите врати и ги пуштил вразите да си играат“, вели народната легенда. Во текот на овој период работата била забранета, особено за младите – тие биле зафатени глумејќи ѓаволчиња и духови. Момците (и некои храбри девојки) на себе ставале застрашувачки маски и по селото барале слатки работи. „Ѓаволите“ носеле стари крпи, лажни бради и шилести шешири, гласно пееле и викале и свиреле едноставни инструменти и така ги плашеле селаните. Но, морале да ги примат и да ги понудат со нешто слатко, или за нив годината ќе била несреќна, нешто како Ноќта на вештерките. Но, во Русија, и покрај добиените слатки, со селаните сепак се „погрувале“, обично навечер кога ќе си легнеле.

Во улога на мртви

Се верувало дека во овој период мртвите доаѓале на посета. Наспроти големите гозби како за Божиќ, Нова година и Богојавление, селаните ја тргале храната од масата за и нивните мртви предци да имаат што да јадат. Во многу села бил многу популарно и одржувањето на погреб.

Момче облечено во мртовечка облека со лажни заби од репа и со брашно на лицето (за да личи на мртовец) го врзувале за клупа. Лажен свештеник со глинено кадило исполнето со мешавина од мов и гној би држел лажна миса со „молитви“ (кои се состоеле само од пцости). За време на „бдеењето“ сите учесници добивале парче сув гној. Овој луд обред го симболизирал погребот на изминатата година.

Бесрамни игри

Проблемот бил во тоа што мал број луѓе биле подготвени да бидат домаќини на една ваква бизарна и одвратна свеченост во својата куќа, па така младите често барале некоја стара колиба. Обично во тие колиби во кои можеле да дивеат се играле низа игри. Во една таква игра девојките би глумеле кобили, додека момците би ги разгледувале и би одбрале една; потоа ќе ја бакнеле својата кобила и ќе ја спуштеле на колена. Во друга игра некое момче ќе глумело бик, носејќи глинен сад со вистински рогови и ќе ги бодел девојките под половината, додека друго момче не го „убие“ бикот, кршејќи го садот.

И игрите како што се „венчавка“ или „барин (благородник) избира невеста“ имале нијанси на еротика и вклучувале фаќање и допирање девојки – ваквото однесување се толерирало само за време на некрстените денови, често под будното око на возрасните кои внимавале нештата да не излезат од контрола. Понекогаш се појавувале и момци од соседното село за да позборуваат со девојките, но ако не донеле доволно вотка за да ги омекнат мештаните, ваквиот потфат често завршувал со тепачка.

Гатање

Девојките си имале своја разонода – гатање. Црквата го осудувала овој вид забава, но контактот со оној свет бил дозволен во текот на некрстените денови. Целта на предвидувањето на судбината е да се погоди кој ќе биде нивниот младоженец. Судбината се предвидувала на крстосниците, во бањите и во близина на реките – секаде онаму кадешто наводно се собирале духовите.

Навечер девојките доаѓале во бањите и, ако ги допре влакнеста рака, тогаш нивниот иден маж ќе бил богат, а ако ги допре гола кожа, мажот ќе биде сиромав. Замислете само какви шеги и трикови изведувале момците додека се криеле во бањата!

На полноќ девојките ќе дошле на раскрсници каде би слушале – ако слушнат песна или смеење, нивниот семеен живот ќе биде среќен; ако не слушнат ништо животот ќе им биде исполнет со тага.

Девојките исто така можеле да одат на река и да погледнат во дупка во мраз под месечина – постоела можност дека во ликот на идниот маж да се покаже ѓавол. Важно било девојката со себе да понесе распетие, нож или жарче за да се заштити од злите дуси. Понекогаш девојките со себе носеле и петел кој, ако се исплашат, го штипеле за тој да викне и да го истера ѓаволот.

Кога кражбата не е злосторство

Младите луѓе често се шегувале со своите соседи кога, обично по полноќ, се враќале од своите дружења.

Овие „ѓаволчиња“ ќе се пикнеле во колибите и ги превртувале бурињата со тесто или со вода; би ги валкале минувачите со чад; ги буделе луѓето, чукајќи на нивната врата; им ги мачкале со гној главите на луѓето кои ќе погледнат низ прозорецот за да видат што се случува; краделе ствари и слично.

Понекогаш ваквите лудории знаеле да бидат прилично скапи; оџаците понекогаш се затнувале со ѓубре, а санките и кочиите требало да се довлечкаат од шумата каде ги скриле „ѓаволчињата“. Но, возрасните обично имале разбирање – и тие некогаш биле деца!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња